Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе е можеби најголемиот амбасадор на нашата држава кога е во прашање спортот. Миленикот на младата генерација, особено на оние кои ги сакаат брзите автомобили и трките, во интервју за весникот ВЕЧЕР се присети на своите почетоци, неговите први успеси, како и патот до европскиот врв, врв за кој многумина сонуваат.

Тој минатата сезона возеше за еден од најголемите брендови во автомобилската индустрија, тимот на Ферари, со кој оствари импресивни резултати во Европскиот шампионат на ридски патеки, и на неколку подиуми гордо го вееше македонското знаме.

Какви беа Вашите почетоци кога е во прашање автомобилизмот?

Моите почетоци, односно кога започнав да се занимавам со автомобилизам, сè од детството, но професионално влегов во спортот во 2002 година. Тогаш беше мојата прва трка, кога земав возачка дозвола, впрочем, таа година и положив. Првата трка ми беше со возилото на мојот брат. Го позајмив од брат ми, нормално „југо“ во тој период, каде што на последната трка кај „Македонска телевизија“, кружен натпревар за шампионат на Македонија таа година, извојував пол-позиција и тоа како дебитант. Таа година имаше исклучително добри тркачи, што можам да кажам дека конкуренцијата беше на едно завидно ниво, со долго искуство во возење во таа класа, а јас бев само дебитант, кој првпат влегува во едно тркачко возило за на крајот да имам најдобро време во саботните квалификации во однос на конкуренцијата. Стартував од првата позиција што во историјата на македонскиот спорт не се случило, првпат натпреварувач, дебитант, со позајмено возило да освои пол-позиција во исклучително тешка и силна конкуренција. Навистина бев исплашен, не знаев како да стартувам, се сеќавам дека на Водно правев тестирања како да направам старт. Едноставно, не знаев како сето тоа функционира. Бев изненаден дека по гасењето на црвениот семафор ќе треба да стартувам, а јас, не знаејќи за тоа, чекав зелено светло. Ме поминаа неколку конкуренти на самиот старт, но повторно имав дуели со најдобрите. Иако не ја завршив трката, можам да кажам дека бев на втората и на третата позиција, што беше сосема задоволувачко за мене во тие години. Бев среќен што можев да им парирам на најдобрите, тоа ми беше поттик наредната година да подготвам мој автомобил, тркачко југо. Тоа се моите почетоци кои ме донесоа до ден-денес каде што сум.

ФОТО: Ѕвонко Плавевски

Колку сте задоволен од изминатата сезона и кои се Вашите цели и предизвици за наредната?

Дефинитивно сум презадоволен, бидејќи оваа сезона беше сезона што е исклучително важна во мојата кариера затоа што се натпреварував со автомобил на Ферари, бренд кој е врв кога е во прашање автомобилизмот, бренд кој е синоним за брзина и квалитет, малкумина луѓе можат да го претставуваат, односно имаат дозвола да се натпреваруваат со тој автомобил. Јас сум единствениот човек од Балканот кој ја има таа чест да го претставува овој автомобил на големите натпреварувања, едно од нив е Европскиот шампионат на ридски патеки. Победата во таа категорија навистина ми е исклучителна, драга победа во овој шампионат. Горд сум и среќен што успеавме да им парираме на некои што долги години возат во оваа категорија и ете, да ги победам и да направам еден историски резултат за брендот „Ферари“, кој настапува во овие првенства. Што се однесува до следната сезона, очекувам што повеќе победи и освојување на бодови. Тоа била моја сатисфакција секогаш, така и ќе остане. Никогаш до сега не сум калкулирал, секогаш сум го давал максимумот. Плановите ми се да направам што повеќе рекорди во оваа категорија.

Какво е чувството да се влезе во гаражата на „Ферари“, еден од најмоќните брендови во автомобилската индустрија?

Договорите со нив беа уште пред две години. Многу е тешко, како што кажав, да бидете опција за да се натпреварувате со еден ваков автомобил, бидејќи треба да поминете одредени филтри низ тие лавиринти што тие ги поставуваат како правила за да добиете зелено светло. Ова е сериозен бренд, којшто има лимитиран број на автомобили за натпреварување, не секој може да го добие. Без разлика дали сте милионер и имате финансии, не можете да го купите без нивна дозвола, така што донекаде ми е дозволено да влезам во нивните гаражи, да видам што и како е, но верувајте, многу работи ги чуваат во тајност. На пример, мојот автомобил изминативе денови беше на доработка во нивните гаражи (со кој ќе се натпреварува наредната сезона), а само на двајца инженери им беше дозволено да влезат во просторијата каде што се одвиваше сето тоа, додека мојот инженер и јас бевме повикувани само од време на време само да видиме одредени параметри кои нам ни се важни. Можам да кажам дека го чуваат во тајност сето она што знаат и што го стекнале со години за да го направат тој бренд на ова ниво на кое е денеска.

