Интервју со Слободан Трендафилов, претседател на ССМ – Работниците заслужуваат повисоки плати, не може патните трошоци на функционерите да се поголеми од минималецот!

Високите цени на основните прехранбени продукти, услугите, како и цените на енергенсите и инфлацијата неминовно ја налагаат потребата од повисоки плати. Нема позначајно барање во историјата на синдикалното движење од барањето за достоинствена плата, адекватна на трудот и потребите на работниците и на граѓаните. Не постои оправдување Владата уште на почетокот од својот мандат, без да видиме никакви резултаи и ефекти од владеењето и политиките, да прифати плати за своите функционери покачени за 78 отсто и да испалаќа превоз за нив на месечно ниво повеќе од износот на минималната плата. За  работниците, без никаков социјален дијалог и без слух за нивните реални потреби, децидно, сама одлучи за висината на минималната плата, која е пониска од сите минимални плати во регионот – вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР синдикалниот лидер, Слободан Трендафилов

198

Анета СТОЈЧЕСКА

Кои се вашите барања за 1 Мај, дали со оглед на тоа што изјавивте оти синдикатите ви се поголеми непријатели од Владата, ќе ви се приклучат некои од другите синдикати во државата? 

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ ) го организира првомајскиот протест со следниве барања: минимална плата во висина од 500 евра; зголемување на сите други плати во државата за 100 евра; зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6 отсто, согласно со Општиот колективен договор за јавниот сектор. Овие барања се доставени од синдикалното членство, работниците и граѓаните до ССМ, затоа што  достоинствената плата добиена за извршената работа е единствениот начин за задоволување на егзистенцијалните потреби на работниците и нивните семејства и е најзначајното и најсуштествено синдикално барање воопшто. Нашите барања произлегуваат од синдикалната минимална кошничка, која ја пресметува ССМ и е единствен репер во државата за ефектите на владините економски политики врз животниот стандард на работниците и на граѓаните. Синдикалната минимална кошничка во јануари 2024 година изнесуваше 57.163 денари, а во јануари годинава – 63.252 денари или нејзината вредност е зголемена за 6.089 денари, односно за 10,65 отсто, онолку колку што изнесува и барањето за дополнително зголемување на минималната плата. За февруари, таа изнесуваше 63.773 денари, за март – 61.855 денари, а за април 2025 – 62.619 ден. Тоа покажува дека се потребни најмалку две и пол минимални плати по семејство за да се покрие минималната синдикална кошничка, која се заснова на елементарните потреби на едно четиричлено семејство. Високите цени на основните прехранбени продукти, услугите, како и цените на енергенсите и инфлацијата неминовно ја налагаат потребата од повисоки плати. Нема позначајно барање во историјата на синдикалното движење од барањето за достоинствена плата, адекватна на трудот и потребите на работниците и на граѓаните. Оттаму произлегува незадоволството на работниците и на ССМ од инертниот однос на другите синдикати во државата во врска со ова прашање. Дел од другите синдикати не го поставија прашањето за ниските плати на работниците во државата ниту во јавноста ниту во разговорите со претставниците на Владата, ниту ги поддржаа легитимните барања на ССМ за зголемување на платите, вклучително и за зголемувањето на минималната плата. Напротив, сведоци сме на нивните изјави во јавноста дека повисоките плати ќе предизвикаат инфлација, дека треба да се почитуваат само законите и дека работниците се задоволни од платите што ги добиваат. Во услови кога 25.156 работници во државата примаат минимална плата, а од минимална до просечната плата примаат 344.624 работници, изјавите на другите синдикати дека работниците се задоволни од платите, дека се исплаќаат согласно со закон и дека нема потреба од нивно покачување се нереално помирување со состојбата, некритичко размислување до степен на послушност, без аргументи и без визија, што е спротивно на работничката волја. Нема синдикат во светот што ќе се согласи со ваквите изјави дадени од дел од другите синдикати во државата, а со тоа не можеме да се согласиме и ние, како ССМ.

