Иран се согласи на зголемен мониторинг од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во замена за неговата одлука нагло да ја зголеми стапката на производство на високо збогатен ураниум, се вели во доверлив документ на таа агенција на ОН, во кој увид денеска имаше агенцијата Франс прес.
Техеран на почетокот на декември објави дека ќе започне со напојување на нови центрифуги на локацијата Фордо (во централниот дел на Иран), „со долгорочен ефект на значително зголемување на стапката на производство на збогатен ураниум до 60 проценти“, соопшти виенската агенција МААЕ.
Се очекува производството да се зголеми на повеќе од 34 килограми месечно, во споредба со 4,7 килограми забележани во последниот период на проценка.
Затоа МААЕ побара повторно проценка и инспекции за да се осигура дека локацијата во Иран „не се користи за производство на ураниум на повисоко ниво од пријавеното збогатување“ и дека нема „неприсвојување на пријавениот нуклеарен материјал“.
„Иран го прифати барањето на Агенцијата за зголемување на зачестеноста и интензитетот“ на мерките за надзор, се наведува во документот на МААЕ.
За производство на атомска бомба потребен е збогатен ураниум до 90 проценти.
Во Виена во 2015 година, Иран склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции против Техеран.
Меѓутоа, во 2018 година, Доналд Трамп, тогашен претседател на САД, еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе тешки санкции кон Иран.
Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје.
Иран го брани правото на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергетски цели, но негира дека сака да набави атомска бомба. Западните земји се сомневаат во тоа.