Дали Ферари е Вашата опција и во Формула 1?

Секако. Мислам дека Ферари е желба на секој човек кој е љубител на добрите автомобили. Тоа е сон на секој човек. Од кога знам за автомобилите, желба ми е да се натпреварувам со овој автомобил и по цена да е побавен од другите конкуренти, како што е случајот кај мене оваа сезона во оваа категорија. Сепак, го претставувам брендот кој ми беше сон од детството.

Која Ви е омилена патека?

Немам некоја посебна, но кога би морал да издвојам една, тоа би била шпанската „Субида ал Фито“. Станува збор за исклучително добра патека, пред сè за ридските трки. Кога и да сум се појавил на оваа патека, поставував рекорди. Сакам да нагласам дека во Европскиот шампионат на ридски патеки можеби сум единствениот кој има освоено три европски титули. Инаку, овој шампионат можеби е најстар на ФИА, дури и пред Формула. Интересно е тоа што во шампионатот се натпреварував со различни автомобили и поставува рекорди кои до ден-денес не се соборени.

Со оглед на тоа што овој спорт важи за многу ризичен, дали сте имале некои моменти во кои животот сте го ставиле на конец?

Ридско-брзинските патеки дефинитивно се едни од најопасните дисциплини. За жал, многу мои колеги го загубија животот. Морам да нагласам дека мојот најголем конкурент од 2014/15 сезона, Чехот Јиржи Лос, кој ми беше најголем конкурент за освојување на титулата во тој период, исклучително брз натпреварувач, пред две-три години го загуби животот на едно вакво натпреварување. Исто така и еден конкурент од Швајцарија, многу млад натпреварувач при едни саботни тренинзи го загуби животот. На годишно ниво, многу луѓе ги оставаат животите на овие трки, бидејќи немате можност за калкулација ниту, пак, зони за излетување. Не постојат зони за излетување на овие патеки, секоја грешка е фатална, бидејќи брзината на овие патеки достигнува и над 250 километри на час, а тоа се предели како нашата патека на Водно, каде што асфалтот не е приспособен за таа брзина. Станува збор за патеки кои претежно се користат за обичниот сообраќај и се исклучително опасни за одредени ситуации. Но, сето тоа дава некоја возбуда, и кај гледачите и кај натпреварувачите. Страв имам, но постои сè додека влезам во автомобилот. Имав и нагони на повраќање од самиот страв, но сето тоа е нормално за еден човек. Но, повторувам, кога ќе влезам во автомобилот, влегувам во друг свет во кој се чувствувам најубаво, најрелаксирано, најсмирено и можеби тоа ми дава енергија за да ги поставам најдобрите резултати.

Секој спортист има свои ритуали, кои се Вашите?

Така е. Јас сум човек кој верува во Бога. Обично пред секоја трка одам кај мојот духовен отец Михаил, каде што правам молитва за да ги смирам мислите, бидејќи како што кажав овие натпревари се исклучително опасни и сакам пред секоја натпревар да се помолам кај Бога. Имало ситуации каде што ме сочувал од неубави работи. Исто така имам ритуали кога ќе влезам во автомобилот, кои ми даваат некоја сигурност. Дали дејствуваат не знам, но можам да кажам дека ме смируваат за време на натпреварувањата.

Покрај автомобилизмот, дали имате некое друго хоби?

Па можам да кажам дека немам. Порано возев мотокрос секој ден до 2012-тата, рекреативно, но кога ги потпишав оние спонзорски договори кои ми дадоа шанса да влезам во професионалниот свет на автомобилизмот и на европските патеки, не сакав да ризикувам евентуална повреда со мотокросот.

Која е најлудата работа која сте ја направиле во животот, без разлика дали е на патеката или е надвор од неа?

