– Во музичките училишта, основни, средни, па и на факултетите за музичка уметност, се образоваат добар број млади музичари, изведувачи, фолклористи. Но тука, како значаен елемент, повторно ќе го посочам начинот на кој се изучуваат овие инструменти и воопшто нашиот фолклор. Треба да се зачува автентичниот облик, да се пие вода директно од изворот, од кладенецот, да се учи од нашите предци и така да се негува фолклорот за да може идните генерации успешно да наследат нешто што ќе биде чисто, изворно македонско од цела Mакедонија – вели за весникот ВЕЧЕР Стефче Стојковски, виртуоз на изворни народни инструменти
Свири на сите македонски народни инструменти, има настапувано секаде низ светот, и пред многу познати имиња, добитник е на значајни награди и признанија, а неодамна неговиот ансамбл прослави 25 години постоење. Се работи за негувачот на македонската народна музика и на македонскиот фолклор и виртуоз на изворни народни инструменти, Стефче Стојковски. Во разговор за весникот ВЕЧЕР, тој ни раскажа како започнал да свири и кој му е најголема поддршка, но и дали може да очекува Македонија светла иднина на македонскиот фолклор
Дали уште од мали нозе знаевте дека ќе се занимавате со традиционалните музички инструменти и дека ќе го негувате македонскиот фолклор?
Јас од дете, од пет години, почнав да свирам на едно мало кавалче што ми го направи мојот дедо и заедно со него и со татко ми, запливав во семејната музичка традиција, која се има пренесувано од колено на колено. Во тој период, како дете, не знаев каде и во кој правец ќе ме одведе животот и што ќе биде мојата професионална определба. Дедо ми и татко ми беа лекари и мислев дека и јас ќе продолжам по тој пат, но можам да кажам дека надвладеа наследениот музички ген или предодреденоста по Божја волја и промисла. Од мали нозе се дружев со изворните инструменти и со изворната музика и сето тоа беше домашно музичко воспитание. Оттаму се роди љубовта кон македонската музика.
Велите дека талентот и љубовта кон музиката Ви се наследени од Вашите татко и дедо, дали Ви беа тие најголемата поддршка додека музички се образувавте?
Секако дека моите родители, дедо ми, баба ми и потесното семејство, ми беа најголемата поддршка. Бев интересно дете што знаеше да свири на таа возраст, но не бев форсиран од родителите, ниту некогаш чув некоја фалба, збор во суперлатив, како што го прават тоа некои родители за своите деца. Напротив, секогаш ме советуваа дека патот кон успехот е со многу труд, работа, дисциплина и, секако, многу љубов.
Досега имате многу настапи секаде низ светот и пред многу познати личности, а имате настапувано и пред рускиот претседател, Владимир Путин. Какво е чувството да бидете поканети и да се претставите на вакви настани?
Сум настапувал пред многу познати личности од светот, а претседателот Путин е еден од нив. Од хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ лично добив признание на МСФ во Загреб. Имам свирено пред турскиот претседател Тургут Озал, германскиот претседател Роман Херцог, рускиот митрополит Алексеј, многу светски дипломати, градоначалници, луѓе од политичкиот, општествениот, економскиот и од социјалниот живот, а, исто така, имам соработувано и со многу светски имиња од културниот живот, од областа на музиката, што, за мене, е далеку позначајно и повредно. Чувството на ваквите настапи е, секако, посебно, бидејќи му е дадена чест на уметникот и неговата работа да биде дел од позначајна делегација. Сепак, од уметнички аспект, одговорноста е секогаш иста, независно каде и пред кого се настапува.
Од каде идејата да го формирате ансамблот на народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“?
Идејата ја имаа дедо ми и татко ми и дојде многу одамна, но сè што треба да ни се случи е предодредено од Севишниот (кога, како, зошто…). Ансамблот е создаден по примерот на ансамблите на Стево Теодосиевски, Пеце Атанасовски, Кочо Петровски и на други слични ансамбли, со таа разлика што Ансамблот на Стефче Стојковски е замислен како репрезентативен и спој на музичари, инструменталисти, вокални интерпретатори, љубители на македонскиот фолклор, игроорци, колекционери на разни македонски фолклорни обележја, орнаменти и др. од целата територија на етничка Македонија. Може да се спореди со една фудбалска репрезентација во која членуваат „најдобрите“, односно најразличните, сите поддржувачи на македонското културно духовно наследство и на Македонија пред сè.
