ИНТЕРВЈУ СО МУХАРЕМ ИСМАИЛ, ИМАМ НА ИСА-БЕГ ЏАМИЈАТА ВО СКОПЈЕ: Време е да се освестиме, да се фатиме за рака и да се поддржуваме едни со други!

ВО ПРЕСРЕТ НА РАМАЗАН БАЈРАМ

629
Во прашање е мое и твое дете, мојата и твојата иднина, за да се освестиме и да се поддржуваме едни со други за да правда на крај излезе на виделина. И веќе еднаш да ги преземеме сите превентивни мерки за да во иднина не се случат ваквите трагедии. Едно треба да се има на знаење во ситуација кога во едно општество ќе се занемари една лошотија: сите треба да бидеме свесни дека едно општество е една куќа и ако лошото денеска ти се случи во дворот, да си знаеш дека истото лошо ќе ти се случи внатре ако ние како општество не се фатиме рака за рака, сите заедно да го спречиме, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР имамот Мухарем Исмаили

Бранко ЃОРЃЕВСКИ

Фото: Ѕ.ПЛАВЕВСКИ

Во јавноста стана познат по својата февруарска проповед во Исабеговата џамија во Скопје, изградена пред 550 години, во која е имам веќе петнаесетина години откако претходно теолошките исламски студии ги завршил во Медина, во Обединети Арапски Емирати. Тогаш во јавноста, меѓу Македонците, Албанците, Турците… на силно одобрување наидоа неговите критички зборови за тоа колку злото е присутно во нашето општество и колку како граѓани недоволно се спротивставуваме на него. Роден во скопска Гази Баба, во семејство со скопски корени, со први соседи Македонци, имамот Мухарем Исамили е татко на шест деца кои ги расне и воспитува со својата сопруга. Речиси два месеца по проповедта во која повика и на менувањето на нашиот однос кон лошите работи што потоа предизвикуваат лични и општествени трагедии, имамот Исмаили во интервјуто за весникот ВЕЧЕР зборува за големиот муслимански празник Рамазан бајрам, за тоа зошто ни се случуваат несреќите, како треба да му се спротивставуваме на злото…

В недела, исламските верници го празнуваат еден од двата најголеми муслимански празници, Рамазан бајрам, како треба да се доживее овој празник, какви пораки тој носи за општеството и за верниците лично?

-Овој Бајрам народоски се вика и Големиот бајрам, а имаме и Мал бајрам. Големиот бајрам е Рамазан бајрам, додека Малиот бајрам е Курбан бајрам. Овој Бајрам доаѓа после еден голем труд кој што сите муслимани го даваат како почит кон Господ преку 30-дневното постење. Самиот Рамазан е жртвување во име на Господа, таа порака ја има во основа. Верникот има јадење, има пиење пред себе но тој си вели – не. Во име на Господа вели „Ќе оставам јадење, ќе оставам пиење, ќе си постам“. Постот има две димензии, таа физичката и духовната, моралната порака што си ја носи. Затоа и нашиот Посланик во неговата порака укажува дека тој што пости, а од друга страна не ги остава лошите зборови и дела, Господ нема потреба од него за да тој остави само јадење и пиење. Господ нема потреба од нас да останеме ние гладни. Тоа ни покажува дека целта на постот е да си ја прочистиме душата, да се прочисти нашиот ум, нашите јазици да се прочистат, нашата рака да не допре лошо и туѓо, нашата нога да не оди некаде каде што е лошо и туѓо. Затоа овие пораки верникот ги зема за целиот Рамазан и затоа последниот ден е Рамазан бајрам. Значи, он слави дека Господ му овозможил за 30 дена да пости, значи да не ја прекрши Божјата наредба оти кај нас е облигативно да се пости.

