Инвестициска инфузија за здравствените установи

Реконструкција на „8 Септември“, КАРИЛ и хируршките сали на Клинички центар

416

Најсовремено опремени операциони сали, боксови за пациенти, лаборатории и роботска хирургија – оптимистички проект за подобрување на здравствените услуги во поранешната Воена болница „8 Септември“, најавија  министерот за здравство Арбен Таравари, министерот за транспорт Александар Николоски и премиерот Христијан Мицкоски. Проектот за реконструкција и опремување на Градската болница „8 Септември“ чини 12 милиони евра, пренаменети пари на ТАВ со кои требаше да се гради аеродромот во Штип. Со нив е предвидена реконструкција на хируршкиот дел со вкупна површина од 2.000 метри квадратни, односно седум операциони сали, а сè треба да заврши до октомври.

-Две операциони сали ќе бидат за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една за уво нос и грло, една за очна хирургија и како новина роботска хирургија. Интензивна нега на површина од 500 м2. Предвидени се седум целосно опремени боксови за пациенти со најсовремени кревети, линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, придружни простории од 800 м2, стерилизација, биохемиска лабораторија, микробиолошка лабораторија и патолошка лабораторија. Тука спаѓа и делот на целосна санација на покривот на болница и поставување на ефикасен систем на греење и ладење на болницата, истакна Николоски, кој посочи дека планирано е во октомври да се заврши реконструирањето на Градската болница.

Во меѓувреме, Министерството за здравство најави дека ќе почне да се реновира Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), а дел од пациентите ќе ја преземат Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември’’, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за неврохирургија.

Министерот за здравство Арбен Таравари на вчерашната промоција на нова опрема во „Св. Наум Охридски“ рече дека реконструкцијата на КАРИЛ ќе трае 6 месеци, потоа продолжуваат со хируршките сали во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, поточно од 1 април до средина на јуни, а потоа ќе почне реконструкцијата на „8 Септември“, која треба да заврши за 3-4 месеци.  Таравари рече дека со заокружување на целиот процес салите во Клинички центар, на КАРИЛ и во 8 Септември ќе добијат модерен изглед со нови стандарди. Таравари уверува дека целиот процес ќе биде координиран.

-Цело време сме координирани. Тоа ќе биде постепено и етапно. Почнуваме со КАРИЛ, чија реконструкција треба да трае шест месеци, потоа продолжуваме со хируршките сали во Клинички центар од 1 април до некаде средината на јуни треба да заврши. Тогаш ќе почнеме најверојатно реконструкција во 8 Септември, која исто така за 3-4 месеци треба да заврши. Во меѓувреме екипи од Градска болница, од 8 Септември и од Клинички центар, ќе бидат нонстоп во комуникација и во координација заедно со МЗ – вели Таравари.

Директорот на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, д-р Небојша Настов, исто така, уверува дека ако има потреба кадровски ќе си помагаат, и дека и другите клиники каде што има интензивна нега ќе ги покриваат пациентите.

-„Сметам дека е апсолутно некоректно некој да коментира и да каже дека услугите може да се пружат само на КАРИЛ, да не се лажеме, истите доктори, истиот персонал, истата едукација, опрема ја има и на КАРИЛ и во ‘8 Септември’ и во ‘Св. Наум Охридски’. Да не се заплашува населението дека ако не функционира КАРИЛ, ништо нема да функционира. Реновирањето ќе оди секвенционално. Операционите сали во Клиничкиот центар ќе функционираат, ќе биде намален бројот на интензивните кревети. Оној вишок на пациенти кои би требало да се хоспитализираат на интензивните неги, ќе се распределува во ‘8 Септември’ и во ‘Св. Наум Охридски’ и на Клиниката за неврохирургија. Во ниеден момент нема да бидат две болници во кои нема ништо да функционира. Покриеноста ќе биде соодветна. Да нема нејаснотии, кадровски сме екипирани, апсолутно персонал не ни треба во дадениот момент“, рече д-р Настов.

Здравствените власти велат дека како ќе се завршува со еден дел така ќе продолжува реновирањето на друг дел, но за цело време покриеноста ќе биде соодветно за населението коешто го покриваат овие три болници. Министерот Таравари најави дека во петок ќе биде пуштен во употреба и одделот за интензивна нега на Инфективна клиника. (П.А.)

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