За зголемување на инвестициите најбитен фактор е државната стратегија

Сојузот на стопански комори одбележува 20 години постоење. Во овие години Комората дејствуваше во насока на подобрување на условите на стопанисување на малите и средните претпријатија, како и нивно подобро претставување на странските пазари. Токму обединување на бизнисите, креирање на солидарност, размена на идеи и информации и најсоодветно претставување пред државните органи, како и надвор од границите на државата се основни цели за формирање на Сојузот на стопански комори, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, претседателот на ССК, Трајан Ангеловски. Со Ангеловски разговаравме и на други теми меѓу кои за иселувањето на младите, недостигот на работна сила, намалување на сивата економија, зголемување на странските инвестиции...

54

Деновиве Сојузот на стопански комори одбележува 20 години постоење. ССК дејствува долги години на креирање на подобро деловно опкружување за раст и развој на мали и средни бизниси во државата кое е најсилно поле на дејствување на Комората?

Основна цел за формирање на Сојузот на стопански комори е обединување на бизнисите, креирање на солидарност, размена на идеи и информации и најсоодветно претставување пред државните органи, како и надвор од границите на државата. Основна причина за формирање на Сојузот беше недоволната поддршка на малите и средни претпријатија. Малите, средни и микро компании, кои се членки на Комората, имаат навистина голема потреба од институционална помош како што е Сојузот. Со оглед на тоа дека во Сојузот активно партиципираат членки и луѓе чија активност е базирана на волонтерска основа, секогаш нивниот ангажман е полн со амбициозност, позитивна енергија и желба за создавање на подобра иднина на компаниите и подобра економска перспектива на државата. Во повеќе наврати ја нагласувам потребата од навистина длабоки реформи во економијата, кои ќе им дадат на компаниите јасна перспектива за раст и брз развој. Ние сметаме дека нашата држава навистина поседува реален потенцијал за да им овозможи на македонските компании да се развиваат подобро и побрзо од нивните конкуренти во опкружувањето.

Што е потребно за да ја подобриме деловната клима во државата и да ги задржиме младите дома?

Причината за иселување на младите не е само економска, туку е резултат на неможноста за напредок. Младите се иселуваат бидејќи имаат мали можности за раст и развој. Затоа ние велиме дека ако се отворат перспективите за напредок на македонските компании, тие ќе овозможат и повисоко ниво на економски развој што ќе придонесе за поголеми плати и подобра благосостојба на луѓето. Освен проблемот со иселувањето тука е и проблемот со недостигот на работна сила. За да го решат овој проблем, компаниите мора да ја употребат својата креативност, да создадат поквалитетни работни места кои ќе бидат подобро платени и на тој начин да ги демотивираат младите луѓе да мислат на иселување од нашата земја.

Во државата недостасуваат и домашни и странски инвестиции. Кој го кочи влезот на инвестициите и што треба да направиме за да се зголемат инвестициите?

За зголемување на инвестициите во државата најбитен фактор е државната стратегија. Чекорите кои ќе бидат преземени од државните органи треба да дејствуваат проактивно и континуирано да нудат секаков облик и можности за инвестирање и на тој начин да мобилизираат што е можно повеќе инвестиции како домашни така и странски. На нашата држава и се потребни инвестиции во повеќе области. Како една од најважните се инфраструктурно поврзување со регионот, коридорите, нови производствени капацитети, туризмот и секако услужниот сектор кој е еден од најбрзорастечките во светот. Во државата треба да се отстранат административните бариери и да се намали бирократијата што е многу важно како од аспект на зголемување на домашното производство, така и за интензивирање на инвестициите. Тука би сакал да споменам дека многу постапки во нашата држава траат многу долго без никаква причина и логично објаснување. Таквите прцедури со соодветна дигитализација би можеле да се решат само со еден клик.

Дали имате некој предлози за тоа како да се намали сивата економија во државата која е една од најголемите пречки за развој на компаниите и економијата?

Сивата економија сите овие години претставува пречка за побрз економски развој на државата. Таа го кочи развојот на компаниите поради нелојалната конкуренција, која се создава од страна на нерегистрираните компании. Сметаме дека во ерата на дигитализација вака висок процент на сива економија во земја како Македонија, која се обидува да го зголеми економскиот развој е недозволив. Поради тоа намалувањето на сивата економија треба да биде една од приоритетните задачи на која треба да се фокусира нашата економија.

Кои се плановите на ССК во иднина, имате ли стратегија како да им помогнете на компаниите да бидат поиновативни, поконкурентни и да излезат на надворешните пазари? 

Сојузот на стопански комори во моментов работи на соодветна стратегија која ќе опфати неколку аспекти од работењето на компаниите, а тоа, пред сè, е дигитализацијата, присуство на странски пазари, иновативност и женско претприемништво. Како резултат на плодната меѓународна соработка што ја има нашата стопанска комора со голем број комори низ светот разменуваме искуства и се обидуваме да учиме од позитивните примери на нашите колеги од целиот свет. Ние сме единствена комора од регионот на Југоисточна Европа која има свој претставник во Генералниот совет на Светската коморска федерација каде што се носат најважните одлуки за светската трговија, мултилатерализмот, документи и процедури со помош на кои функционира меѓународната трговија. Оваа соработка многу поинтензивно ќе ја продолжиме и во иднина. Нашата активност ќе биде насочена во правец ССК секогаш да биде препознатлива како Комора која ги помага современите бизниси.

(А.С.)