Има многу во врска со спортот. Можеби не е најлуда, но ќе споменам една ситуација од 2016 година, кога возев за еден словенечки тим. Се префрлив во една категорија во шампионатот на кружни натпреварувања, каде што пред сезона ми беа ветувани услови идентични на оние кои ги имаа моите конкуренти, подготвен автомобил за шампионска титула, а добив сосема нешто поинаку. Ја добив првата верзија на автомобилот, а не онаа која помина финални подготовки. На крајот на сезоната, која мина со многу малери, откажувања, невозени трки, судири, бидејќи возилото не беше функционално за тие натпреварувања и долг од 150.000 евра, преминав во друг тим каде што платив дополнителни 40.000 евра за да возам со автомобил соодветен на конкретните. Ризикував иако ги немав тие пари, позајмив, влегов во дополнителни долгови, само за да возам со автомобил со исти перформанси како мојата конкуренција. На крајот, на големо изненадување, не само што дојдов до победата, туку и остварив рекорд на патеката Имола. Тоа беше ризик кој, благодарение на моите родители, сопругата, ме поддржаа и на крајот сето тоа се исплатеше. Знаете, должите многу пари, а доаѓа момент кога ви треба дополнителна финансиска инјекција за да покажете што знаете и умеете. Има уште еден интересен момент кој вреди да го издвојам. Имено, на денот на мојата свадба возев трка. Сите активности кои требаше да ги направам за свадбата ги оставив на сопругата и родителите. Доаѓаат и ми велат дека закажале венчавка за 5 мај, а јас им велам – нема шанси, тој ден имам трка. Тој ден ми беше важен бидејќи после три титули во Македонија се добиваше „златна кацига“. Јас веќе имав две, а ми беше и повеќе од потребна таа третата, па решив да се пуштам во акција. Им велам: „Одам на трка, па доаѓам на свадбата“, и така беше. Дома имав гости, а на саботните тренинзи, бидејќи беше меѓународна трка, организаторот ми дозволи прв да ги извозам, а потоа и да одам на сопствената венчавка. Тоа се оние младешки денови кога не размислувате премногу. Замислете, да имав некое излетување немаше да има ниту свадба, ниту ништо. На тренинзите остварив неверојатно време, бев прв, одам дома и гледам полна куќа гости. Се средив, и заминавме на венчавка. Откако венчавката заврши, го облеков комбинезонот и заминав на трка. Победив и тоа поставив рекорд на трката, се сеќавам беше на Водно, а јас тогаш возев југо. Бев исклучително горд, а потоа заминав дома и со музика и песни прославивме и за свадбата и за големата победа.

Каде е полесно да се вози, на Имола или во Скопје?

Дефинитивно Имола е патека на која остварив исклучително добри резултати. Не знам колку подиуми имам на таа патека. Тоа е патека со голема хемија, чувството е феноменално. Знаете како е, се појавувате на патека каде што е бистата на Аиртон Сена, носи некоја чудна енергија која навистина е убава. Наредна година план ми е да се појавам на кружните натпревари, бидејќи желба ми е повторно да возам со овој бренд „Ферари“ на таа патека.

Ќе може ли збор-два да дадете околу забраната од Министерството за спорт на познатите спортисти да рекламираат обложувалници, казина…?

Се согласувам дека донекаде се во право, бидејќи навистина тие средства доаѓаат од нешто што не треба ние да го рекламираме, барем не ние спортистите. Да не бев спортист и тие средства да не ми беа потребни за да отидам на натпревари, јас не би учествувал во тие реклами. После мојата кариера, јас не би имал потреба зашто да ги рекламирам, бидејќи не ми се потребни тие средства за живеење. Од друга страна, благодарение на тие компании јас успеав да ги направам резултатите кои ги имам денеска. Без нивна помош оваа приказна не би се остварила. Мислам дека Владата и Министерството за спорт со сегашниот министер Борко Ристовски направија потег кој е добар за спортистите, односно да ги заштитат да не бидат вмешани во такви реклами.

Дали го гледате крајот на сето ова, односно дали се гледате наскоро во пензија?

Мислам дека сè уште сум далеку од пензионирање. Јас сум човек кој прави исклучително брзи одлуки и можам да кажам од денес за утре дека е крај. Не сакам премногу филозофии околу таа работа, но се чувствувам во одлична форма и подготвен сум да возам во секој шампионат. Верувајте, искуството кое го имам стекнато сите овие години ми дава за право да се надевам на самиот врв. Од тука, не се гледам кон пензионирање, барем не наскоро.

Што им посакувате на своите фанови и на пошироката македонска јавност во Новата 2025 година?

Им посакувам да се освестиме, да ја сфатиме смислата на животот. Мислам дека лутаме во ова општество, дека сè уште не ја знаеме поентата на животот, брзаме по некои си материјални средства, по пари, а не сме свесни дека животот поминува секојдневно. Треба да се радуваме и на најмалите нешта, да бидеме посмирени, порелаксирани, знам дека ситуацијата е тешка во моментов, на сите ни недостигаат финансиски средства, но мислам дека не толку колку што самите си имаме направено во својата глава таква фама. Би сакал сите да се порелаксирани, го гледам животот на луѓето кои живеат во Европа, изгледаат посмирени, порелаксирани, посреќни. Мислам дека тука ни е всадено да имаме таков начин на живот кој мислам дена не е убав за никого. Мојата желба е таа, малку да се промени свеста и менталитетот кај народот, да се видат вистинските вредности на животот, бидејќи на крајот на краиштата, тоа е најважното.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

ИЗДВОЕНИ