Италијанските власти соопштија дека префрлаат 40 мигранти без дозвола да останат во земјата во италијанските центри за притвор за мигранти во Албанија, пренесоа агенциите.
Се чини дека е првпат една земја од Европската унија да испрати одбиени баратели на азил во земја која не е членка на ЕУ, а која не е ниту нивна ниту земјата низ која поминале на нивниот пат.
Италијанските медиуми јавија дека мигрантите го напуштиле италијанското пристаниште Бриндизи. Италијанската влада не ги објави нивните националности или дополнителни детали.
Мигрантите ќе бидат сместени во мигрантски центри изградени и управувани од Италија лоцирани во пристаништето Шенѓин, 66 километри северозападно од главниот град Тирана и во Ѓадер.
Тие беа изградени за да ги процесуираат барањата за азил од мигрантите пресретнати од Италија во Средоземното Море. Меѓутоа, откако центрите беа отворени во октомври 2024 година, италијанските судови ги спречија властите да ги користат и мали групи мигранти беа вратени во Италија.
Не е јасно колку долго одбиените баратели на азил можат да останат во Албанија. Во Италија, тие можат да бидат задржани до 18 месеци чекајќи депортација.
Италијанската крајнодесничарска влада на премиерkaтa Џорџa Мелони минатиот месец одобри декрет со кој се прошири употребата на центрите за брза обработка на азил во Албанија за приведување одбиени баратели на азил со наредби за депортација.
Иако најавата беше во согласност со неодамнешниот предлог на Европската комисија кој ќе им овозможи на земјите на ЕУ да основаат таканаречени „центри за враќање“, предлогот допрва треба да биде целосно одобрен.
Организациите за заштита на мигрантите и адвокатите велат дека ова го нарушува правото да се бара азил и претставува опасен преседан.