Познатиот хрватски тенисер и поранешен тренер на Србинот Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ, си нашол нова работа, открива грчка „Газета“. Иванишевиќ наскоро и официјално ќе стане нов тренер на познатиот грчки тенисер, Стефанос Циципас (26).

Гркот своевремено беше трет тенисер во светот, освои 12 титули во кариерата, но, сепак, не успеа да освои грен-слем трофеј. Тој верува дека искусниот Иванишевиќ ќе му помогне, конечно, да го направи тоа. Хрватот ќе се грижи за кариерата на осмиот тенисер во светот по Ролан Гарос, поточно пред почетокот на сезоната на трева, со цел да му помогне максимално да се подготви за Вимблдон. Горан токму таму го постигна најголемиот успех во кариерата.

Грчкиот тенисер веќе извесно време мака мачеше со изборот на тренер. Неговиот татко долго време се грижеше за неговата кариера, а нивната врска и честите тензии на теренот многу го привлекуваа вниманието на тениската јавност.

Иванишевиќ, по разделбата со Ѓоковиќ, кратко време ѝ беше тренер на Елена Рибакина, но по елиминацијата на Австралија опен, под чудни околности, го напушти нејзиниот тренерски штаб.

Паузата од тренерската работа не траеше долго, само три месеци по раскинувањето на соработката со Рибакина, ја прифати понудата од тенисерот што долги години е во топ-10.

Во моментов, Циципас е осми тенисер во светот и деновиве се бори да ја одбрани титулата на мастерсот во Монте Карло.

 

 

ИЗДВОЕНИ