Иран го одби повикот на западните земји: Одмаздата е „начин да се запре криминалот“

57

Иран ги отфрли повиците на Обединетото Кралство и другите западни земји да се воздржи од одмазда против Израел за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Техеран минатиот месец.

Во налетот на меѓународна дипломатија за деескалација на тензиите, британскиот премиер Кир Стармер во понеделникот во редок телефонски разговор го повика иранскиот претседател Масуд Пезешкијан „да се откаже од неговите постојани закани за воен напад“.

Но, Пезешкијан рече дека одмаздата е „начин да се запре криминалот“ и „законско право“ на Иран, според иранските државни медиуми.

Израел, кој не коментираше дали е вмешан во убиството на Ханије, во меѓувреме ја стави својата војска на највисока готовност.

Само прекин на огнот во Појасот Газа би го одвратил Иран од директна одмазда на Израел поради убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија во Техеран, кажале тројца високи ирански функционери, пренесува денес Ројтерс. Иран вети одговор на убиството на Ханија, кој се случи на крајот на јули додека беше во посета на Техеран, а за кое го обвинува Израел.

Во меѓувреме американската воена морнарица распореди воени бродови и нуклеарна подморница на Блискиот Исток за да ја зајакне одбраната на Израел.