ИСТАНБУЛ ВО МАГЛА: Запреа повеќе од 100 бродови на влезот на Босфор/ВИДЕО

11
screenshot youtube Cumhuriyet

Поморскиот сообраќај преку Босфорскиот теснец во Истанбул цело утро беше во прекин во двата правци поради магла, соопшти турското Министерство за транспорт.

– Транзитот на бродови низ Босфорскиот теснец е привремено запрен поради ограничена видливост – се наведува во соопштението.

Истанбул од раните утрински часови е обвиен со магла, пишува весникот Хуриет.

На Босфор, поморскиот сообраќај беше целосно запрен, повеќе од 100 бродови чекаа да поминат низ теснецот, а малите чамци се чинеше дека исчезнаа меѓу облаците од магла, пишува Хуриет.

Маглата се подигна околу пладне по локално време и бродовите го продолжија патувањето, јавува Anadolu Agency.

– Привремено прекинатиот бродски сообраќај е отворен во правец север-југ по расчистувањето на маглата на Босфорот од 12.30 часот – соопшти Министерството за транспорт.

Босфорскиот теснец го поврзува Црното Море со Мраморното Море, се наоѓа помеѓу Балканскиот Полуостров и Мала Азија – ја дели Европа од Азија. Заедно со Дарданелите го поврзува Црното Море со Средоземното Море. Двата теснеци претставуваат поморска рута од меѓународно значење. Теснецот е долг 30 километри, а ширината варира од четири километри до 750 метри.