Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Македонската банкарска асоцијација (МБА), потпишаа Меморандум за соработка преку кој треба да се овозможи поддршка на процесите за натамошно унапредување и развој на сметководствената професија во нашата земја и потенцирање на нејзиното значење во банкарскиот и целокупниот бизнис-сектор.

Особен акцент во идната соработка ќе биде ставен и на активностите кои треба да овозможат правилна имплементација на меѓународните стандарди за финансиско известување.

– Правилната примена на најновите меѓународни стандарди за финансиско известување има големо значење за економијата, затоа што со тоа се подобрува ефикасноста и конкурентноста на деловните субјекти, а истовремено креира придобивки и за државата, затоа што овозможува подобра контрола на сите финансиски текови и намалување на даночната евазија. Домашните банки веќе ги преминуваат овие стандарди, а сега преку оваа соработка и партнерство со ИСОС, добиваат можност да ги споделат своите добри практики и искуства во оваа област и со сметководителите и финансовите менаџери во останатите деловни субјекти во земјава – истакна претседателката на МБА, Маја Стевкова Штериева. 

Двете организации се договорија дека ќе формираат и заеднички работни тела кои ќе работат на навремено, ефикасно ажурирање на следните измени во меѓународните стандарди и нивна имплементација.

– Ова партнерство претставува значајна поддршка на тековните процеси за развој на сметководствената професија во нашата земја. Сите лиценцирани професионални сметководители во нашата земја, добиваат дополнителни можности и пристап до висококвалитетно знаење и практичните искуства на банките при примената на меѓународните стандарди за финансиско известување. На ваков начин дополнително се истакнува и јакне улогата на сметководителите во целосното, точно и објективно евидентирање на деловните настани во книгите на економските агенти, што во крајна линија придонесува оваа професија да го заземе местото во општеството кое го заслужува – заклучи претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.