На 30. ден Бајрам е симболика на славење, тој ден веќе е забрането да се пости. Тој ден ќе си пиеме и ќе јадеме заедно и целиот Бајрам почнува да се слави од рано наутро. Верниците доаѓаат на утринската молитва, па потоа имаат еден час вакуум во тој период оџата проповеда и го учи џематот и ги стимулира да се грижат едни со други, да си простат едни на други ако се лути, да се видат, да се посетуваат. Па после има една посебна Бајрамска молитва, таа е посебна, а има и Бајрамска порака. Бајрамската молитва, физички гледано, се разликува од сите други молитви бидејќи тогаш различно се клања. Тоа е затоа за да ни покаже Господ дека овој ден е различен. Дури и молењето кон Господ е различно оти и ти од денеска треба да бидеш различен. Значи, треба да бидеш различен во молитва, во твојот морал, во твоето размислување, да рефлектираш позитивна енергија. Потоа, штом тоа ќе заврши верниците се редат во редици во џамија, му честитаат на имамот и меѓусебно и по што секој си оди во својата куќа. Таму си честитаат при што се почнува од најстарите, таткото или дедото или бабата… Се јаде и бајрамскиот појадок, кој е посебен појадок којшто има свои финеси, посебно лепче кое се прави со наут, а го прави домаќинката. Жената-домаќинката, која што јас ја нарекувам царицата на куќата, тој ден определува како ќе се седи дома. Дури таа определува кого ќе викнеме на гости, кај кого ќе одиме. Значи, целиот ден таа царува, односно одредува. Така е тоа знаено без да се каже.

Се соочивме со големи трагедии – пожарот во Кочани, во тетовската модуларна болница, автобусот на „Беса транс“ во Бугарија, собраќајка  кај Ласкарци… Како да се соочиме како луѓе, како верници со вака трагични настани? Многумина некогаш се прашуваат зошто Господ дозволува вакви тешки работи?

-Многу е битно ова дилема што ја спомнувате да се објасни од имамите, од свештениците. За да не дозволиме човекот што згрешил кон Господ, а после и кон народот, после да се крие зад верата за неговите лоши постапки и лоши дела. Едно треба да се има на знаење во ситуација кога во едно општество ќе се занемари една лошотија, било да е тоа на етничка, верска или друга база. Сите треба да бидеме свесни дека едно општество е една куќа. Ако лошото денеска ти се случи во дворот, да си знаеш дека истото лошо ќе ти се случи внатре, во салонот, па и во спалната соба во којашто спиеш задутре, ако ние како општество не се фатиме рака за рака, сите заедно да го спречиме. Ми се допадна деновиве една изрека на млади од Тетово кои си направија една акција на солидарност и рекоа „Различито зборуваме, различно веруваме но исто плачеме“. За жал, тоа плачење ние како порака не ја сфативме од тетовската болница, туку дадовме или политичка или економска боја или етничка боја. И дозволивме тоа што си дозволивме. На тоа што се случи во Бугарија, пак, му дадовме одредена боја. И сега во Кочани ни се случува можеби најголема трагедија која не трогна сите. Во интерес на истрагата треба сите да бидеме претпазливи што зборуваме за да конечно резултатите од оваа истрага излезат на виделина и да се задоволи правдата, еднаш засекогаш. Да бидеме совесни и да се држиме далеку од емоциите, далеку од притисоците и влијанија, било тие да се политички или економски. Сите треба да ги тргнеме настрана. Сите треба да размислиме како луѓе, да ставиме рака на срце и тие деца што загинаа во Кочани да ги сметаме како наши деца. Нам ова ни фали. Ако на случката во Кочани гледаме како на нешто што се случило таму некаде источно, ќе биде многу трагично ако вака размислуваме. Јас треба да ставам рака на срце и да го третирам тој случај како на свое дете, дека изгубивме наши деца, мое дете…

