„Без разлика на тоа дали има детето афинитет кон музиката, т.е. дали ќе се занимава понатаму со музика или не, придобивката од посетата на детските концерти на класична музика е многу голема. Тоа е еден посебен свет, полн со имагинација и чувства. Во уште подобар случај, децата добиваат инспирација да започнат да свират на некој инструмент“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР диригентот, маестро Виктор Митревски, со кого разговаравме токму за значењето што го имаат ваквите музички настани врз развојот на младите
Маестро Виктор Митревски (1987) ја започна својата музичка приказна на седумгодишна возраст, со часови по виолина. По успешниот матурски концерт на кој во првиот дел свиреше на виолина, а во вториот на пијано, во 2005 се запиша на студии по оркестарско диригирање на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Во 2016 година, тој ги заврши студиите по хорско диригирање на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, а следната година дипломираше и оркестарско диригирање на тој Универзитет. Во 2012 година, дебитираше во Македонската опера и балет со „Аптекарот“ од Јозеф Хајдн, а во 2014 диригираше со Балтичката филхармонија во Гданск, Полска. Три години подоцна, следуваше успешното деби во Виена, и тоа во Theater an der Wien, со експерименталниот проект „Wir befreien Eurydike“ („Ја ослободуваме Еуридиче“). Следуваше неговата успешна кариера како диригент во европски рамки, а и бројни соработки, меѓу кои и со Македонската филхармонија. Денес, Митревски работи во Theater an der Wien и соработува со хорот „Арнолд Шенберг“.
Неодамна, во Македонската филхармонија беа одржани два концерти за деца „Имате ли ритам“. Колку сте задоволни од посетата и од интересот на родителите да ги донесат своите најмлади да проследат еден ваков музички настан?
Прво да ја поздравам иницијативата на Македонската филхармонија, која сѐ почесто организира вакви концерти за најмладата публика. Салата беше исполнета на двата концерти. Глетка што многу радува. Се надевам дека ќе продолжи оваа традиција, преку која публиката од основните училишта, не само од Скопје туку и од цела Македонија, ќе има можност уште од рана возраст да ја почувствува магијата на еден концерт со класична музика.
Кои се, според Вас, придобивките за едно дете ако присуствува на концерт со класични дела?
Посетувањето на овие концерти е од исклучителна важност. Поаѓајќи од мене, секое мое присуство на овие концерти уште од раната детска возраст ми даваше инспирација и поголема љубопитност за класичната музика. Нема да ги заборавам концертите на Македонската филхармонија, уште во Домот на Армијата, кога, како ученици во државното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, бевме сведоци на изведби од разни врвни солисти. По концертите, дискутиравме за самото дело и за изведбата на делото. Без разлика на тоа дали има детето афинитет кон музиката, т.е. дали ќе се занимава понатаму со музика или не, придобивката е многу голема. Тоа е еден посебен свет, полн со имагинација и чувства. Во уште подобар случај, децата добиваат инспирација да започнат да свират на некој инструмент.
Знаеме дека децата се прилично темпераментни и не секогаш успеваат да ги догледаат театарските претстави седејќи мирно на столчето. Каков е случајот со концертите?
Се разбира дека фокусот на младата публика не е ист како кај повозрасната публика. Во текот на изведбата на „Мамбо“, што е дел од добро познатата „Приказна од западната страна“ од Леонард Бернштајн, децата почнаа да танцуваат. Тоа е и убавината на овој вид концерти, каде што реакцијата на публиката е секогаш непредвидлива, но и искрена. Имавме среќа да го имаме со нас актерот Мартин Јорданоски, кој, како медијатор и аниматор, успеа да им ја доближи класичната музика на децата на многу забавен начин, но и да ги научи на бонтон однесување на настан од овој вид.
Колку е битна врската диригент – оркестар – актер, па и костимограф и сценограф, за успешноста на еден концерт за деца?
Многу! Само со продуктивна комуникација меѓу сите овие луѓе задолжени за реализација на концерт од ваков вид, може да се дојде до концепт што ќе биде забавен и едукативен за младата публика. Многу е важен пристапот кон овие концерти. Тој треба да биде исто толку сериозен и професионален како и за концертите што се на редовната програма. Децата на оваа возраст впиваат најмногу информации, кои ќе им останат понатаму во животот. Ако им презентираме професионализам и квалитет, тогаш автоматски ги креваме стандардот и свесноста за постоењето на културата или конкретно на оваа музика кај младата генерација.
На која возраст се најчесто децата што го посетуваат концертот и од колку години можат да бидат дел од публиката и да го следат она што се случува на сцената?
Во публиката има деца од 5 години, па до 10-11 години. Покрај концертите за одделенијата од основните училишта, се организираат и фамилијарни концерти, на кои децата доаѓаат со своите родители. Според реакцијата на родителите, можам да кажам дека и повозрасната публика, исто така, ужива во овие концерти.
Како ја подготвувате програмата, поточно како го правите изборот на композиции што ќе бидат изведени. Дали постојат композиции на кои повеќе реагираат и сакаат да ги слушаат?
Програмата е секогаш внимателно одбрана. Концертот е веќе изведен пред десетина години, но поради успешноста и одличната реакција на публиката, со мали измени, повторно го изведoвме. Концептот за овој концерт е програма со подинамична музика, каде што ритамот има важна улога. Впрочем, како што налага и самиот наслов на концертот „Имаш ли ритам“. По тој повод, имавме голем број ударни инструменти како во составот на оркестарот така и како солисти. Инструменти како тапани, ковална, машина за пишување, кастанети и така натаму.
Работите и во Театар ан дер Вин во Виена. Дали и таму се одржуваат симфониски концерти за деца и каков е интересот? Кажете ни нешто повеќе за начинот на кој функционираат концертите за деца таму.
Имав можност да ги диригирам детските опери во Theater an der Wien неколку години. Добро познатите опери како „Волшебната флејта“, „Свадбата на фигаро“ и „Лилјакот“, преработени за младата публика. Бидејќи станува збор за оперска куќа, таков беше и концептот, со оркестар и оперски пејачи на сцената, со тоа што изведувавме еден дел од операта на главната сцена, друг дел во фоајето, а трет дел зад сцената. На тој начин, децата се повеќе инволвирани во самото дејство на операта и има повеќе интеракција меѓу солистите и младата публика.
Според Вас, што треба да се направи за да се афирмираат вакви концерти на ниво на државата?
Има многу начини и идеи за реализација на овие концерти. Покрај концертите во Филхармонијата, може да се организираат концерти на отворено во внатрешноста на Македонија. Евентуална соработка на Филхармонијата со националната Опера и балет. Постои голем избор на литература компонирана специјално за младата публика, и тоа од познати композитори како Сергеј Прокофјев, Франсис Пуланк, Ками Сен Санс и така натаму. За мене како диригент, ова беше втор детски концерт со Македонската филхармонија и можам да констатирам дека е голем интересот.
Кога може да се очекуваат следни концерти за деца?
Со оглед на тоа што Македонската филхармонија сѐ почесто организира вакви концерти, сигурен сум дека во најскоро време децата повторно ќе се радуваат со звуците на класичната музика. Комуникацијата со сите основни училишта во Македонија е многу важна за сите ученици да имаат можност да бидат сведоци на ваков концерт.
Даниела ТРАЈКОВСКА