Со 1.005 натпревари, Александар Ставрев со право го има епитетот најдобар македонски фудбалски судија на сите времиња. Неговиот збор беше последен на 13 натпревари во Лигата на шампионите, а ја делеше правдата и во Купот на УЕФА, Лига Европа, Конференциската лига, Лигата на нациите, на квалификациските натпревари за СП и ЕП…

Сосема заслужено и очекувано, Ставрев ја делеше правдата и на финалниот натпревар од Купот на Македонија, каде што за првпат во нашата земја беше употребена ВАР-технологијата. Во екскулизвно интервју за весникот ВЕЧЕР, најдобриот македонски судија откри што мисли за ВАР-технологијата, за судењето на ЕП 2024, за тоа која репрезентација има најголеми шанси да го освои трофејот, но и за тоа кој може да биде негов наследник.

Ја имавте таа чест да бидете судија на првиот натпревар во Македонија на кој се користеше ВАР-технологијата.

  • Тоа беше прв национален натпревар на кој се користеше ВАР-технологијата. За жал, ние сè уште ја немаме имплеменитано таа технологија и бевме принудени да побараме помош од Фудбалската федерција на Косово. За среќа, немаше некакви интервенции во текот на натпреварот помеѓу Тиквеш и Воска спорт, но, сепак, колегите од Косово ни беа од голема помош за да ги потврдат донесените одлуки од судискиот тим на теренот. Среќен сум што бев дел и од тој прв натпревар во Македонија на кој беше применета ВАР-технологијата.

ФОТО: Ѕ. Плавевски

Дали Македонија има потреба од таква технологија, која може да биде од корист и за клубовите и за судиите?

  • Секако дека е од помош, во минатото се има покажано дека и ние, судиите, сме луѓе, дека можеме да направиме некаква грешка, но најбитно е да не влијае таа грешка врз резултатот на натпреварот или врз победникот. Користењето на ВАР-технологијата е во одредени случаи, кога станува збор крупни судиски грешки, кои влијаат врз текот на натпреварот. Кога се суди во Европа, притисокот е помал, затоа што имаме и ВАР-судии, кои можат да ја коригираат таквата грешка. Ние, како судии, си ја носиме таквата грешка, но таа не влијае врз резултатот и победникот. Мислам дека и клубовите и судиите ќе имаат само корист од примената на ВАР-технологијата.

Колку сте задоволни од судењето на ЕП 2024?

  • Стандардот е добро поставен уште од првиот натпревар, а играчите и репрезентациите играат максимално коректно, има мал број прекршоци на опоменати играчи и на исклучени. Имаше неколку интервенции од ВАР-судиите околу признавање или поништување постигнат погодок поради наводна офсајд ситуација. Според мене, судиите се на висина на задачата, но тоа е така секогаш кога станува збор за некое континентално натпреварување.

Англиската Премиер лига е дефинирана како најдобра лига, но англиските судии често прават големи грешки.

  • Ние мора да бидеме свесни дека и покрај ВАР-технологијата, судиите не може целосно да ги избегнат грешките. Ова особено се однесува на ситуации во, како што ја велиме ние, сивата зона или 50:50, каде што доаѓа до израз критериумот на одреден судија или на ВАР-судијата. Не секогаш тие двајца имаат ист критериум. Најголем проблем и во УЕФА и во федерациите каде што се применува ВАР-технологијата е линијата на интервенција, односно кога да интервенира ВАР-судијата. Таа линија на интервенција е различна во секоја земја, некаде е на повисоко, а некаде на пониско ниво. Критериумот на судиите е различен на секое натпреварување, на секој натпревар во Европа и затоа постои некакво незадоволство кај клубовите од примената на ВАР- технологијата. Клубовите во Англија бараат некакви модификации, бараат да се отстрани ВАР-технологијата, но мислам дека нема да се случи тоа, затоа што се вложуваат големи суми и во 99 % од ситуациите одлуката на ВАР-судијата е исправна. Очекувам само новитети, како што е со полуавтоматскиот офсајд.

Звучи чудно, но во Шпанија не се применува технологијата кога е гол- линијата во прашање.

