На покана токму на ликовната уметница Анита Алабо и визуелната уметница од Франција, Јоланда Ајо, член на асоцијацијата на ликовни уметници од Париз, веќе втора година учениците од четврто до деветто одделение од ООУ „Крсте Мисирков“, заедно со ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“, создаваат ликовни творби инспирирани од нивните омилени книги. Најуспешните цртежи ќе бидат дел од изложбата „Mon Livre Préféré“, која од 4 до 9 февруари 2024 година ќе се одржи во Париз, Република Франција, во познатата париска галерија GALERIE MENIL’8. Ова поврзување на литературата, детската креативност и визуелната уметност, беше повод за весникот ВЕЧЕР да разговараме со Алабо
Анита Алабо е мошне интересна личност. Родена во Гевгелија, основно училиште завршува во својот роден град, а средно медицинско во Скопје. По дваесет години работа како медицинска сестра во Општата болница во Гевгелија, заминува во Франција, каде што живее 11 години, додека уметноста почна да ја привлекува од пред пет години. Како самоук сликар, таа е член на повеќе здруженија на уметници во Франција, а изложувала во музеи, галерии и саеми за уметност во Франција и во странство.
Родена си во Гевгелија. Во какви бои го гледаш градот на твоето детство во твоите спомени?
Имав прекрасно и безгрижно детство исполнето со игри и другарување. Секогаш кога ќе помислам на тој период од мојот живот чувствувам топлина во срцето,а и Гевгелија, мојот роден град го гледам обоен во боите на сонцето.
Како се случи да заминеш во Франција?
Отсекогаш имав чувство дека дел од мојата животна приказна ќе се одвива во некоја друга земја. Сè започна со едно случајно познанство, кое продолжи во долгогодишно пријателство и прерасна во сериозна причина да заминам и живеам во Франција.
Од каде љубовта кон уметноста и кога откри дека имаш талент за цртање?
Како и сите, имав основно познавање и интерес за уметноста стекнато од училиште. Но, во моментот кога првпат ги посетив познатите музеи во Париз како „Лувр“, Музејот „Орсеј“, Музејот на модерна уметност, центарот „Помпиду“ и други и кога во живо ги видов најпознатите светски уметнички дела, пред мене се отвори еден сосема друг свет. Париз е град на уметноста и како таков привлекува многу уметници и креативни луѓе. Имав среќа да запознам луѓе што инспирираат и да се најдам во таква креативна средина и на некој начин да се пронајдам во тој уметнички свет.
Твојата уметност е апстрактна, од каде ја црпиш инспирацијата, од реалноста или од соништата?
Мојата инспирација доаѓа од животот, од природата што ме опкружува, од соништата и богатата фантазија. Иако мојата уметност е апстрактна, често во неа можеме да препознаеме или да се асоцираме на некои фигуративни елементи од живиот свет, па дури и на некои фиктивни пејзажи.
Како започнува твојот творечки процес на создавање на една слика, однапред знаеш што ќе излезе, или пушташ да те води инспирацијата?
Неколку дена пред да започнам да сликам моите мисли почнуваат да бидат преокупирани со бои, поточно со чувства за одредени нијанси на бои. На некој начин, тоа е како созревање на потребата да почнам да сликам. Мојот процес на сликање е сосема спонтан, сосема се препуштам на креативниот тек без претходно формулирана идеја. Финалниот резултат често е изненадување и за мене, но секако е извор на големо задоволство и исполнување.
Богатиот колорит е често присутен во твоите дела. Како избираш палета на бои и како боите влијаат на изразувањето на емоциите и пораките во твоите дела?
Во сликарството, боите и деталите во една слика се како ноти во музичка композиција или како букви и зборови во една книга. Како темпераментна личност, мој начин на изразување на емоциите е преку интензивни бои и многу детали со цел за креирање комплексна, но хармонична композиција и приказна што би ја поттикнала имагинацијата на набљудувачот.
Членка си на повеќе здруженија на уметници во Франција, добитник на значајни награди, голем е списокот и на твоите самостојни и групни изложби во Франција и во странство. Кои од наградите и изложбите би ги издвоила?
Сите изложби се важни затоа што секој уметник има желба да го сподели својот креативен свет, својата визија и порака со поширока и различна публика. Кога би издвоилa, особено ми се драги наградите што ги добив во Фиренца и во Милано. Се чувствувам многу гордa што две од моите слики сега се дел од постојаните кoлeкции на Државниот историски и културен резерват – музеј Исиквo, Република Казахстан и на Mузејот KKM Виладел Артe вo Сицилија. Исто така, многу сум среќна што бев избранa да учествувам вo изложби организирани во музеи како што се Националниот музеј во Алмати, Казахстан, Mузејот Крочети во Рим, музеите на Витербо и Непи во Италија и Музејот CCM Виладел Артe вo Сицилија. Од ликовните cалони би ги издвоила Арт Капитал и Салон д’Аутoмнe во Париз, како и учество на различни групни изложби во Париз, Лондон, Њујорк, Брисел, Римини.
Во Гевгелија престојуваш со убав повод, изложба на детски цртежи на тема „Мојата омилена книга“. Кажи ни нешто повеќе за оваа интересна соработка помеѓу Франција и Македонија?
Оваа година се одржува четвртото издание на проектот/изложба со наслов ‘Мојата омилена книга’ во Париз. Лани добив идеја да предложам соработка на Наташа Смилкова, наставник во ОУ ‘Крсте Мисирков’ за вклучување на учениците од нејзиниот клас во проектот. На мое особено задоволство поканата беше прифатена со голем ентузијазам па покрај нејзиниот клас, ни се приклучија уште два други класа. Соработката беше успешна, па еве ова е втора година како нашите млади уметници, учениците од ОУ ‘Крсте Мисирков’, како и неколку ученици од гимназијата ‘Јосиф Јосифовски’, учествуваат во проектот ‘Мојата омилена книга’. Со овој проект се промовира културната размена, се поттикнува креативноста, а воедно се поттикнува и љубовта кон францускиот јазик и култура
Како си задоволна од креациите на гевгелиските млади уметници?
Прекрасни креации! Секој од овие млади уметници успеа на свој начин, со своја интерпретација и стил, да креира насловна страна на една од нивните омилени книги. Можеби кај некои од нив овој проект ќе разбуди желба да бидат наши идни илустратори и сликари.
Носител на овој проект е визуелната уметница од Франција, Јоланде Абитбол. Која е целта на ваквиот проект во Галерија МЕНИЛ’8? Ученици од кои земји ќе учествуваат и кога ќе биде отворена?
Уметницата Јоланде Абитбол е голем љубител на пишаниот збор и на цртањето. Често во нејзините дела овие две форми на изразување се застапени заедно. Оттука се раѓа и нејзината идеја да организира проект за креирање на насловна страница на една омилена книга во која можат да учествуваат ученици, аматери и професионални уметници. Секоја година креациите се изложени во Галеријата MENIL’8, која припаѓа на Здружението на уметници од Менилмонтант – АДМ во кое членуваме заедно со Јоланде. Целта на оваа изложба е културна размена меѓу учесниците и посетителите, како и зголемување на желбата за читање и цртање. Во оваа изложба учествуваат околу 400 учесници, од кои ученици од 6 училишта од Париз, еден клас од Фес, Мароко, како и нашите ученици од Гевгелија. Изложбата ќе трае од 5 до 9 февруари во галеријата MENIL’8 во Париз.
Љубчо Алексовски