Иран и САД ги продолжија преговорите за нуклеарната програма

60

Иран и Соединетите Американски Држави преговараа во Мускат, главниот град на Оман, за иранската нуклеарна програма.

Преговорите траеја повеќе од четири часа, а двете страни се согласија дека повторно ќе се сретнат,а спомената е и можност за нов состанок на високо ниво на 3-ти мај.

Извор близок до Стив Виткоф, специјалниот пратеник на САД за Блискиот исток, потврди дека е одржан состаник, а иранската државна телевизија исто така извести за крајот на состаникот, пишува АП.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагачи ги означи разговорите како „сериозни и работно ориентирани“, додека американските официјални претставници сметаат дека преговорите биле „позитивни и продуктивни“.

„Овојпат беа многу посериозни од претходно и постепено влеговме во подлаби и подетални расправи“, рече Арагачи, истакнувајќи дека несогласувања се уште постојат.

„Оваа најнова рунда директни и индиректни разговори траеше повеќе од четири часа. И понатаму имаме многу работа, но оставрен е дополнителен напредок кон постигнување договор. Договорено е наскоро повторно да се сретнеме во Европа“, рече американскиот претставник, зборувајќи под услов на анонимност.

Оманскиот министер за надворешни работи Бадр ал-Бусаиди, кој посредуваше во текот на претходните два круга преговори во Мускат и во Рим, рече дека Иран и САД „покажаа желба да постигнат договор заснован на меѓусебна почит и трајни обврски.

„Разговарано е за клучни принципи, цели и технички грижи. Разговорите ќе продолжат следната недела, со можност за средба на високо ниво закажана за 3-ти мај“, напиша тој на мрежата Х.

Овие рунди преговори доаѓаат по години тензии меѓу САД и Иран, со цел ограничување на нуклеарната програма на Иран во замена за ублажување на санкциите.

Разговорите се продолжение на напорите за постигнување нов нуклеарен договор по повлекувањето на САД од договорот од 2015 година. Иранските власти предупредуваат дека би можеле да развијат нуклеарно оружје доколку не се постигне договор.

Во меѓувреме, додека преговорите беа во тек, силна експлозија го потресе пристаништето во јужен Иран во саботата, при што загинаа четири лица, а повеќе од 500 беа повредени.

Властите не ја објавија веднаш причината за експлозијата, но беше наведено дека причина е запалив материјал, а можноста за поврзаност со нафтената и гасната индустрија беше исклучена.

 

ИЗДВОЕНИ