ИНТЕРВЈУ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА, ИГОР ФИЛКОВ: Довербата во правосудниот систем ќе се врати кога граѓаните де факто ќе се уверат дека тој функционира!

647

Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Академијата за судии и обвинители се трите основни инстанци на судската власт и тие треба да ја донесат и да ја спроведат правдата пред граѓаните. Политичкото влијание во овие кругови досега е неспорно. Имаме и длабоко навлезена корупција и додека не го сопреме тоа, не го исчистиме правниот систем, не можеме да обезбедиме владеење на правото. Тие се двете работи на што најмногу се посветуваме-искоренување на корупцијата во правосудната власт и ослободување од политички влијанија. Судството не функционира само за себе, напротив, тесно е поврзано со другите две власти, законодавната и извршната. Затоа, не треба да бараме ексклузивни решенија, особено не решенија кои се состојат во постојано менување на законите, туку да покажеме промени и во правната и политичката култура, вели, меѓу другото, во интервју за весникот ВЕЧЕР министерот за правда, Игор Филков. Со него разговаравме на повеќе апсекти од темата за реформите во правостниот систем и за враќање на довербата во судската власт, за недминување на досегашната практика за именување на судии по тефтери и тефтерчиња, за воведување ред кај нотарите и извршителите како битна алка во правниот систем кои постојано се во центар на вниманието во јавноста… „Имаме план, имаме реформи и решени сме да ја спроведеме оваа реформаторска политика“, вели министерот Филков во интервјуто за весникот ВЕЧЕР.

Фото: Ѕ.Плавевски

Министре, пред околу три месеци, поточно на 24 јуни, ја презедовте министерската фотелја во Министерството за правда. Тогаш најавивте дека во својот мандат ќе преземете реформи во сферата на правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата, деполитизација на судството и обвинителството, враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем и владеење на правото. Преземавте голем залак, кои се првите чекори што ги направивте во овој кус период?

-Реформи најавивме и со реформи започнавме. Чекорите што како први ги преземавме, предмети и случаи што ги издвоивме како приоритетни, се во насока на темелна реформаторска политика во судството. Овие случаи покажуваат колку погрешно се водела правосудната политика досега и колку е втемелено погрешното толкување на правото, колку е нарушена независноста на целиот систем и колку реформите се потребни. Она што го сведочевме, па доволно е да кажам, во изминатите година – две, ни ги дефинира првите чекори што требаше да ги направиме и каде е најважно да се започнат реформите. Имавме одлуки штетни за граѓаните, со нотарските тарифи, одлука што ја поништивме, имаме високи авторитети во судството кои се фатени заплеткани во коруптивни скандали и уште неколку други. Тука не завршува низата болни точки во праводуството. Ги анализиравме сите овие аспекти каде што македонскиот правосуден систем не функционира и кои се извор на лошо практикување, па според тоа создадовме реформаторски план, постепено внесување на реформи со кои правосудството ќе го поставиме на здрава и политички независна основа.

Според сите мерења на јавното мислење, довербата на граѓаните во правосудните органи е катастрофално ниско. Премиерот во една прилика изјави дека џабе ни се и закони и оценски мисии кога имаме врховен судија и претседател на Совет на јавни обвинители кои се фатени со мито и го признале делото. Како мислите по ваков коруптивен скандал како еклатантен пример за немање правна држава, да се врати довербата во правосудниот систем кај граѓаните?

-Со воспоствување на владеење на правото, но со конкретни дела не само декларативно и на хартија. Правото треба да го практикуваат пред сè оние што го претставуваат – судиите, обвинителите. Кога ќе видат граѓаните дека еднакво се однесува и се спроведува за сите, тогаш ќе веруваат во системот. Имаме долг пат пред нас, не е малку оние што најмногу треба да бидат независни во делењето на правдата, да признаат коруптивно дејство од големи размери. Но, имаме план, имаме реформи и решени сме да ја спроведеме оваа реформаторска политика.

И Академијата за судии и јавни обвинители е една од институциите кои во изминатиот период ја следеа голем број скандали. Има ли Министерството за правда ингеренции за надзор во работењето на Академијата за судии и јавни обвинители?

