Скопје стана небезбеден град за живеење. И не само Скопје. Градовите се гушат од новоградби без да се води сметка дека до зградите нема пристапи или се блокирани од паркирани автомобили. Тоа им создава големи проблеми на пожарникарите или на екипите на Брза помош, кои, во случај на пожар или на итна интервенција, не можат да пристапат до објектот. Дека во градот владее тотален урбанистички хаос потврдува и Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора. -Јас овој урбанизам го викам инвеститорски урбанизам. Тоа значи дека инвеститорот им плаќа на тие што го урбанизираат просторот и си прави како што сака. Нема пристапи до објектите, нема светлина, нема проветрување. Децата нема каде да си играат, нема зеленило, нема простор за рекреација – потенцира Велковски. Тој посочува дека не се прави ниту надзорот над објектот што се гради.
– Мора да се поведе сметка. Постојат правила како се гради и кој може да гради. Потребен е континуиран надзор во сите пет фази: архитектура, статика, електрика, водовод и греење. Кога се врши технички прием на објектот, надзорот мора да потпише дека гарантира за сигурноста на објектот, од аспект на штети настанати од пожари итн. Тој можеби ќе потпише, но не извршил никаков увид. Битен е само ќарот од градбата. Ова мора да се подигне на повисоко ниво – реагира Велковски
Непланското проектирање, несоодветната улична инфраструктура, немањето паркиралишта и зелени површини, збиеноста на зградите… го направија Скопје небезбеден град за живеење. Во трката за што поголем профит, инвеститорите сакаат во што помал простор да сместат што повеќе семејства, притоа забораваат на нивната безбедност во објектите за домување, во случај на пожар. До некои од зградите нема пристапи или се блокирани од паркирани автомобили, затоа што не се предвиделе доволно паркинг-места на парцелите, па возилата се на улица. Тоа им создава големи проблеми на пожарникарите, кои, во случај на пожар, не можат да пристапат до објектот.
Таков е примерот кога во октомври, минатата година избувна пожар во подрумските простории во зградата на улицата „Прохор Пчињски“. Тогаш од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје истакнаа дека доколку интервенцијата била многу брзо по избувнувањето на пожарот, можеби тој немало толку да се прошири. Имено, поради паркираните автомобили, половина час пожарната не можела да пријде до зградата и да интервенира, затоа што сопствениците на возилата не дозволувале да ги крене „пајакот“.
Ова не е случај само во оваа скопска населба. Проблем со немањето пристап до објекти каде што настанал пожар или за возило на итната медицинска помош поради паркираните возила или поради немањето доволно простор меѓу зградите има и во населбите Серава и Дижонска, како и понекаде во Гази Баба, но и во самиот Центар.
Освен немањето пристап до објектите, проблем претставуваат и нефункционалните хидранти во зградите или воопшто ги нема бидејќи се украдени.
Во изминатите години, имаше пожари во станбени згради во Дебар Маало и секогаш пожарникарите имаа сериозни проблеми да пристапат до објектот поради тоа што зградите се наредени една до друга по тесните улички со паркирани возила. Со таков проблем се соочени и жителите на уличките во Капиштец, каде што на местото на некогашните семејни двокатни куќи, со големи дворни места, беше дозволено да се изградат згради. Сега, таму дворови повеќе нема, ниту пристап за пожарникарски возила или за механизација доколку се случи некој поголем проблем. Во Центар, повеќе од три години, пожарникарите се прекачувале преку балконите за да изгаснат пожар во стан до кој немало пристап за пожарникарско возило.
„Зелените од Гази Баба“ велат дека со години се борат и апелираат да се почитуваат урбанистичките закони, Законот за зеленило и другите закони за градење за да не се соочуваме со вакви состојби.
– Во Скопје, има стотици згради каде што се изиграни плановите за градење. Каде што наместо паркинг и зеленило, градежниците добиваат квадрат плус во делот за домување. Откако ќе се случат несакани последици, доцна е да ги бараме виновниците – велат тие.
На фејсбук-страницата на групата „во одбрана на Буњаковец“, жителите реагираат дека изминативе години имале неколку пожари при кои противпожарните служби не можеле директно да допрат до самото место на пожарот, а пожарникарите не можеле да ги употребат хидрантите. Таков случај, додаваат тие беше и горењето на Универзална сала.
Од „Шанса за Центар“ прашуваат во ваков случај кој профитира, а кој страда?
