Пожарот Кенет, кој ги зафати окрузите Лос Анџелес и Вентура, во моментов е 50 отсто локализиран, соопшти Калифорниската противпожарна служба. Пожарот досега се прошири на 1.052 хектари, а пожарникарите се уште се борат со него, јави Си-Ен-Ен.
Во меѓувреме, издадена е нова наредба за евакуација поради пожарот Палисадес, кој сега се шири во областа помеѓу Меѓудржавен 405 и резерватот Енсино. Проширена е нова зона за евакуација во близина на еден од најпрометните автопати во Лос Анџелес, како и во близина на музејскиот комплекс Гети Центар. Два нови центри за евакуација се отворени и во Лос Анџелес, бидејќи повеќе од 100.000 луѓе се под наредба за евакуација низ округот.
Исто така, отворени се повеќе од десетина прифатилишта за животни.
Одделот за јавно здравје на округот Лос Анџелес започна истрага за грешка во испраќањето известувања за евакуација која по грешка стигнала до речиси 10 милиони луѓе во четвртокот, бидејќи почнал да се шири нов шумски пожар. Пораката е испратена поради софтверска грешка во системот, поради што известувањата за евакуација се испраќаат надвор од предвидената географска област.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас ги демантираше медиумските извештаи дека наводно ја отпуштила шефицата на противпожарната служба на Лос Анџелес, Кристин Кроули.
Во соопштението од кабинетот на градоначалничката се потврди дека таа и шефицата на противпожарната служба разговарале и дека приоритет останува борбата со пожарите и заштитата на граѓаните на Лос Анџелес.
Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом повика на независна истрага за губење на притисокот на локалните хидранти и наводниот недостиг на вода од акумулацијата Санта Инез за време на пожарот.
Одделот за јавно здравје на округот Лос Анџелес прогласи локална здравствена вонредна состојба поради пожарот.
„Пожарите, заедно со силните ветрови, сериозно го влошија квалитетот на воздухот со испуштање опасен чад и честички, што претставува непосреден и долгорочен ризик за јавното здравје“, се вели во вчерашното соопштение на одделот, јави Танјуг.