Исклесана е само една реченица: Надгробната плоча на почивалиштето на папата Франциск носи посебна симболика/ФОТО

60
EPA-EFE/MAST IRHAM

Папата Франциск утре ќе биде погребан во една од таканаречените „пет папски базилики“, Санта Марија Маџоре, во Рим, каде од базиликата Свети Петар ќе биде пренесено телото на поглаварот на Римокатоличката црква.

Поворка од верници и црковни претставници, како и шефови на држави, ќе се соберат на плоштадот Свети Петар во 10 часот, каде потоа ќе се одржи миса за упокојување на душата на папата Франциск.

Според Ватикан, првиот ред ќе го заземат високи функционери од родната Аргентина на папата и Италија, додека останатите лидери ќе бидат распоредени по француски азбучен ред.

На социјалните мрежи е објавена фотографија од базиликата на која се гледа како ќе изгледа надгробната плоча на папата Франциск.

Изработен е од мермер од Лигурија, местото од каде што се неговите баба и дедо. Плочата е направена од бел мермер и на неа е испишан само еден збор: „Францискус“ – неговото име.

Гробницата се наоѓа во близина на олтарот на Свети Франциск.

Самата погребна церемонија ќе биде „приватен чин“. Литванскиот кардинал Роландас Макрикас ќе води традиционална молитва во време на болка, жалост и смрт пред римската базилика во 21 часот.

По погребот ќе биде одбележана традиционалната деветдневна жалост при што ќе се одржат бројни молитви и миси за папата Франциск, а потоа во Ватикан ќе биде организирана конклава на која ќе се избере нов поглавар.

Ковчегот на папата Франциск ќе биде запечатен за време на литургиската церемонија што ќе се одржи во базиликата Свети Петар вечерва во 20 часот.

Кардиналот Кевин Фарел ќе ја води церемонијата за запечатување на ковчегот на папата Франциск, пишува Vatican News.

Тоа ќе го означи крајот на јавното изложување на телото во базиликата Свети Петар, каде десетици илјади луѓе му оддадоа почит на починатиот папа.

Канцеларијата за литургиски настани побара кардиналите Џовани Батиста Ре, Пјетро Паролин, Роџер Махони, Доменико Мамберти, Мауро Гамбети, Балдасаре Реина и Конрад Крајевски да присуствуваат на церемонијата на запечатување.

Меѓу оние кои помагаат на церемонијата ќе бидат и надбискупот Едгар Пења Пара, надбискупот Илсон де Хесус Монтанари и монсињор Леонардо Сапиенца, како и секретарите на починатиот папа.

За потсетување, папата Франциск почина во понеделник, на 21 април, од последици на срцева слабост и мозочен удар, по битка со билатерална пневмонија поради која беше хоспитализиран.

ИЗДВОЕНИ