-Општинската каса полна, а општината во хаос. Во 2024 година дури 8,3 милиони евра во Општина Центар се приходи од издадени дозволи за градба. Едвај над 7 квадратни километри е вкупната површина на Центар. Приходот по квадратен километар е повеќе од милион евра, што ретко која општина може да си го замисли. Но, што добиваме како резултат на можностите што ги нудат овие милиони. Наместо подобар живот – имаме градежна депонија. Бетон, багери, загаденост, прашина, заградени тротоари, диво паркирање и неподнослива бучава – реагираат од „Шанса за Центар“ и прашуваат: Каде се инвестициите за подобар живот? Каде се зелените површини, детските игралишта, подобрената инфраструктура?
Дека во градот владее тотален урбанистички хаос потврдува и Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора.
-Јас овој урбанизам го викам инвеститорски урбанизам. Тоа значи дека инвеститорот им плаќа на тие што го урбанизираат просторот и си прави како што сака. Нема пристапи до објектите, нема светлина, нема проветрување. Децата нема каде да си играат, нема зеленило, нема простор за рекреација – потенцира Велковски.
Тој посочува дека не се прави ниту надзорот над објектот што се гради.
-Мора да се поведе сметка. Постојат правила како се гради и кој може да гради. Потребен е континуиран надзор во сите пет фази: архитектура, статика, електрика, водовод и греење. Кога се врши технички прием на објектот, надзорот мора да потпише дека гарантира за сигурноста на објектот, од аспект на штети настанати од пожари итн. Тој можеби ќе потпише, но не извршил никаков увид. Битен е само ќарот од градбата. Ова мора да се подигне на повисоко ниво – реагира Велковски.
Тој објаснува дека 70 проценти сенката на објектот треба да биде на земјата. Воедно, додава дека објектите не смеат да се градат толку близу еден до друг, а сообраќајниот проект треба да го утврди пристапот до објектот.
-Не треба да се прават манипулации со паркирањето, треба да има зеленило. Мора да се ревидира тоа дека габаритот на објектот треба да биде 70 проценти од маркичката. На тоа и ќе работиме. Дел од бетонските површини меѓу зградите треба да бидат зеленило. Треба да се прекине со бетонизацијата. Доста е со тоа секој да може да гради. Сите станаа градежници – заклучи Велковски.
Владимир Симоновски, заменик-командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје вели дека нема бројка којашто може да ја каже за тоа колку од објектите во Скопје имаат исправни хидранти.
-Па речиси 99 проценти од објектите немаат хидранти. Секој добива дозвола за градба. Таков е случајот и во Центар и во Кисела Вода и во Аеродром. При гаснење на пожар во зграда во Аеродром на шести кат се соочивме со тоа дека не работи ниту еден хидрант. Хидратни имаше, ама не беа функционални, бидејќи немаше пумпа на која ќе бидат приклучени. Како е направен технички прием на ваква зграда и е дозволено тоа – реагира Симоновски.
Освен тоа, тој додава дека проблем е и тоа што се поставуваат столпчиња секаде, па за да може да помине возилото мора тие да се сечат или нема никаков пристап.
-На прашање зошто се поставени тука столпчињата, добив одговор за да не се паркираат автомобили, бидејќи има паркинг во близина. Сè е за профит, само за пари – нагласува Симоновски.
Во нашата земја има стандарди за градење и за заштита од пожар, кои треба да се применуваат при градењето објекти, но, за жал, тие не се почитуваат целосно.
Во член 44 од Правилникот за мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи се наведува дека сите градби за колективно домување се проектираат и се изведуваат на начин со кој се обезбедува пристапност на противпожарните возила до објектите, со доволна широчина на пристап за да се овозможи лесна подготовка и ставање во дејство на потребната опрема за борба против пожарот и за спасување на луѓето.
Што се однесува до пристапниот пат, тој треба да е со иста височина со коловозот од сите видови улици проектирани и изведени согласно со законски прописи за лесен пристап на противпожарните возила до објектите – градбите, а коловозната конструкција на пристапот да се димензионира на осовински притисок од најмалку осум тона.
Во истиот член од Правилникот е предвидено сите фасадни ѕидови во кои има отвори (прозорци, прозорци врати и врати) да се пристапни за употреба на опремата за гаснење и спасување. Се проектираат и се изведуваат истакнати или вовлечени катови и делови на фасадните ѕидови ако не пречи тоа на употребата на опремата за гаснење и спасување.
(А.П.)