Прв пат откога е воведена минималната плата во државата, за неа беше одлучено без работниците. Дали излегувањето на улица и протестите се единственото решение за зголемување на платите во услови кога Владата нема слух да го направи тоа преку социјален дијалог?

Во современите демократски држави, социјалниот дијалог и функционирањето на економско-социјалниот совет е начин на учество на претставниците на работниците и на работодавците во креирањето на националните стратегии и политики за сите прашања од аспект на економско-социјалната положба на работниците и на граѓаните. Социјалниот дијалог е алатка за балансирани односи на трите социјални партнери. Неговите развој и унапредување покажуваат колку се приближува државата со своите демократски процеси и колку ги застапува европските и светските вредности на раководење и управување. ССМ навремено го поднесе своето барање за утврдување репрезентативност, Владата без оправдани причини ги разреши членовите во Комисијата за утврдување репрезентативност и назначи нови дури по два месеца од нивното разрешување. Со тоа, направи застој во работата на Комисијата и непотребно ја одложи постапката за утврдување репрезентативност на ССМ. Од овие причини, без вина на ССМ, во март немаше утврдено репрезентативност на Синдикатот и тоа беше оправдување на Владата дека не може да се свика Економско-социјалниот совет. На таков начин им се одзеде можноста на работниците да седат рамноправно и им се одзеде можноста да одлучуваат. Останува фактот дека е прекршен Законот и минималната плата е објавена без мислење на Економско-социјалниот совет и без учество на Синдикатот, односно се направени опструкција на социјалниот дијалог и застој и уназадување на демократските процеси во државата, што за држава што претендира да стане дел од европското семејство е сериозен удар врз евроинтеграциските процеси. ССМ го изрази своето незадоволство од ваквата состојба до Владата и побара дијалог за надминување на проблемите, но не беше постигнат сериозен напредок. Напротив, се продлабочи проблемот и резултираше со тоа Владата, прв пат од воведувањето на минималната плата во 2012 година, сама, без социјален дијалог, да одлучи и да ја објави минималната плата. Впрочем, ССМ е сериозен синдикат, чија работа е отворена и транспарентно достапна до сите медиуми и социјални мрежи. Отворени сме за дискусија на членството, работниците, граѓаните, Владата, невладиниот сектор, соработуваме со експертската јавност… Како претседател на ССМ, заедно со моите колеги претседатели на гранските синдикати, учествуваме на сите дебати кога сме повикани на која било телевизија, редовно даваме изјави и организираме прес-конференции во врска со нашите активности, нивната реализација и наредните планови. Не постои синдикат во државата што е подостапен и чија работа е потранспарентна од работата на ССМ. Сето ова покажува дека во изминатиот период сериозно се трудевме да ги надминеме проблемите со разум, разговор и спогодбено. Нашите обиди и подадената рака не беа сериозно сфатени, поради тоа организиравме и протест на кој 300 члена на органите и телата на ССМ и органите и телата на 18. грански синдикати во состав на ССМ го изразија своето незадоволство од нискиот износ на минималната плата, застојот во социјалниот дијалог и сериозните притисоци што ги вршат одделни владини претставници и директори на јавни претпријатија во работењето на синдикалните организации во состав на ССМ, што претставува повреда на конвенциите за синдикално организирање, здружување и колективно договарање. За ова ги известивме и Европската и Светската конфедерација на синдикати и МОТ и, како и секогаш, очекуваме сериозни реакции на нивните механизми за заштита на работничките права. ССМ продолжува да го изразува своето незадоволство преку организирање протест за Први мај, на кој ќе укажеме на сериозно ниските плати и на намалениот стандард на работниците и на граѓаните, како и на опструкцијата на социјалниот дијалог и колективното договарање во државата. ССМ секогаш постапувал на висина на своите програмски определби и задачи. Никогаш не сме правеле отстапки кога се работничките права во прашање, така ќе биде и овој пат. Притисокот врз нашето работење и постоење е сериозен и континуиран, нема да се повлечеме. Напротив, ќе ги преземеме сите мерки и активности да ги заштитиме македонските работници и граѓани и да им ги обезбедиме сите права утврдени со националното законодавство и со меѓународните трудови стандарди.

