Италијанската „Ла тераца“ ќе го обнови Македонско село

679

По 7 години запуштеност,  „Македонско село“ повторно ќе заживее. Комплексот  повторно ќе стане центар на културата, автентичната архитектура и македонска традиција, наскоро ќе се врати на туристичката и културната мапа на Македонија.

Службата за општи и заеднички работи при Владата ја избра фирмата Ла тераце („La Terazza“)  за концесионер комплексот „Македонско село“. Оваа фирма како што истакна директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, се занимава со туризам и угостителство  и ќе стопанисува со комплексот наредните 15 години, a месечно ќе плаќаат 210.000 денари.. Тој денеска ја потпиша одлуката за изборот на концесионерот на комплексот, кој како што истакна е избран на законски и транспарентен начин, по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии.

Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на Комплексот за почеток со работа од 1.6.2025 година.

– После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје. Комплексот „Македонско село“ не функционира речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме, редовно се исплатуваа трошоците за осигурување и обезбедување и практично имаше финансиски загуби од над 300.000 евра. Со изборот на концесионер, правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата – соопштија од Службата за општи и заеднички работи при Владата.

Оттаму нагласија дека со реотворањето на комплексот, ќе бидат создадени услови за поттикнување на развојот на туризмот со што ќе се создадат услови и за зајакнување на локалната економија, отворање на нови работни места, а ќе биде унапреден и туристичкиот капацитет во Скопје што ќе влијае на зголемен број туристи не само во Скопје, воопшто и во земјава.

Комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, се состои од 12 автентични куќи, со простории каде што се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