Истекувала отпадна обоена вода во отворениот канал за прифаќање и одведување на урбаните отпадни води Водочница.
По усна пријава од група граѓани, комунални инспектори од Општина Струмица веднаш излегле на терен и извршиле вонреден надзор.
Надзорот бил извршен на потегот од почетокот на атмосферскиот канал Водочница во индустриска зона Север, па сè до Шумското стопанство на АД „Македонски шуми“, подружница Беласица.
При вршењето на надзорот било утврдено дека истекувањето на отпадната вода настанува од затворениот колектор за прифаќање на отпадните води, кој е дел од системот на канализацискиот систем што ја опслужува индустриската зона Север, што посочува на тоа дека отпадната вода е резултат на извршување одредена стопанска дејност.
– Согласно со констатираната фактичка состојба и поради тоа што станува збор за комунална инфраструктура од затворен тип, која не дава можност визуелно да се утврди изворот на отпадната вода, од комуналните инспектори, во присуство на општинскиот инспектор за животна средина, ќе бидат
извршени вонредни инспекциски надзори со цел откривање на можниот извор на отпадната вода – информираше Костадинов.
Воедно, на потегот од каналот Водочница, кој минува зад објектите на Шумското стопанство, од комуналните инспектори бил затечен фрлен труп на мртво животно (копитар) во коритото. Инспекторите извршиле службен разговор со одговорното лице кај давателот на комунални услуги ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, при што му било наложено да изврши подигање и соодветно фрлање на трупот.