
Тренерот на Рома, Клаудио Раниери, по дерби натпреварот против Јувентус (1:1) повтори дека ќе се пензионира на крајот на сезоната, но овојпат засекогаш, објавија италијанските медиуми.
„По седум последователни победи во Серија А, знаевме дека ќе ни биде тешко против Јуве, кој пристигна со менталитетот на Тудор – одлучност, борбеност и вертикален фудбал. Не изненадија, но она што го планираа, одлично го извршија на теренот. Кога конечно излеговме на површина, кон крајот на првото полувреме, Локатели ни даде гол од волеј“.
„Кога ќе сфатите дека не можете да победите, важно е да не изгубите. Се реорганизиравме на полувремето и успеавме да извлечеме реми“, изјави Раниери.
Трофејниот италијански стручњак е познат во фудбалскиот свет по тоа што може да имплементира различни тактички системи за време на натпреварот – од неговите омилени 4-4-2 до 5-3-2, или 3-4-3, па дури и до 3-4-1-2 (т.н. елка), па дури и до 4-2-4. Тренерската кариера ја започна во 1986 година во нисколигашот Вигор Ламеција, додека реномето го стекна во Каљари (1988-1991), кој го водеше од третата лига во Серија А.
Беше тренер на бројни големи тимови, меѓу кои Рома, Наполи, Јувентус и Интер во Италија, потоа Атлетико (М) во Шпанија и Челзи во Англија, но докторската дисертација ја заработи додека го водеше Лестер (2015-2017). Иако беа комплетни аутсајдери, тој ги предводеше „лисиците“ до единствената титула во Премиер лигата (2015/2016). Тоа беше сезона во која се истакнаа централниот напаѓач Џејми Варди и алжирскиот играч за врска Ријад Махрез.
Иако раководеше со бројни клубови, Каљари и Рома секогаш имаа посебно место во неговото срце, а кога минатата пролет го спаси Каљари од испаѓање во втората лига, тоа требаше да биде негово „заминување во пензија“. Сепак, судбината сакаше тој да се врати од пензија бидејќи кон средината на ноември доби повик од Рома, која веќе смени двајца тренери во есенскиот дел од сезоната – си заминаа легендата на клубот Даниеле Де Роси и хрватскиот стручњак Иван Јуриќ.
Како резултат, Раниери ја прероди Рома, која сè уште е, заедно со Аталанта, Болоња, Јувентус, Лацио и Фиорентина, во борбата за преостанатите две места кои водат во Лигата на шампионите следната сезона (лидерите Интер и второпласираниот Наполи се на некоја дистанца).
„Кога ја завршив мојата работа во Каљари минатата година, бев сигурен дека ќе се пензионирам засекогаш. Пристигнаа понуди, но јас ги одбив. Знаев дека ќе се вратам само ако добијам повик од Каљари или Рома. Откако Де Роси беше отпуштен, верував дека можам да здивнам бидејќи Иван Јуриќ го презеде кормилото. Се надевав дека нема да добијам повик затоа што тоа ќе значење дека Рома е во проблеми“.
„Морав да го прифатам повикот на Рома, но им кажав дека по крајот на сезоната се повлекувам – и тоа засекогаш. Како и да заврши ова мое последно патување, јас се држам до него. 35 години патував низ светот поради фудбалот, но никогаш немав време да го видам. Пред да умрам, сакам да видам што има надвор од фудбалот, мислам дека тоа е фер. „Биг Бен отчукува и ми вели дека времето истече“, рече Раниери.