ИНТЕРВЈУ, ВЛАДО МИСАЈЛОВСКИ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА: НАТО е единствено и како такво ќе остане, нема и не треба да има сомнеж во нашето заедништво

103
Оваа нова реалност само дополнително ќе ја зајакне врската помеѓу Европа и САД, врска која секогаш била силна и непрекината. Пораката на македонската Влада е јасна и недвосмислена, а тоа е дека се залагаме и повикуваме на мир. Согласно со целите на способности на секоја од земјите, вклучително и Македонија, ние ќе мораме да размислуваме за уште поголема инвестиција во безбедноста, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, министерот за одбрана Владо Мисајловски.

 

Бранко ЃОРЃЕВСКИ

Неодамнешната Минхенска конференција отвори многубројни дилеми и за односите меѓу САД и Европската Унија, за внатрешните односи во НАТО, како и за начините да се дојде до мирот во руско-украинската војна. Сето тоа бара и соодветно позиционирање на Македонија како членка на Алијансата, посебно кога е во прашање зголемувањето на трошоците за одбрана, за можноста за испраќање на македонски војници во Украина… Сето тоа се прашања на кои одговорите ги дава министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Како го оценувате чуеното на Минхенската безбедоносна конференција, Ве загрижува ли тоа?

– Дијалогот е најдобриот начин за размена на идеи, концепти, мислења, за унапредување на соработката, но истовремено и за надминување на сите воочени слабости. Оваа суштинска алатка која ја имаме ни дава можност, нам, луѓето со различни гледишта да можеме да дојдеме до разбирање и до заедничко решение на соодветен проблем или предизвик кој веќе прави штета или може да им наштети на многумина. Токму оваа моќна алатка ни е најпотребна денеска кога Европа и светот се соочува со многубројни предизвици, особено во поглед на зачувување на мирот и стабилноста. Изминативе неколку дена дојде до големи пресврти на реториката во однос на конфликтот во Украина. Многу пораки, идеи и ставови се разменија за време на средбите и состаноците кои се одржаа за време на Минхенската безбедносна конференција како и на состанокот на министри за одбрана на НАТО, што покажуваат дека системот функционира. И токму затоа нема да кажам дека тоа треба да не загрижува туку напротив, тоа е начинот на кој треба и мораме во денешниот цивилизиран свет да се однесуваме.

Секогаш имајте предвид дека заедничко на сите нас кои сме дел од Алијансата, но и на земјите членки на ЕУ и останатите аспиранти за ЕУ, се човековите права и вредности односно мирот, демократијата, правдата и стабилноста. Јас сум убеден дека состојбата во која што сме ќе не направи посилни и пообединети. Факт е дека имаме една нова реалност и она што и на оваа конференција и на министерскиот состанок преовладуваше беше пораката дека што поскоро е потребно да се дојде до одржлив мир, мир кој ни треба на сите нас кои живееме во Европа, но и пошироко. А тоа се и основните постулати на НАТО Алијансата, да промовира демократски вредности, да им дава можност на членките да се консултираат и да соработуваат за прашања поврзани со одбраната и безбедноста за решавање проблеми, градење на довербата, на долгорочен план, спречување конфликти и најважното НАТО е посветено на мирно решавање на споровите. Токму затоа сметам дека оваа нова реалност само дополнително ќе ја  зајакне врската помеѓу Европа и САД, врска која била секогаш силна и непрекината. Пораката на македонската Влада е јасна и недвосмислена а тоа е дека се залагаме и повикуваме на мир. Страдањата на кои бевме сведоци последните години едноставно мора да запрат и јас барањата за мир ги гледам како цивилизациска должност. Во Европа нема место за војна и добро е што почнуваат да се исцртуваат контурите за воспоставување на мир и безбедност на стариот континент.

Новиот претседател на САД, Доналд Трамп, и неговата администрација веќе побара нов концепт на НАТО. Потребно ли е одредено редефинирање на Алијансата?

– НАТО е единствено, и како такво ќе остане. Нема и не треба да има никаков сомнеж во нашето заедништво и во силата на 32 земји членки заеднички да се грижат за безбедноста на Алијансата. Како што кажав и пред малку, големината е во тоа што дискутираме и разменуваме идеи и споделуваме свои мислења за многу нешта, се со една цел, како да ја зачуваме безбедноста на повеќе од 1 милијарда граѓани. На тукушто завршениот министерски состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, реториката во споредба со состанокот кон средината на октомври е променета. Си поставивме многу логични прашања за тоа колку поддршката за Украина била ефикасна. Прашања и дискусии кои наведуваат кон тоа дека дојде времето да се размислува за прекин на воените дејствија и воспоставување на мир на европскиот континент. Ќе повторам, преовладуваа и како што можете да забележите деновиве преовладуваат дискусиите за мир, и тоа одржлив мир кој нема да биде само една пауза до некоја следна фаза на војната, но и за она што би следело по воспоставувањето на мир – а, тоа е обнова и реконструкција на Украина.

