Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, очекува политиките што ги спроведува новата Влада во оваа година да донесат подобри резултати и посилна економија.
– Испративме година во која се соочивме со многу предизвици. Во првата половина од годината се справувавме со предизвиците, додека во втората половина почна и практичната работа на терен – детектирање на реалната состојба и преземање конкретни мерки за нивно надминување. Претстои многу работа пред нас, затоа што решивме прашања на кои не се работело со децении – вели министерката.
Отсликана 2024 година преку бројки, министерката потсети дека невработеноста е намалена на 12,3 % и дека растот на економијата во третиот квартал достигнал 3 %.
– Буџетот се реализира согласно со планираното, стабилен е и одржлив. Приходите бележат раст над 10 %, и тоа во услови на стабилизирана инфлација и инфлација што од двоцифрена во минатата година се сведе на околу 3,5 %. Расходите се во рамките на планираното, како и дефицитот. Јавниот долг се управува преку навремено сервисирање на обврските и преку обезбедување на потребните средства по најоптимални услови на пазарот. Капиталните инвестиции се приоритет на кој ќе работиме во наредната година и на крајот од годината да споделиме позитивни резултати – вели Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласува дека инвестициите се основа на владиниот концепт за развој.
– Веруваме во неговата реализација и во придобивките што ќе ги донесе за сите. Тие се основата за поразвиена економија, за посилни и поконкурентни компании, за повеќе приходи во буџетот, за подобри услуги што се финансираат од парите на граѓаните: образование, здравство, социјални услуги, инфраструктура и слично. Тоа ќе значи подобар стандард за граѓаните и повисоки плати и повисоки пензии. Во новата година влегуваме со голема посветеност за остварување и за градење општество во кое ќе обезбедиме благосостојба за сите граѓани – наведува министерката за финансии.