Во октомври минатата година, одбележавте јубилеј – 25 години на Вашиот ансамбл. Што значи тоа за Вас, колку се значајни тие 25 години?
За мене и за Ансамблот се многу значајни овие 25 години, бидејќи иако не успеавме да го претставиме целокупното творештво на Ансамблот со еден концерт, сепак, на одреден начин успеавме да им го доближиме на сите љубители на народното творештво и на сите почитувачи на нашата дејност, една енергија што повеќе е синергија на сето она што ги води музичарите и Ансамблот напред, во сите овие изминати години. Со ист интензитет ќе продолжи да се развива и во иднина за ширење, презентација и за афирмација на македонските култура, фолклор и на македонското постоење. Во изминативе 25 години, Ансамблот е репрезент и културен амбасадор на Македонија ширум светот, за што потврдуваат бројните меѓународни награди и признанија.
Имате добиено многу награди како што е и онаа од Јужна Кореја, од УНЕСКО, за зачувување и негување на традицијата. Колку значи таа награда за Вас и кажете ни нешто повеќе за позначајните признанија што ги имате добиено досега?
Секоја награда има своја тежина, има свое значење, но оваа меѓународна награда има дотолку повеќе значење и вредност што доаѓа од организација што знае да го оцени она што е вредно, организација што, меѓу многумина, го пронашла автентичното, уникатно и емотивно фолклорно музицирање. Со вакво високо признание, ја забележале и ја истакнале нашата дејност, што, за жал, кај нас, едуцираните не го виделе и не го забележале. Од позначајните награди би ги истакнал: признанието од фестивалот во Астана, Казахстан; плакетата од фестивалот „Илан“, Тајван; трофејот на Градот Гван-Џу добиен од градоначалникот, а лично за мене, би ја издвоил наградата „13 Ноември“.
Свирите на многу инструменти, почнувајќи од кавал, гајда, тапани до зурли и уште многу други. Како се станува толку успешен во свирењето на овие инструменти, кои не се воопшто лесни да се научат?
Свирам на сите народни изворни инструменти. Со многу вежбање, посветеност, но и со многу љубов, се надминува секоја тежина, секоја препрека. Со многу труд и дисциплина, резултатот е неминовен. Но, би нагласил дека стимулативно влијае и секоја критика за да се усовршува уметникот и за да се движи секогаш кон сè поголем успех.
Според Вас, дали може да очекува Македонија светла иднина на традиционалните инструменти, фолклорот и на културата? Колку, според Вас, се негуваат тие овде, кај нас и дали е доволно тоа?
Со оглед на тоа дека фолклорот во Македонија се негува на повеќе начини, а најмногу преку фолклорните уметнички друштва, преку разните ансамбли, индивидуалните музичари и музичките групи, верувам дека ќе опстои. Сепак, повеќе стравувам од тоа во каква форма ќе опстои, бидејќи сè повеќе се губи висконскиот корен, односно сè помалку се пренесувачите на изворното, исконското. Негувачите сè повеќе се насочуваат кон некои неистражени извори, припишувајќи им изворен облик на мелодиите, кои сè повеќе отстапуваат од изворното. Се губат вистинскиот изворен стил и исконската изворна суштина на свирењето, пеењето и на играњето.
Колку се заинтересирани младите за ваквата традиционална музика и дали ќе имаме наследници во иднина што ќе продолжат да ги негуваат македонските традиција и фолклор и ќе свират на народни инструменти?
Во музичките училишта, основни, средни, па и на факултетите за музичка уметност, се образоваат добар број млади музичари, изведувачи, фолклористи. Но, тука како значаен елемент повторно ќе го посочам начинот на кој се изучуваат овие инструменти и воопшто нашиот фолклор. Треба да се зачува автентичниот облик, да се пие вода директно од изворот, од кладенецот, да се учи од нашите предци и така да се негува фолклорот за да може идните генерации успешно да наследат нешто што ќе биде чисто, изворно македонско од цела Mакедонија.
Софија БИСЛИМОСКИ