ИНТЕРВЈУ ЗА КОЕ ЗБОРУВА ЦЕЛИОТ СВЕТ! За што разговараа Маск и Трамп?

173
Фото: X

Најавеното интервју на милијардерот Илон Маск со републиканскиот претседателски кандидат на САД, Доналд Трамп, на медиумската платформа на Маск X, доцнеше повеќе од 40 минути поради технички проблеми за кои Маск обвини за „сајбер напад“.

Интервјуто беше закажано за 2 часот по полноќ по наше време, односно 20 часот по американско источно крајбрежје, но откако се пријавија нешто повеќе од 100.000 корисници, имаше технички проблеми што го предизвикаа каснењето.

„Се чини дека се работи за масовен DDOS напад врз X. Работиме да го исклучиме. Во најлош случај, ќе започнеме со помал број на слушатели во живо, а потоа ќе ја емитуваме немонтираната снимка веднаш откако ќе заврши“, објави Маск за време на решавањето на проблемите, додавајќи дека за време на подготовките неговата платформа може да поддржува околу осум милиони симултани најавувања.

Кога конечно започна интервјуто, бројачот за регистрација на Х покажа 1,3 милиони регистрации, а поранешниот претседател на моменти звучеше како да шепоти, па некои од слушателите коментираа дека звучи како цртан лик, додека други сугерираа дека може да се работи за компресија на звук.

Маск, најбогатиот човек на светот, кој го поддржа актуелниот претседател, демократот Џо Бајден, во пресрет на изборите во 2020 година, во меѓувреме се префрли во таборот на Трамп и воведниот дел од „разговорот“ го посвети на пофалби за „храброста“ на Трамп за време на обидот за атентат врз него на 13 јули во Батлер, Пенсилванија кога куршум го погодил во увото. Трамп возврати дека има намера да се врати во Батлер на предизборен митинг на крајот од кампањата во октомври.

Во продолжение, Трамп ги повтори своите бројни тврдења како што се дека Русија немаше да ја нападне Украина доколку останел на функцијата претседател, тој ги пофали рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, односно авторитарните владетели, велејќи дека тие се „врвот“.

Трамп, исто така, го изрази својот гнев што актуелната потпретседателка Камала Харис стана демократски кандидат на неодамнешните избори наместо претседателот Џо Бајден, кој ја повлече својата кандидатура велејќи дека тоа е „државен удар“.

„Од почетокот на целата оваа измама, таа не даде ниту едно интервју“, рече Трамп, кој ја загуби сета предност што ја имаше на анкетите по таа промена.

Трамп го пофали Маск и за начинот на кој ги отпушта работниците во неговите компании.

Пред самото интервју, Трамп се врати на X испраќајќи неколку пораки во понеделникот, што беше прв пат по една година да ја искористи социјалната мрежа која беше негов главен извор на комуникација во претходните кампањи, како и за време на неговиот мандат во Белата куќа. Маск го поддржа Трамп и во лажните тврдења за изборна измама на последните претседателски избори, а основаше и специјална група која финансиски ја поддржува кампањата на Трамп.