Италијански искуства за решавање на сообраќајните проблеми во Кисела Вода

18

Идентификувањето на сообраќајните предизвици и пронаоѓањето на иновативни решенија за нивно надминување, со посебен фокус на Општина Кисела Вода и поширокото подрачје на Скопје, била главната тема на дискусија на состанокот меѓу претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, со дел од учесниците на конференцијата на тема „Нееднаквости: Италијанскиот дизајн за подобар живот“, организирана од Амбасадата на Република Италија и ITA – Italian Trade Agency Skopje, кои ги претставија своите врвни достигнувања на светско ниво.

На средбата било заклучено дека само преку силна соработка меѓу локалните власти, академската заедница и меѓународните партнери може да се создадат одржливи, паметни и ефикасни решенија кои ќе ја дефинираат иднината на македонските градови.

-На продуктивниот работен состанок во просториите на Општина Кисела Вода присуствуваше Џовани Ботини, извршен директор на италијанската компанија „SYSTEMATICA”, како и професорите од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Огнен Марина и проф. д-р Ана Тромбева-Гаврилоска, заедно со советникот на градоначалникот за урбанистички прашања, Славе Трпески – информираа од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Ѓорѓиевски ја нагласил важноста на ваквата експертиза во контекст на сè поголемите предизвици со кои се соочуваат македонските градови.

-Урбаните средини се менуваат, бројот на возила расте, а со тоа и потребата од добро осмислени решенија. Само преку стратешко планирање и соработка со докажани експерти како „SYSTEMATICA” можеме да изградиме функционален, ефикасен и модерен транспортен систем. Нашата обврска е да донесеме решенија што ќе обезбедат подобар квалитет на живот за сите граѓани – истакна Ѓорѓиевски.

Кога станува збор за решавање на урбаните сообраќајни проблеми, малку компании можат да се пофалат со искуство како „SYSTEMATICA”. Оваа италијанска фирма стои зад некои од најуспешните проекти за транспортно планирање во светот – од Милано, Рим и Торино до Лос Анџелес и Дубаи. Нивниот пристап се базира врз детална анализа на сите можни транспортни решенија, со цел креирање долгорочни, одржливи стратегии кои ја подобруваат функционалноста на градовите.

Во рамки на средбата се дискутирало и за големиот успех на Меѓународниот конкурс за Расадник што го реализираше Општина Кисела Вода.

Italian Design Day е проект на италијанското Министерство за надворешни работи со кој се промовира дизајнот како универзална експресија на „Made in Italy”. Овој ден се одбележува со богата програма од настани организирани од италијанските амбасади низ целиот свет.

 

ИЗДВОЕНИ