Државна делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова, учествува на КОП–29 учествува на конференција на Обединетите нации за климатски промени што се одржува во Баку, Азербејџан. Претседателката на државата ќе се обрати на првата пленарна сесија и предвидено е да оствари повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, како и средби со претставници на меѓународни организации.
КОП–29 е глобален настан кој обединува светски лидери и експерти од над 70 земји. Годинашната тема на самитот е „Инвестирање во одржлива иднина“, со фокус на енергетската трансформација и заштитата на животната средина преку иновации и нови технологии. Овој самит, кој се одржува секоја година, претставува клучна платформа за земјите да ги координираат напорите за намалување на емисиите и промоција на обновливите извори.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска ја истакна важноста на учеството во овој самит кој претставува можност Македонија да воспостави нови меѓународни партнерства и да обезбеди нови инвестиции во обновливи извори и одржлива енергетска инфраструктура, што ќе придонесе кон постигнување на долгорочните климатски цели и економски развој.
– Ваквите настани ни овозможуваат размена на знаења и искуства со глобалната заедница и можност да воспоставиме соработка што ќе придонесе кон нашата транзиција кон зелена енергија – истакна Божиновска.
Македонската делегација активно ќе работи на воспоставување партнерства и можни инвестиции кои ќе овозможат иновативни проекти во земјата, со цел унапредување на енергетската независност и заштитата на животната средина.
Во делегацијата е и првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. Тој во рамки на КОП–29 ќе биде дел од средбите на светските лидери на кои ќе се разговара за Парискиот договор и целта да се зголемат амбициите за климатската акција.
Самитот за климатски промени, како што се наведува, служи како платформа за ветувања, обврски и акциски планови во согласност со целите на Парискиот договор, додека учесниците се шефови на држави и високи државни службеници од целиот свет.