-Независноста на правосудната власт од политичката, односно законодавната, еднакво се однесува и на Академијата за судии и јавни обвинители, којашто треба да функционира како комплетно независно тело. Исто така и коруптивноста и непотизмот, треба да бидат првите на отстрел на Академијата, а не да произлегуваат од неа. Како независно тело, Управниот одбор на Академијата донесува одлука за објавување на јавен конкурс за именување на директор или пак за разрешување. Наспроти ова, Академијата се најде во фокусот на јавноста поради избор на членови на семејствата на познати политичари, судии, обвинители… Меѓу нив, најеклатантен пример беше Барлет Џафери, син на тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Тогаш ДКСК откри дека сè уште недипломиран тој се здобил со право да полага правосуден испит во 2015 година. Ваквите случаи се недозволиви во функционален правен систем и под никакви околности не може да се оправда постапката. Затоа, во однос на наводите за злоупотреба на записниците, надлежните органи и институции го испитуваат тоа. Во однос на Академијата, Министерството единстевно е надлежно да врши надзор на примената на законските одредби, односно дали законот се применува или не, но не и надзор на работењето на Академијата за судии и јавни обвинители. Сепак, затоа што досега излегоа на површина сите овие коруптивни афери, Министерството треба да ја си изврши својата улога, односно да создаде услови за примена на законските одредби.

Ќе ја прекинете ли праксата која се применува години наназад за именување судии по партиска линија, по тефтерчиња и тефтери?

-Сегашната состојба во државата и во судството покажува дека концептот на владеење на правото многу добро го разбираме, но не го применуваме. Или подобро да кажам, оние што ги донеле законите, кои ги имаме и кои се усогласени со оценските комисии, не ги имплементираат и тука е суштинскиот проблем. Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Академијата за судии и обвинители се трите основни инстанци на судската власт и тие треба да ја донесат и да ја спроведат правдата пред  граѓаните. Политичкото влијание во овие кругови досега е неспорно. Имаме и длабоко навлезена корупција и додека не го сопреме тоа, не го исчистиме правниот систем, не можеме да обезбедиме владеење на правото. Тие се двете работи на што најмногу се посветуваме, искоренување на корупцијата во правосудната власт и ослободување од политички влијанија.  Судството не  функционира само за себе, напротив, тесно е поврзано со другите две власти, законодавната и извршната. Затоа, не треба да бараме ексклузивни решенија за судството, особено не решенија кои се состојат во постојано менување на законите, туку да покажеме промени и во правната и политичката култура.

Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството и за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители. Отворена е за идеи, кои доколку се подобри од владината програма, би ги примениле. До сега не слушнавме други идеи, има ли чекор напред по ова прашање?

-Само со коренити реформи можеме да создадеме судство според мерка на правото и законите, се помалку од тоа би било декларативна заложба или политички популизам. Реформите се потребни и како акти, конкретни активности но и како менување на начинот на опсервирање и перцепција. Ние, Судскиот совет го гледаме како комплетно независно тело кое во одлуките се раководи токму од индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот. Ние апелираме на нивната професионалност и посветеност на законските парадигми и токму во таа насока е и оваа реформа. Затоа, иницираме постигнување независност којашто ќе произлезе токму од самите судии и обвинители, тие да ги изберат членовите и да ја понесат моралната, професионална и правна одговорност во тој избор. Во Судскиот совет не треба да влијаат предлозите од владата, од парламентот, од претседателот. Ние даваме простор, сега Судскиот совет со самостојни одлуки, прво за својот состав, да ја потврди својата независност. Дадовме и време но од нивна страна сè уште нема никаков одговор, предлог или одлука.

Сметам дека индивидуалната одговорност ќе има многу поголем ефект од колективната одговорност која, пак, може да не втурне во еден опасен лавиринт од кој ќе биде тешко да се излезе. Но, во моментов сите решенија се на маса и се бара најдоброто.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, неодамна најави дека до Министерство за правда ќе достави сет предлози за реформи. Дали се пристигнати и што се планира?

-Потребата за реформи е очигледна. Нефункционирањето на правосудниот апарат го гледаат и го чувствуваат на своја кожа и граѓаните, посебно оние што се во самиот систем, суштински и правно. Се бараат реформи кои посебно се однесуваат на работата на Судскиот совет, нешто што и ние го увидовме, при евалуација и зголемување на транспарентноста на дисциплинските постапки. Дел од овие реформи се веќе планирани и што од сето тоа ќе биде спроведено, ќе зависи од анализата на функционалноста како систем. Официјална средба со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во рамките на Министерството за правда не е направена, но се надевам дека во периодот кој следува ќе се најде време за дијалог.

Кон крајот на јули, потпишавте барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, поточно по шест години повторно бараме екстрадиција на овие двајца осуденици за случајот Монструм. Дали добивте одговор од косовското министерство?