Ние знаеме едно и уверени сме во тоа дека ништо не се случува без да знае Господ. Нашиот Алах, вашиот Господ, се знаат, пред да се случи, кога ќе се случи… но никој не смее да се крие зад тоа што Господ знаел. Ако Господ знаел, Тој не ти наредил тоа да го правиш. Тој ти наредил добро да правиш. Господ нè остави нас слободни, да избираме меѓу добриот и лошиот пат. Зошто оние луѓе не го одбрале добриот пат па да кажат Господ така сакаше? Но, тие го одбрале лошиот пат за свои интереси, за свои лоши морални интереси што ги имале. И не треба да се обидуваат по ова случка да се кријат зад Господ. За жал, најлошото кое некогаш се случува е кога криминалци, лоши и злонамерни луѓе се кријат зад верата, зад Алах или Господ, за да ги легитимираат своите лоши дела што ги прават. Дефинитивно, нужно ни е, го сакале тоа или не, да се фатиме за рака зашто во прашање е мое и твое дете, мојата и твојата иднина за да се освестиме и да се поддржуваме едни со други за да правдата на крај излезе на виделина. И веќе еднаш да ги преземеме сите превентивни мерки за да во иднина не се случат ваквите трагедии. Да не заборавиме, на нас сега ни претстојат матурските свечености, ни претстојат свадбите. Не дај Боже, пак, да ни се повтори ова. Како тогаш би си гледале во очи едни со други? Мораме да се освестиме и да дејствуваме превентивно.

Неодамна имавте проповед која одекна во јавноста. Укажавте на тоа дека луѓето не се однесуваат според правилата на Господ, на Алах.  Дали сметате дека таа проповед смени нешто во општеството?

-Да, од сите реакции што досега сум ги видел во општеството и од луѓе со кои  сум имал прилика да разговарам сум забележал дека таа порака има сменето многу нешто. Односно, многу луѓе да се покајат за она што се направило и се случило. Нејќам да навлегувам во детали, но ви ветувам дека во иднина во овој дел ќе слушнете убави вести. Во интерес на доброто, рано е да се зборува за тоа. Има реакции од многу татковци, од многу мајки, политичари кои се на функција. Значи, тоа ги допрело. Многу се радувам кога една моја порака ќе допре до срцата на луѓето. Кај муслиманите има една мисла која вели ако знам дека Господ ќе ми прифати една молитва, тогаш таа е дека му се молам на Алах да го упати мојот владател на правиот пат. Ова бидејќи кога еден владетел ќе се упати на правиот пат, целиот народ оди по правиот пат, но кога тој ќе скршне од патот тогаш ќе скршне и народот. Кај нас верниците е многу убаво кога ќе слушнеме дека во душата на еден политичар има милост, има осет и дека го трогнало тоа што сме го рекле. Тоа рефлексира кај нив и аир од тоа ќе види целиот народ преку закони и решенија кои ќе бидат добри за народот и наша иднина.

Нашиот народ, над 90 проценти, се луѓе кои се домаќини и кои печалат со пот. Значи, со многу мака си носат корка леб дома. И, за жал, иако ние како мнозинство во општество сме така добри домаќини, сепак дозволуваме една мала група да не претставува за лоши и за сите нас да прави лоша слика. Тоа не  смееме да го дозволиме. Тој добар народ, добар доктор, политичар, новинар, народот воопшто, треба да крене глас и да каже „Не оди вака“. Зашто повеќето се добри. Ако имаме во политика, во партија, во џамија, во фамилија еден лош, да не дозволиме да бидеме сите лоши. Добриот доктор кога ќе види дека има рак во еден орган ќе го отстрани, нема да дозволи метастази. Ние некогаш кога ќутиме по лошотиите што се прават дозволуваме тој рак, таа лошотија да стане метастаза во наше општество, но во исто време дозволуваме цел свет да мисли за нашето општество дека тоа е една џунгла. Ние не сме такво општество, ние сме општество со култура, со традиција, со почитување. Дури сме и пример за цел свет по нешто. Ние сме место каде што живеат повеќе националности, со векови, повеќе религии, значи има соживот. Тие религии, тие различности нашиот народ ги перципира како различностите на цвеќињата во една градина коишто ја разубавуваат таа градина. Значи, веќе е време да се освестиме и сите да рефлектираме добро и позитивно. Кочани ни се случува можеби најголема трагедија која не трогна сите