Кај владините институции и кај  работодавците се создаде впечаток дека притисокот за зголемување на минималната плата е преголем и нереален. Дали сметате дека има државата реална основа за зголемување на минималецот?

Крајната цел на секоја владина програма и ангажман треба и мора да биде подобриот живот за работниците и на граѓаните. Секоја влада ги реализира своите активности како претставник на работниците и на граѓаните, во нивни интерес, за нивни добро и просперитет. Секоја влада мора да даде придонес во создавањето услови за пристојна работа за сите, со достоинствена плата за квалитетен живот на своите граѓани и нивните семејства. Во тие рамки, не постои оправдување Владата уште на почетокот од својот мандат, без да видиме никакви резултаи и ефекти од владеењето и политиките, да прифати плати за своите функционери покачени за 78 отсто и да испалаќа превоз за нив на месечно ниво повеќе од износот на минималната плата. За  работниците, без никаков социјален дијалог и без слух за нивните реални проблеми и потреби, децидно, сама да одлучи за висината на минималната плата, која е пониска од сите минимални плати во регионот. Притоа, спротивно на законот, се преземаат мерки за дерогирање на Општиот колективен договор за јавниот сектор, пред сè во делот за уредување на платите за 12,6 отсто и се прави притисок преку другите синдикати во државата што прифаќаат помали износи на платите преку измени на колективените договори каде што тие се потписници. Не се понудени конкретни владини планови за промени и создавање економски претпоставки за привлекување домашни и странски инвестиции со целосна анализа кога и како може да се очекуваат економски ефекти, кои ќе резултираат со подобрена егзистенцијална положба на сите граѓани под еднакви услови. Само се инсистира на тоа дека не може да има повисоки плати за работниците, иако со платите на најголемиот број работници тие не може да си го обезбедат егзистенцијалниот минимум. Истовремено, според анализите, близу 250 милиони евра на годишно ниво не се слеваат во државната каса поради неплатени придонеси од голем дел работодавци, кои сè уште даваат плата во плик за да ја избегнат обврската за плаќање придонеси кон државата, а за што државата не води доволно сметка. Работодавците не беа децидно против предлозите на ССМ за минимална плата од 500 евра и покачување на сите други плати. Начелно, тие се согласија со нас, но бараа помош и разбирање од Владата. Тие бараа договор за начинот на субвенционирање или ослободување на делот од придонесите за дополнителното зголемување на платата за одреден временски период, но нивниот апел не беше прифатен. Целта на социјалниот дијалог е наоѓање баланс меѓу потребите на работниците, можностите на работодавците и политиките за економски развој на Владата. Притоа не смее да има ароганција и непочитување, туку искрен пристап, аргументи и реални анализи. Со опструирање на социјалниот дијалог се постигнуваат само негативни ефекти, појава на незадоволство, протести, прекин на работењето на институциите и на стопанските капацитети.

Зошто доцнат платите во Културата и во другите институции и дали вработените од овие институции ќе ви се приклучат на протестот?

Министерството за култура подготвило нов начин на пресметка на платите за вработените од институциите од културата, спротивен на начинот на пресметка на платите утврден со Колективниот договор. Ова е уште еден обид за опструкција на социјалниот дијалог и колективното договарање, со кој не се согласија вработените во институциите од областа на културата и за што Синдикатот за култура организираше протест, кој беше поддржан од ССМ. Синдикатот за култура и вработените во институциите од културата веќе преземаат активности за почитување на колективените договори за исплата на палатата и, се разбира, ќе бидат дел од првомајскиот протест организиран од ССМ.

До каде е работата на Комисијата за репрезентативност, дали ќе добие ССМ репрезентативност?