-Ова е посебно важно прашање за нас како Министерство и претставува дел од коренитите реформи што сакаме да ги направиме. Одговор на ова последно барање сеуште немаме од косовските власти. Официјалното барањето за екстрадиција е еден од механизмите, а ние  ги активираме сите правни и законски акти, соодветни за вакви случаи.

 

Законот за лустрација оди на дополнителна консултација

Како претставник на Владата за законите, Вие од собраниска постапка повлековте неколку предлог-закони меѓу кои и предлогот за огласување ништовност и поништување правни акти, дејства и правни последици од постапките на лустрација. Која е причината за повлекување на овој предлог кој пак е дел и од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор?

-Кога започнавме со работа ветивме реформи во правосудниот систем со цел создавање независен и правичен систем. Повлекувањето на одлуки и правни акти, не е со причина укинување или поништување, туку само детектирање кога некои од одлуките не се спроведени според правните норми и принципи и е потребно е нивно ревидирање. За некои, како што е случајот со нотарските тарифи потребна е анализа за да се направи воведе нов тарифник, што значи дека можеби ќе се случи, но откако анализата ќе го потврди тоа. Таков е случајот и со предлог законот за поништување на лустрацијата кој беше подготвен од претходната Влада.  Повлечен заради вршење на дополнителни консултации по што ќе следи собраниска процедура.

 

Никој нема да помине неказнет

Каков е Вашиот став по измените на Кривичниот , односно членот 353, со кои се пропишани пониски казни за кривичните дела сторени со корупција, а законски застареа и делата на функционери обвинети со аферата прислушување. Во јавноста се зборува дека забрзано се работи на измени и дополнување за Законот, но дел од експертска јавност смета дека е потребен целосно нов Закон?

Преходното ревидирање на казнената политика беше со контроверзни одлуки, тоа е неспорно и затоа веќе работиме на измени кои ќе бидат во согласност со правните акти. Мораме да имаме предвид дека сите реформи што планираме и што ќе ги спроведеме освен што ќе го гарантираат владеење на правото, уште и се усогласени со европските политики во сферата на борбата со организираниот криминал и корупција. Нашето законодавството ќе биде усогласено со важечките директиви и меѓународни конвенции. Во однос на овој закон, преходните промени и она што може сега да се направи, експертската јавност е скептична во однос на тоа дека Законот не дозволува да се примени ретроактивно, односно дека оние што се огрешиле, автоматски ќе добијат пониски казни. Сепак, за оваа аномалија ќе најдеме решение. Никој нема да помине неказнет. На пат сме да создадеме правен систем кој е во служба на правото и граѓаните и кој што ќе биде усогласен со европското законодавство каде што овие приоритети се посебно потенцирани.

Со регулирање на работата на нотарите и извршителите ставаме ред во услугите на граѓаните!

Нотарите и извршителите како битна алка во правниот систем се постојано во центар на вниманието во јавноста. Ќе ставите ли конечно ред кај нотарите и извршителите?

Јас би сакал да има ред секаде ќе во државата, не само во делот на нотарите и извршителите. Дури тогаш можеме да кажеме дека имаме функционална држава. Секако дека нотарите и извршителите се многу битен дел од правниот систем и со регулирање на нивната работа ќе биде воспоставен ред во услугите на граѓаните.

Сепак, во преиспитувањето и регулирањето на нивната работа, приоритет е ништо да не биде на штета на граѓаните, затоа што овие две дејности се директно поврзани со граѓаните. Редот ќе се вопостави со преземање на одлуки кои се базирани на анализа, рефлексиите врз сите засегнати страни, можни реперкусии и поволности.

Работиме повеќе со одлучност отколку ентузијазам, повеќе со мисија од желба, повеќе со визија од идеја!

На крајот, неизбежно е прашањето дали ентузијазмот и увереноста дека може да ја вратите довербата на граѓаните во правосудниот систем сè уште Ве држи, како и пред да седнете на жешкото министерско столче?

-Работиме повеќе со одлучност отколку ентузијазам, повеќе со мисија од желба, повеќе со визија од идеја. Довербата на граѓаните во правосудниот систем може да се врати само кога ќе видат и де факто ќе се уверат дека правосудниот систем функционира. А за да може правосудниот систем да функционира беспрекорно, потребни се реформи, кои ние веќе ги имаме и започнавме со нивното спроведување. Затоа велам, одлучни сме, оваа мисија за реформирање на правосудниот систем да ја претвориме во реалност. А кога тоа ќе почне да фунционира, во државата сè ќе се смени. Нашите заложби кои ги поставивме, за многу кратко време ќе бидат видливи, а реформите во правосудниот систем ќе донесат   стабилност и напредок за државата во секој аспект.