Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) оствари средба со пратеници од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои во Собранието доставија предлог-измени и дополнувања на Законот за сметководствени работи по скратена постапка, а по барање на неформална група.

-Фактите говорат дека 6.300 сметководители и овластени сметководители, кои активно се занимаваат со оваа законски регулирана професија во нашата земја, доследно ги почитуваат своите законски обврски, односно навремено и точно ги ажурираат своите податоци во регистрите кои ИСОС законски е обврзан да ги води, ги имаат исполнето законски утврдените часови за континуирано професионално усовршување и во целост ја платиле предвидената членарина. Наспроти ова, поединци од т.н. „неформална група“, кои и покрај сите укажувања и апели не ги исполниле свои законски обврски, продолжуваат да вршат притисок во јавноста и врз институциите, со цел да им се овозможи да се занимаваат со сметководствена дејност надвор од важечкиот Закон. На ваков начин, преку притисок, овие поединци сакаат и понатаму да им се дозволи да работат во т.н. сива зона, што е една од основните негативни појави за чие сузбивање се залагаат сите учесници во дејноста и надлежните институции и која им нанесува огромна штета на мнозинство активни сметководители кои редовно ги исполнуваат сите свои законски обврски и со право очекуваат да им биде овозможено да работат и да напредуваат во професијата, се вели во соопштението на ИСОС по средбата со пратениците од каде што истакнуваат дека во најкус можен рок ќе достават забелешки на предложените измени.

Претставниците на неформалната група, кои ден претходно протестираа пред Министерството за финансии, јавно признаваат дека не ги почитувале своите законски обврски само затоа што Законот не им се допаѓа, сметаат дека тие нема потреба да се усовршуваат и да го надградуваат своето знаење од областа и не сакаат да ја плаќаат законски утврдената членарина.

ИЗДВОЕНИ