Општина Ѓорче Петров ја воведува услугата „Итно копче“, наменета за поддршка на лицата над 65 години што живеат сами, како и за другите изнемоштени и болни лица на нејзина територија. Услугата вчера беше промовирана од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, кој истакна дека таа се спроведува во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и дека ќе им овозможи на корисниците да добијат итна помош со едноставно притискање на едно копче.
– Со воведувањето на „Итно копче“, ние, како општина, ја зајакнуваме грижата за најранливите категории граѓани. Секој оној што има потреба од помош ќе може да ја добие 24/7, со поддршка од обучени тимови. Оваа услуга ќе биде целосно бесплатна за корисниците од Општина Ѓорче Петров, бидејќи сите финансиски средства за нејзина реализација ги обезбедуваме ние – изјави Стојкоски.
Од Општината велат дека, преку оваа услуга, корисниците ќе имаат можност: да добијат итна поддршка во секој момент кога им е потребна; да бидат во контакт со стручни оператори, кои ќе им дадат насоки за понатамошно постапување; да добијат прва медицинска или психолошка помош, како и транспорт до соодветната здравствена установа, но имаат и бесплатно техничко одржување на аларм-уредот.
Сите жители на Општина Ѓорче Петров што живеат сами и имаат здравствени проблеми, можат да се пријават за услугата на телефонскиот број 076 212 329 или на email: [email protected].