Врзано со Вашата проповед, тогаш зошто луѓето се со две лица одат во џамија, одат во црква, се молат, се клањаат, но, како што рековте, излегуваат од џамија и се прави лошото? Од каде тоа лицемерие?

-Во сите вери има верници и неверници, но најлошиот е дволичниот, било да е верник или неверник. Дволичноста е најлоша категорија на едно општество, за еден верник. Затоа нашиот Господ Алах вели дека дволичните се во „крајниот дел од пеколот“. Видете, има неверници што ќе бидат во пеколот, но дволичните ќе бидат во најлошиот дел од пеколот. Дволичен човек е во состојба да злоупотреби вера, да злоупотреби оџа, да злоупотреби новинар, да злоупотреби некој добар човек, политичар, власт… Дволичен човек може да биде секој оној што ја злоупотребува искреноста на другите.

Ние некогаш забораваме да спомнеме и власт, политичари, Владата…тие се дел од општеството и кои имаат одговорност кон нас. Ние сме им дале аманет да нè водат, да владеат четири години и тие не смеат таа наша верба и доверба да ја злоупотребат и да помислат дека народ има само кога им требаат гласови. Народот е искрен, кога ќе го чуе еден оџа како зборува му верува, кога ќе слушне едне политичар како ветува му верува и значи ќе гласа, му верува и на докоторот што ќе му рече. Кај може добриот човек како што е нашиот народ да си замисли дека некој може да си ја злоупотреби неговата доверба? Затоа, нашиот народ има верба во Господ, во Алах, има верба во добрите луѓе. Но, најлошо што се случува е кога тие, дволичните луѓе, ќе ја злоупотребуваат нивната доверба во сите инстанци, за жал.

Што треба да сфатат луѓето кои припаѓаат на една вера, зошто на некои им е толку тешко да живеат според принципите на верата и се тргнува да се прави криминал, да се прават лоши работи?

-Самиот Господ Алах, кога ги создал душите, ни рекол дека има три врсти на души. Првата врста е душа којашто се придржува кон доброто и кон тоа што Господ го одредил. Втората душа е душа која ќе згреши и скршнува од правиот пат сепак се враќа на правиот пат. Односно, кој кога ќе згреши во истиот момент ќе рече „Пријателе, извини, те молам“. Но, имаме и душа којашто постојано тера на правење лошо и кога меѓу луѓето ќе запре повикувањето на добро и спомнувањето на лошото, тогаш таа лоша душа уште повеќе се храни со лошото. Лошотијата е како едно дрво, фиданче, што сме го насадиле. Тоа фиданче ако се храни со лошо ќе расте со лошо. Но, ако се запре лошото, оно или ќе се исуши или ќе остане толку колку што е. Ако, пак, интервенираме во самото дрво, ако го калемиме со нешто што е подобро, ќе се смени самото дрво. Односот, значи,  може да се смени ако ние сакаме да се смени тоа. Затоа мојата иницијатива беше да почнеме од некаде да се менуваме, да докажеме дека нашиот народ ги сака промените на подобро. И сите таа порака ја примија за добро, не само муслиманите туки и христијаните, Албанци и Македонци… кои ни пратија порака за сите нас, до оџи и попови, „Луѓе, ајде освестете се, имаме потреба од вас“.

Треба ли и исламските и христијански свештеници да бидат поприсутни во јавноста со проповеди во кои ќе се зборува за добри и лоши работи. Се чини дека свештениците од сите верски заедници некако се воздржани во тие јавни настапи.