  • На многу натпревари во Лига Европа и во Конференциската лига, нема гол-линија технологија. Тоа е независен систем од ВАР-технологијата, кој чини многу пари и мора да биде поставен фиксно на теренот, затоа што тоа се посебни камери, посебен софтвер со кој се одредува дали ја поминала топката гол-линијата. На големите првенства, натпреварите се покриваат со многу камери и затоа многу често имаме натпревари на кои не се користи таа технологија на гол-линијата. За жал, на еден важен натпревар во Шпанија немаше гол-линија технологија и покрај големиот број камери, не беше дефинирано дали топката ја мина линијата. ВАР-судиите не може да донесат конечна одлука кога не се 100 % сигурни.

Квалитетот на судењето зависи од квалитетот на лигата?

  • Секако, колку и да се подготвени судиите, колку и да работат на физичките подготовки, праксата е најдобриот тренинг и ние, како судии, ако имаме редовни натпревари, ако е лигата поквалитетна, тогаш и судењето ќе биде поквалитетно. Тоа е нераскинлива алка, квалитетот на судењето и на лигата секогаш одат заедно. Факт е дека најквалитетните судии се од најквалитетните лиги во светот.

Во споредба со минатото, дали сега, кога судите во домашното првенство, фудбалерите и играчите се подисциплинирани околу судиските одлуки?

  • Условите за судење се драстично подобрени во споредба со минатото, исто како и условите за игра. Порано, многу беше важно дали игра екипата на домашен или на гостински терен, но денеска сме сведоци како губат клубовите на домашен, а победуваат на гостински терен. Тоа се должи на фактот што и судиите и гостинските екипи ги имаат потребните услови за да ја завршат својата задача. Во прифаќањето на одлуките, важна улога играат авторитетот и искуството на судијата, дали клубовите му веруваат на судијата. Ние што сме поискусни судии имаме полесна задача, евентуалната грешка се прифаќа без некоја поголема реакција, а помладите судии се обидуваат да извршат некаков притисок на некаков поблаг начин, но нема ништо претерано, нема ништо драстично во реакциите. Тука мислам на натпреварите и во Првата и во Втората лига.

Ќе добие ли Македонија барем приближно добар судија како Вас во блиска иднина?

  • Искрено се надевам, затоа што ова е моја последна сезона и во домашниот шампионат и на меѓународната сцена. Поради старосната граница, ќе ја завршам кариерата на крајот од 2024 година. Би сакал некој уште подобар од мене да дојде во следните години, затоа што ние, постарите колеги, сме подготвени да им помогнеме на помладите на секаков можен начин, да им пренесеме некои наши идеи, искуства… И ние сме учеле од постарите, од поискусните, а помладите со макотрпна работа ќе можат да нè престигнат и нас. Да се стане добар судија е еден долг процес, потребни се многу натпревари, многу тренинзи, откажување од многу работи, напор, енергија, затоа што само така ќе се постигне едно одредено ниво.

Има ли натпревар што едвај сте чекале да заврши?

  • Нема таков натпревар, затоа што сум уживал на сите, особено на меѓународните. Јас и моите колеги не сме имале некое лошо искуство. Нормално, имало грешки, имало подобро или полошо судење, но, генерално, сето тоа поминувало во една убава атмосфера. Дружбата со колегите секогаш била на едно завидно ниво и до ден-денес сме пријатели со сите помошници и со оние што биле дел од мојот тим. Можеби на некои натпревари од пониските лиги, кога сум бил на почетокот од кариерата, имало некакви притисоци, неубави моменти, но сето тоа завршувало во некои нормални рамки.

Која репрезентација има најголеми шанси да биде европски шампион?

  • Според мене, Германија има добар состав, домаќин е и таа улога може да биде пресудна, но не секогаш. Шпанија игра многу квалитетно, Португалија има одлични поединци, не сакам да ја отпишам Англија, додека Франција е малку лимитирана поради повредата на Мбапе, кој сега претпазливо игра. Од овие неколку репрезентации треба да се бара новиот европски шампион. Во денешно време, ако се земе предвид нивото на игра, не е можно да се бара некаков фаворит од сенка.

За крај, чии стил на судење најмногу Ви се допаѓа?

  • Во денешно време, најголем акцент им се дава на судиите околу тоа како менаџираат со играчите и најмногу се ценети оние судии што може да излезат на крај со најголемите „мангупи“ на теренот. Отсекогаш сум ги фаворизирал италијанската школа, италијанскиот стил на судење, но ми се допаѓа и младиот француски судија Франсоа Летециер, кој во следните неколку години може да биде во топ петтемина европски судии. Горе-долу, квалитетот на судиите е изедначен, но јас би ги издвоил италијанските судии.

Марио СОТИРОВСКИ