Сојузот на синдикатите на Македонија, согласно со закон, поднесе барање за утврдување репрезентативност до Комисијата, во декември 2024 година. Владата ги разреши своите членови во Комисијата во јануари 2025 година, а во март назначи нови членови, по што беше комплетирана Комисијата и можеше да работи. Во текот на април, одржани се два состанока на Комисијата, на кои се разгледани дел од материјалот, списоците за членство во ССМ што ги доставивме со барањето за утврдување репрезентативност. Сè досега, ССМ е единствениот синдикат што има поднесено барање за утврдување репрезентативност на национално ниво, на ниво на јавниот и приватниот сектор. Очекуваме да се одвива постапката согласно со закон и да добиеме решение за утврдување репрезентативност на ССМ, со што би го продолжиле континуитетот на ССМ на овој план, а со тоа и рамноправно учество на работниците на Економско- социјалниот совет.

Во јавноста излегоа платите на синдикалните лидери, дали создава тоа револт кај членството, како што создаваат револт кај вас платите на функционерите?

Револтот поради платите на функционерите е револт на работниците и на граѓаните поради примената на различни методи и критериуми во врска со вреднувањето на трудот, правата и обврските и поради кршење на уставните определби за еднаквост и недискриминација кога се работи за уредување на платите на функционерите и платите на работниците и на граѓаните. Сложената економска состојба на државата не може да се рефлектира само на грбот на работниците и на граѓаните. Економската криза и недостатоците во буџетот треба сите подеднакво да ги почувствуваат. Не може буџетот да е во кондиција за платите на функционерите, за нивните патни трошоци, за нивните луксузи, а да не може да ги поддржи платите на работниците. Без работниците и нивната работна сила, не може да се градат ниту економијата ниту општеството. Револтот на работниците и на граѓаните за високите плати на функционерите произлегува од отсуството на грижа и решенија за сите во државата и создавање нереални приоритети за функционерите, кои, патем речено, не испорачале ефикасност и резултати во работењето. Од друга страна, нападите на раководството на ССМ и на синдикатите што се дел од ССМ со образложение дека платата од 60.000 денари на претседателот на ССМ е голема и дека поради тоа не треба да се бара зголемување на минималната плата на 500 евра и зголемување на другите плати за 100 евра, се потценување на интелегенцијата на работниците, особено поради тоа што овие напади се од луѓе што се избирани од работниците и од граѓаните, а кои имаат по 120.000 или по 150.000 денари плата. Токму поради тоа, највисокото раководство на ССМ излезе на протест и пред Собранието и Владата, едногласно донесе одлука: фукционирете од Владата и од Собранието и избраните и именуваните лица од нив да примаат минимална плата од 500 евра во период од 12 месеци, заедно со претседателот на ССМ, а истовремено да ја зголемат минималната плата за дополнителни 6.000 денари и да ги зголемат сите други плати за 6.000 денари, но, за жал, останаа глуви на ваквиот предлог.

До каде е постапката за донесување нов закон за работни односи и закон за безбедност и здравје при работа?

Постапката за донесување нов ЗРО започна во 2018 година и поинтензивно се спроведуваше до 2023 година, период во кој беа одржани голем број расправи на социјалните партнери и беа усогласени над 80 отсто од законскте одредби. Во овие расправи, ССМ, при поднесување на предлозите за унапредување на законското решение, се раководеше од добрите европски и светски практики, европските директиви и од меѓународните трудови стандарди. Во 2024 година воопшто не се работеше на законот, а од почетокот на оваа, 2025 година, Владата најави нова постапка за донесување или нов ЗРО или негови измени и дополнувања. На конференцијата што беше одржана на оваа тема заедно со владините претставници, работодавците и со синдикатите, ССМ го изрази ставот дека најголем дел од законските одредби се усогласени во расправите во изминатиот период и дека доколку се продолжи истата постапка, може побрзо и поефикасно да се заврши. Во врска со ЗБЗР, иницијативите за негови измени и дополнувања беа започнати во периодот на 2020 година, но оваа постапка речиси и да не се реализираше во изминатиот период.

Како ги коментирате обвинувањата од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека сте портпарол на СДСМ и дека ги штитите неговите интереси?

Не ги коментирам, затоа што не заслужуваат коментар. Борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба и не може да се сфати никако поинаку, колку му се допаѓало тоа некому или не. Нејзиното политизирање секогаш зависи од нивната перцепција, дали се власт или се во опозиција.

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