Министерството за транспорт изврши прелиминарна распределба на автобуски линии за кои превозниците на ден 21.11.2024 година аплицираа на огласот за одобрување на возни редови за вршење на меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници.

– Вкупно 163 апликации беа поднесени за нови или промена на веќе постојните автобуски линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот патен сообраќај. Од нив 59 апликации беа за вршење на меѓуопштинскиот линиски превоз на патници и 104 апликации за меѓународен линиски превоз на патници. За меѓуопштински линиски превоз на патници одобрени се 23 апликации, 1 апликација е делумно одобрена и 35 се одбиени, а во меѓународен линиски превоз на патници одобрени се 66 апликации, 5 апликации се делумно одобрени и 33 се одбиени – информираат од Министерството за транспорт и врски.

Според побараните линии, најголем интерес од превозниците на меѓуопштинските линии има за Скопје, Охрид, Куманово, Кичево, Тетово, Гевгелија, Струмица, додека на меѓународните линии за дестинации во Италија, Германија, Австрија, Швајцарија и Албанија, впрочем таму каде што најмногу е распространета македонската дијаспора.

Возачи на меѓународни линии се жалат дека сè помалку има патници во автобусите, што според нив е економски неодржливо и демотивирачки за сите во овој транспортен сектор. Велат дека тоа е одраз на поголемите економски и социјални промени што се случуваат во земјата и светот.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