Бизнисменката Хала Томасдотир е новата претседателка на Исланд, според конечните резултати од изборите на кои нејзината ривалка, поранешната премиерка Катрин Јакобсдотир го призна поразот.
Катрин Јакобсдотир денеска и честиташе на својата противкандидатка и победничка Хала Томасдотир, која освои 34,3 отсто од гласовите.
Медиумите ја опишуваат како бизнисменка која била една од основачите на Универзитетот во Рејкјавик, а сега се занимава со инвестиции.
Таа ќе биде втора жена претседател на Исланд. Вигдис Финбогадотир стана првата демократски избрана жена за шеф на државата во 1980 година.
Претседателот има главно почесна функција во Исланд – парламентарна република, но тој е гарант за почитување на Уставот и националното единство.
Претседателот има право на вето на законите во парламентот и може да распише референдум.
Во Исланд, земја со 380.000 жители, претседателските кандидати традиционално се кандидираат како независни, без партиска припадност.
Може да се кандидира секој граѓанин што ќе собере 1.500 потписи.
На 1 август, новата претседателка ја презема функцијата од Гудни Јохансон, кој ја извршуваше функцијата од 2016 година и не се кандидираше за уште еден мандат.