-Да, потребата за нивно присуство и обраќања е поголема во нашето време. Ние сите треба да бидеме поприсутни за да проповедаме да бидеме подобри. Не сме лоши, но некогаш скршнуваме и треба да се подобриме и ние свештениците и народот. Но, факт е дека ние се воздржуваме од одредени случаи. А случки за кои народот има потреба да му се кажува има, има многу работи што треба да се појаснат, да се довршат до крај во нашето општество. Не само што сметам дека свештениците и имамите треба да бидат поприсутни со проповедите, туку тоа е и облигативно. Народот очекува многу од свештените лица, тој очите и душите ги има вперено кон нас. Изморен е од различни физички и духовни случувања, стресови, проблеми, караници… И тие, кога ќе дојдат еднаш неделно во црква или во џамија, тие сакаат да слушнат една порака која ќе им послужи како мотив да продолжат и во идната недела. Кај вас сите одат обично во недела, кај нас во петок, но има и во другите денови, но најмногу во петок оти има една петочна порака. Треба да ги утешиш за тоа што им се случи во минатата недела, треба да ги спремиш да се соочат со сите предизвици за идната недела што ќе им дојдат. Тоа е една голема обврска која ние сме ја презеле, доброволно оти никој не нема принудено да бидеме оџи или попови. Ја обавуваме ова света должност и мора и ние да се освестиме и да сфатиме дека сме должни кон овој добар народ кој очекува многу од нас.

Има ли тука проблем што Македонија е секуларна држава во која верата е одвоена од државата, веројатно е присутен и страв да не ги обвини некој дека се мешат во политиката, во државните работи?

-Нашата држава е секуларна држава, но сите владетели се верници. Многу ме радува и ме прави горд што сум тука кога ќе видам еден премиер кој почитува еден поп, еден оџа. Тоа кажува дека тој човек има морал, дека има духовен живот. Таа почит ние ја гледаме секој ден. Нашата држава ја водат верници, било тоа муслимани, било христијани. Биле и други кои не веруваат во ништо. Значи, сите наши политичари се составен дел од овие верувања… И ништо не е спорно што верници водат секуларна држава, и една секуларна држава да води и да помага верници. Ако не ги претставува тие верници тогаш чија држава е. Значи, тој морал што си го поставил во црква или во џамија сега ѝ служи на државата. Тогаш, треба ли и државата да има осет кон тој поп или оџа кои градат такви луѓе кои ѝ служат на оваа држава?

Порака за празничната проповед

Секогаш има начин да се изигра законот, но пред Господ секој одговара

Што ќе им кажете на луѓето в недела, на празникот, по вака една тешка недела, со трагедии и несреќи, што ќе им порачате?

-Ќе се обратам со две пораки. Првата порака ќе ми биде дека Алах на сите нам ни дал обврска и сите ние што сме презеле обврски, без да нè принуди некој, Господ во судниот ден ќе бара одговорност од нас како сме ја исполниле таа обврска. За да не се амнестираме ниту ние како родители, ниту директорите, ниту министри, ниту политичари. Секој ќе си одговара за тоа што си презел како обврска да ги води луѓето во таа работа. Таткото е врзан за куќата, наставникот за класот, министерот за неговото министерство, градоначалникот за неговиот град, началникот на полицијата за сигурноста на неговото маало… Сите ќе одговараме пред Господ. Законот може да го изигра секој, да најде некоја дупка и слично, секогаш има начин да се изигра законот, но пред Господ ништо не ти помага, не можеш да го изиграш Господ. Не може никој ни христијанин, ни муслиман, ни неверник, да го изиграат Господ. Секој ќе одговара пред Господ.

Второ, ние многу ги полниме нашите фрижидери и куќи со материјално. Дај да ги полниме со љубов, со почит, со суштината на верата. Ќе ми биде кратко обраќањето, само пет минути.

 

ИЗДВОЕНИ