Министерството за финансии денеска ја исплати еврообврзницата издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра, а која доспеваше за исплата на 18 јануари 2025 година.

– Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за исплата на оваа еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови – рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и додаде дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Таа рече дека повлекувањето на овие средства нема да влијаат на нивото на јавниот долг, односно се повлекуваат средства во оној износ во кој е издадена и еврообврзницата. Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка по поволни услови со камата од 3,25%, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од 3 години.

Земјата досега има издадено 9 еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.

ИЗДВОЕНИ