Новата администрација на САД бара земјите членки на НАТО да го зголемат процентот за издвојувањето за одбраната од 2 на 5 проценти од БДП. Ние го исполнуваме условот со 2 процента, но можеме ли повеќе?

– Секоја одлука што се носи во најголемиот политичко-воен сојуз се носи со консензус односно со заеднички јазик. На последниот состанок се дискутираше и на оваа тема, за зголемување на процентот кој се одвојува за одбраната. Јас јасно кажав дека од оваа перспектива одвојувањето на 5 проценти од БДП за одбрана во моментов и за краток временски рок е тешко изводливо. Добро е што заеднички донесената одлука за одвојување на 2 отсто од БДП за одбрана, која е во сила и во моментов, ние ја исполнуваме, што значи стоиме на одлуката која и самите ја потврдивме на Самитот во Вашингтон. И, не само тоа – ние одвојуваме рекордни 106 милиони евра за модернизација и опремување, што е 18 милиони евра повеќе од 2024 година и над 32 проценти од годинешниот буџет. Значи, посветеноста кон зацврстување на армиските капацитети е јасна и видлива.

Кога зборувам за буџетот, морам да кажам дека не е важно само да ги одвоите парите на граѓаните за одбрана, туку уште поважно е како тие пари ќе ги инвестирате. Сакам секој еден денар кој граѓаните ни го доверуваат да го инвестираме во уште посилна безбедност – нивна, на државата и на Алијансата. Домаќинското работење ќе овозможи да постигнеме повеќе со помалку и да направиме најголем ефект со средствата кои ни се доверени. Во НАТО имате повеќе пристапи кон инвестирањето во одбраната. Две третини од земјите го исполнуваат заеднички донесениот услов – 2 отсто од БДП, меѓу кои и Македонија, а од нив има земји кои достигнуваат многу повеќе во овој момент или имаат јасен план како да го достигнат тој процент. Но, имате и земји кои сè уште немаат стигнато ни до 2 отсто од својот БДП. Македонија многу внимателно ќе треба да го анализира овој процес зашто кај нас и другите сектори кои изминатите години беа целосно урнисани, ќе треба да ги развиваме – а, за тоа треба средства.

Во С. Арабија започнаа преговорите за прекинот на руско-украинската војна, без учество на ЕУ и на Украина… Дали мировниот процес кој го форсираат САД носи доверба, посебно од аспект на (не)вклучувањето на ЕУ?

– Она што можам да го кажам е дека реалноста околу војната во Украина се менува и дека е добро што гласно размислуваме за мир. Јас сум убеден дека новата американска администрација сака мирот да се врати што е можно побрзо и од аспект на човек кој верува во глобалните современи вредности го поддржувам тој пробив. Едноставно, нема замена за мирот и за стабилноста. Впрочем, тоа е суштинска цел и на Алијансата. Верувам дека секој состанок и средби кои се реализираа и ќе се реализираат во периодот што следува е за изнаоѓање најдобро можно решение за воспоставување на одржлив мир. САД го направија првиот чекор по ова прашање, дел од земјите од ЕУ исто така разговараа за новонастанатите политички промени. Убеден сум дека набргу сите заедно ќе седнат на заедничка маса на која затоа што ќе преовлада разумот затоа што нема замена на мирот.

Дали сме подготвени да испратиме наши војници во Украина, околу што размислуваат Велика Британија и Франција? Ќе праќаме ли нова воена помош за Украина?

– Пак ќе речам – живееме во нова реалност и мислам дека е време во таа реалност да го пронајдеме патот до еден одржлив мир и трајна безбедност. Прашањето за испраќање војници во Украина по воспоставувањето на мир беше отворено на изминативе два големи настана, во Брисел и во Минхен, и за истото имаше различни размислувања, но за прецизни информации во однос на вклученоста со конкретни бројки за војници, опрема не се разговараше. Засега тоа е замисла и истата ќе зависи од она што е најважно првенствено да се случи, да се воспостави мир на украинското тло, па потоа ќе следи пристап за обнова и реконструкција. Добро е што преговорите почнаа, но секаков коментар околу исходот би бил еднаков на шпекулација. Нашиот став во однос на помошта е дека тука сме да помогнеме во согласност со нашите можности и капацитети.

Во јавноста се слушна и идејата за формирање на „Европски вооружени сили“. Добра ли е таквата ориентација?

– НАТО и Европската Унија од аспект на безбедноста се комплементарни. Впрочем, само видете ги земјите кои се членки и на едната и на другата организација. Тие немаат два система за безбедност. Како организации кои се комплементарни, мислам дека прашањето за односите НАТО – ЕУ треба да си го поставиме како геополитички концепт – нема европска безбедност без НАТО и нема силно НАТО без силни европски земји и силна врска со Европската Унија. Нè поврзуваат вредности, а вредностите остануваат засекогаш. Она на што претседателот Трамп инсистираше во својот прв мандат, а е реалност денеска, е европските земји на НАТО да инвестираат повеќе во сопствената безбедност. Тоа го гледаме низ бројки. Но, согласно целите на способности на секоја од земјите, вклучително и Македонија, ние ќе мораме да размислуваме за уште поголема инвестиција во безбедноста.

