Нови четири ветерни турбини ќе се градат во рамките на Паркот на ветерни електрани „Богданци“. Секоја турбина ќе биде со моќност од 3,4 МW, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за 13,6 МW, а вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на околу 50 МW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37.000 МWh, зелена енергија.

За реализација на проектот, обезбедена е вкупна финансиска рамка од 37,6 милиони евра.

– Заемот од КФВ Банката е во вкупен износ 25,7 милиони евра, околу 8,9 милиони евра е грант обезбеден преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), додека три милиони евра се сопствени средства на АД ЕСМ. Во овој контекст, АД ЕСМ упатува огромна благодарност до нашите стратешки партнери КфВ банка и инвестициската рамка за Западен Балкан, која како заедничка иницијатива на Европската комисија, различни донатори и меѓународните финансиски институции има значајна улога и претставува исклучителна поддршка во развојните проекти на компанијата – велат од АД ЕСМ.

За таа цел директорот за финансии на АД ЕСМ, Иван Аџија Стојановски со претставници на КфВ банката ја посетија локацијата каде што во претстојниот период ќе започне изградбата на четирите ветерни турбини.

– Разговаравме и за можностите за реализација и на третата фаза за идно проширување на ветерниот парк „Богданци“ откако ќе биде комплетирана втората фаза во 2027 година. Се договоривме кои чекори треба да бидат преземени, а со цел штом биде комплетирана фаза 2 веднаш да се продолжи со потенцијалната фаза 3. Со комплетирани фаза 1 и 2, ветерниот парк ќе биде со капацитет од 50 МW, со што се остава можност за идно понатамошно проширување со дополнителни 50 до 80 МW. КфВ ја потврдија нивната заложба за понатамошна поддршка на АД ЕСМ за зголемено воведување на зелената и обновлива енергија – изјави Стојановски.

Ветерниците од првата фаза во ПВЕ „Богданци“, кои се сопственост на  АД ЕСМ, беа пуштени во употреба во 2014 година. Паркот со своите 16 турбини во моментов има инсталирана моќност од 36,8 МW и годишно произведува околу 100 ГWh природно одржлива енергија, што е доволно за снабдување на околу 60.000 граѓани, и придонесува кон намалување на емисиите на јаглероден диоксид.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