Иран: Нема да ги распоредиме нашите борци, Либан и Палестина се доволно силни

55
EPA-EFE/AHMED JALIL

Иран нема да распореди борци во Либан и Газа за да се спротивстави на својот заколнат непријател Израел, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи, додека Израел продолжува да ги напаѓа групите во регионот кои Техеран ги поддржува.

„Владите на Либан и Палестина имаат доволно капацитет и сила да се соочат со агресијата на ционистичкиот режим и нема потреба од распоредување помошни или доброволни ирански сили“, рече портпаролот на министерството Насер Канани на неделната прес-конференција.

Во последниве денови, Израел изврши неколку напади против групите поддржани од Иран, вклучително и моќниот Хезболах во Либан и јеменските Хути.

Лидерот на Хезболах Хасан Насрала беше убиен во петокот во израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, упориште на шиитското движење вооружено и финансирано од Исламската Република Иран.

„Не сме добиле никакви барања и знаеме дека не им е потребна помош од нашите сили“, рече Канани во понеделникот.