Премиерот Христијан Мицкоски најави дека очекува Обвинителството да ја прошири истрагата за автобуската несреќа, во којашто загинаа 16 патници, како и за пожарот во тетовската модуларна болница во која изгореа 14 лица. Досега, во статус на осомничени се 28 лица |
Интензивната и темелната истрага за ужасниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 59 лица, ќе повлече и повторно отворање на истрагите поврзани со пожарот во тетовската модуларна болница, но и со автобуската сообраќајка кај селото Ласакарци. Ова го најави македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој рече дека тоа е потребно за да се расчисти со мафијашките структури во земјава. На синоќешното гостување во централниот Дневник на телевизијата Сител тој рече дека очекува проширување на истрагата за тие случаи, односно, дека ќе биде откриено и сето она што претходно се сокривало и ќе следува целосна одговорност.
-Сите овие случаи одблиску ќе ги следам. Знам во која фаза се и очекувам обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме во кој испитен центар кажале дека тој технички е исправен, кој ја дал да тој испитен центар функционира така што функционира. Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи, таму каде што мислам дека недостасуваат. За сето ова ќе има одговор, ќе има разврска. Нема ништо да оставиме. Јас ви реков тргнавме, нема сега запирање, сега одиме до крај – нагласи Мицкоски во одговорот на новинарско прашање врзано со овие случаи.
Тој додаде дека ова е, практично, битка со мафијата за опстанок.
-Или тие или ние. Во животот постојат две работи, или тој или ти. Не може двајцата да опстанат, или ние ќе опстанеме, Македонија и граѓаните од една страна, или мафијашите. Нема место за двајцата повеќе – беше дециден Мицкоски.
Премиерот претходно рече дека во случајот со истрагата околу ужасниот пожар во Кочани ќе одговараат сите оние што како било придонеле со милиметар да се случи пожарот.
-Ќе има одговорност, без разлика дали се тие од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од СДСМ, ДУИ или од некоја друга политичка партија, без разлика дали се Македонци, Албанци или други, без разлика дали се христијани или муслимани. За секој оној за кој ќе биде утврдена одговорност ќе одговара – потенцирал претседателот на Владата.
Познато е, во случајот со автобуската несреќа кај селото Ласкарци во 2019 година, кога загинаа 16 лица а 30 беа повредени, на тапет беше ставено и МВР со кое во тој период раководеше Оливер Спасовски од редовите на СДСМ. Тогаш беше откриено дека сопственикот на компанијата превозник „Дурмо турс“ е сопственик и на станица за технички преглед „Авто-мото здружение“- Гостивар каде што си ги регистирирал возилата. Неколку дена по несреќата се дозна дека на станицата за технички преглед и била одземена, па вратена дозволата за работа од страна на МВР. Во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, пак, во јавноста се поставуваа прашања пропустите во тендерот за нејзината изградба и околу улогата на Министерството за здравство и компанијата „Брако“, олицетворени во тогашниот министер Венко Филипче и екс-вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Од друга страна, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека се проширува истрагата за несреќата во Кочани. Завчера беше изречен 30-дневен притвор на седум полициски службеници од Кочани и од Штип поврзани со издавање согласности за функционирање на дискотеката.
-Со истражната постапка што МВР ја спроведува во врска со несреќата во Кочани досега се опфатени вкупно 26 лица. Но, тоа не е конечна бројка, како што ќе тече истрагата ќе биде покрената истражна постапка против секое лице за кое ќе биде утврдено дека со постапување односно непостапување придонело да биде сторено кривично дело. Се разгледува огромна документација, во истрагата се вклучени голем број експерти, како од Обвинителството така и од истражните тимови на МВР – рече министерот Тошковски.
Службените лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани се осомничени дека му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Основниот суд во Кочани завчера донесе решение со кои се продолжува притворот за сите 16 лица досега опфатени во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ и им изрече мерка краткотраен притвор во траење од уште 48 часа. Претреси се правеа и во зградата на Општина Кочани, но и кај две лица, вработени во Министерство за економија, при што одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција… а, исто така, претреси извршени се и кај управителот и одговорното лице на дискотеката. (Б.Ѓ.)
Над 80 проценти од дискотеките во земјава веќе нема да работат
По извршените проверки над од 80 проценти од дискотеките во Македонија поради тоа што не исполнуваат услови за работа.
-Досега се проверени 60-70 објекти и утврдено е дека дури и тие кои формално имаат дозволи, не ги исполнуваат условите. Тие ќе бидат затворени без разлика на реакциите на сопствениците. МВР, пак, е задолжено да донесе заклучок или уредба или правен документ да нема повеќе употреба на пиротехнички средства, запаливи средства во затворен простор – најави премиерот Мицкоски.
Коцевски: До 20 години затвор е казната за тешки дела против општата безбедност
Сите докази во случајот со пожарот во Кочани досега упатуваат на тешки дела против општата безбедност поради директно загрозување на животот и телото на луѓето за што е предвидена казна до 20 години, изјави во интервју за српскиот весник „Политика“ државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
-До овој момент, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се исто така во притвор. Доказите се собираат во изјави и во материјален облик, но и во форма на експертизи и стручни мислења од одредени области. Се истражува давање и примање на мито, незаконитости во набавката на пиротехнички средства, како и неколку други кривични дела –објасни обвинителот.