Кога ќе биде распишан конкурсот за прием на нови 300 професионални војници и 60 граѓани со цивилни факултети?

– Првиот оглас на кој сме фокусирани е огласот за прием на професионални војници во редовите на македонската Армија. Во текот на март овој оглас ќе биде објавен, со што ќе го започнеме процесот за прием на 300 нови професионални војници кои ќе значат сериозно подмладување на Армијата. Ги повикувам младите македонски граѓани од сите етнички заедници, мажи и жени да нè следат и да се пријават, затоа што службата во Армијата е врвот на патриотизмот кој можеме да го покажеме. Од друга страна, Армијата е една високо организирана структура, а грижата за сите армиски припадници е мој приоритет и приоритет на  Министерството кој го покажавме на дело изминатите месеци.

Она што јас го ветувам е дека при изборот ќе се водиме од професионалност и покажани резултати. Ги бараме најмотивираните, најподготвените и најспособните затоа што во редовите на Армијата има простор само за професионализам и затоа најдобрите ќе ја добијат шансата да бидат дел од една високо организирана структура, од една институција која се грижи за своите вработени и од една професија која нуди огромен број можности за напредок и личен и професионален развој. Министерството и јас како министер како еден од основните приоритети го поставивме развојот на човечкиот потенцијал и капацитет и со досегашните политики покажавме дека тоа не е флоскула, туку реалност.

Се расчистија ли правните дилеми околу набавката на италијанските  хеликоптери. Дали набавката ќе оди по планот?

– Набавката на хеликоптерите од компанијата „Леонардо“ има одредени правни предизвици кои ќе ги надминеме. Веќе следната година, согласно договорот, ги очекуваме првите два нови хеликоптери. Јас укажав на некои правни постапки кои не биле испочитувани. Работиме на тоа сета процедура да се заврши законски и согласно правните прописи и ќе успееме во тоа. Станува збор за голема набавка – 249 милиони евра, што всушност е најголемата набавка на Министерството и затоа не смееме да си дозволиме грешки во процедурата. Сепак, станува збор за пари на граѓаните и како што реков и претходно мораме да бидеме сигурни дека секој еден денар ќе донесе најмногу безбедност за македонските граѓани.

Кога ќе стартува реконструкцијата на Домот на АРМ во Скопје, ќе се доградува ли објектот, ќе се менува ли фасадата, какви промени ќе има таму?

– Домот на Армијата е еден репрезентативен објект кој се наоѓа во центарот на Скопје, но, за жал, не е во својот сјај. По увидот кој го направивме, донесовме одлука за негова реконструкција. Како што е редот најнапред потребно е да се изврши изработка и ревизија на проект за реконструкција на Домот на Армијата, што е појдовна точка за конечно реновирање и на овој репрезентативен армиски објект. И тоа веќе е во Планот за јавни набавки на Министерството за 2025 година. Очекувам по направениот план за реконструкција, следниот период да започнеме со негова реализација и сите граѓани на Македонија да бидат горди на овој објект. Но, би сакал да истакнам дека годинава навистина правиме исчекор во реализација на инфраструктурни проекти за Армијата. Согласно одбранбениот буџет за 2025 година, речиси 2 милијарди денари или 31,7 милиони евра, односно 9,6 проценти од одбранбениот буџет се одвоени за оваа намена. Споредбено со 2024 година кога беа одвоени 3,5 проценти од буџетот или околу 11,4 милиони евра, тоа претставува речиси трикратно зголемување на средствата за оваа намена.

Засега не размислуваме за враќање на задолжителниот воен рок

Дали актуелната ситуација може да го смени ставот околу невраќањето на воениот рок и да почнете да размислувате и за тоа, но и за развојот на воената индустрија во земјава?

– Воената индустрија е скапа индустрија за самостојно да ја развивате. Но, треба да направиме сè за да покажеме дека Македонија е одлично место за странски инвестиции во оваа област. Јас и претходно и сега ги охрабрувам инвеститорите да дојдат, да го видат нашиот потенцијал и заедно со државата, со Владата, да отвориме можности кои ќе значат силна воена индустрија и на македонско тло.

Во однос на враќањето на воениот рок, македонските граѓани и сега со постојното решение имаат можност да отслужат доброволен воен рок во македонската Армија, во Командата за обуки и доктрини во Касарната „Алексо Демниевски – Бауман во Велес. Засега не размислуваме за промена на овој став, но секогаш сме отворени да ги слушнеме другите мислења и аргументи и по одредена анализа на соодносот трошоци и бенефит, да увидиме кој е најдобриот правец за развој.

 

ИЗДВОЕНИ