Македонската културна традиција е дел од мојот генетски код. Почнав да ѝ се обраќам откако се почувствував творечки доволно зрела, зашто лично сметам дека доколку се користи она, кое е сегмент од нашиот звучен и духовен архетип, и се става во поинаков и нов контекст, тогаш задолжително мора да му се даде уметничка тежина и вредност – сè поинаку, според мене, е само недостаток на талент и непочит кон народниот гениј. Поривот е особено нагласен во овие тешки времиња за македонскиот идентитет – силната желба да се изрази нашата уникатност и различност, како и нашата вековитост, за мене беше и е contidio sine qua non во уметничкиот израз, вели композиторката Дарија Андовска во интервјуто за весникот ВЕЧЕР по повод изведбата на светските премиери на две нејзини композиции -во операта во Токио и во Скопје во ноември
Доволно е да се направи ретроспектива на раскошната творечка есен на композиторката Дарија Андовска, за уште еднаш да се потсетиме за каква уметница станува збор. Нејзините дела физички и виртуелно прошетаа од Сараево, преку Њујорк, Истанбул, до Токио и Скопје – на 4 ноември во Операта во Токио премиерно беше изведена композицијата „Сношти минав“ за тенор, гудачки оркестар и пијано,напишана за нашиот светски реномиран тенор, Благој Нацоски, кој ја изведе заедно со „Tokyo Vranec Chamber Orchestra“, под диригентската палка на Казухиро Котецу, на концертот по повод 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Јапонија, а во Скопје беше изведена светската премиера на композицијата „Со маки сум се родила“ за сопран, флејта и пијано, напишана за ансамблот „Altus New Breath“, а беше изведена од Гонца Богоромова-Краповски – сопран, Елена Стојческа – флејта и Маријана Николоска – пијано. Во септември имаше уште една светска премиера на композицијата „Apoptotic Bodies“ за гудачки оркестар и фиксен медиум, во изведба на No Borders Orchestra во Сараево и Нови Сад, како почеток на нивната европска турнеја 24/25 година; исто така во септември, во Њујорк, за првпат интегрално беше изведен циклусот „Песни од татковината“ составен од (засега) 4 песни, а го изведоа Ана Гацева – пијано и Иван Наумовски – баритон; во септември, во Шведскиот парламент, дуото „Дениција“ ја изведе композицијата „Си заљубив“ за две гитари, која потоа ја изведоа и во Загреб.
Компонирањето, постојаното себеистражување и посветеноста на професорската дејност на факултетот за музичка уметност како и секојдневните обврски на позицијата декан на истата институција, ѝ овозможуваат и истовремено ја обврзуваат Андовска да биде буден и слободен проследувач и активен учесник во културното милје на домашен план и истовремено на неговиот одек во светот. Како посветена уметница и интелектуалец таа покажува дека уметникот не требаа да биде само „занесеник со главата во облаци“, туку и цврсто вкоренет во реалноста ги следи, укажува, опоменува, фали и префрла и се радува на општествените недоследности, и што е најважно не замижува ниту премолчува кога е најнужно.
Вашата космополитска душа во секој аспект на Вашето општествено и лично дејствување останува длабоко вкоренета во македонската културна традиција, покрај првичниот мотив, што значи за вас тоа – порив, поттик или должност „кон оние пред нас за оние по нас“ при творењето?
Македонската културна традиција е дел од мојот генетски код. Почнав да ѝ се обраќам откако се почувствував творечки доволно зрела, зашто лично сметам дека доколку се користи она, кое е сегмент од нашиот звучен и духовен архетип, и се става во поинаков и нов контекст, тогаш задолжително мора да му се даде уметничка тежина и вредност – сè поинаку, според мене, е само недостаток на талент и непочит кон народниот гениј. Кај прашањето што значи за вас тоа – порив, поттик или должност „кон оние пред нас за оние по нас“ при творењето, не би ставала „или“, туку само сврзник „и“ – и порив и поттик и должност. Поривот е особено нагласен во овие тешки времиња за македонскиот идентитет – силната желба да се изрази нашата уникатност и различност, како и нашата вековитост, за мене беше и е contidio sine qua non во уметничкиот израз. Поттикот ме насочи кон себеистражување, за тоа да се преточи во дело кое би побудило интерес не само кај нас, туку и низ целиот свет, да се истражува и осознае македонската музика и култура. Многу често ми се случува да сум првата Македонка која ја запознаваат и секогаш се трудам да бидам добар амбасадор и наш образ во светот. Должност на уметниците да бидат огледало на сегашноста, на тековните случувања, да имаат своја реакција, свое мислење и став. Тоа не смее да биде плакативно или политички памфлет, туку мора да биде дело со уметничка вредност и тежина, токму поради она што го наведовте – должност кон предците, но и кон иднината. Не смееме дазабораваме дека еден од стожерите на македонскиот идентитет е културата – на тој континуум се надоврзуваме по формирањето на македонската држава и тој ќе биде сврзното ткиво со идните генерации. Должност? И повеќе од тоа.
Кога е во прашање сето она што го имате остварено на креативен план, не може а да не се наметне прашањето, а најверојатно, и самите Вие да треба да живеете со фактот дека светската публика повеќе знае и имала привилегија да ужива во изведба на Ваши дела отколку домашната? Кој на крајот ја плаќа превисоката цена домашното да се цени дома откако ќе се реализира надвор?
Мислам дека сите заедно, како општество, веќе ја плаќаме таа превисока цена. Девастирачки огромен број на талентирани, способни и умни луѓе ја напуштија или планираат да ја напуштат Македонија. Не само поради тоа што не се препознаени и признаени дома, туку и дополнително поради недостатокот на квалитет на живот и услови за нормално битисување. Жал ми е што го кажувам ова, зашто секој што ме знае, знае колку ја сакам и ме боли Македонија, нашето раскошно богато, а запустено парче рај на планетава – но, вистината е таа. И повеќе од крајно време е, доколку сакаме да го зачуваме она што останало, да се обидеме да инвестираме мериторно во човечките ресурси и бескомпромисно во развојот на свеста и совеста.
Вие сте една од ретките интелектуалци, како повеќегодишен професор на факултетот за музички уметности, а од пред две години и на позицијата декан на истата институција, со целата своја биографија зад себе, која достојно, секојдневно ја исполнувате онаа кај нас можеби подзаборавена обврска на ангажираност на уметникот, кој не е само занесеник со главата во облаци, туку и цврсто вкоренет во реалноста ги следи, укажува, опоменува, фали и префрла и се радува на општествените недоследности, и што е најважно не замижува ниту премолчува кога е најнужно. Дали е тоа Вашиот начин да покажете за што служи слободата во современото време кога повеќето луѓе сепак живеат под оковите на модерно ропство во секој домен на животот?
Целиот мој творечки и животен хабитус се заснова на слободата – ништо никому да не должам. Тоа, ми се чини, најмногу ми дава слобода да си го кажам отворено мислење по било кое прашање или ситуација. Од никого не зависам (освен од себе) и на независноста работам во континуитет, што е исто така важен сегмент за слободниот дух – кај и да ме фрли животот, сè да ми биде одземено, јас повторно ќе паднам на нозе како мачка и ќе се снајдам. Не ме интересира што некој друг мисли за мене, оти јас имам еден живот и треба да го поминам како што јас се чувствувам најдобро со себе. Се разбира, сето ова без да се наштети некому.
Да, за ваков начин на живеење треба и храброст и спремност да си постојано на удар, зашто не се совпаѓаш со маниристичкиот и комформистички начин на постоење, непредвидлив и тежок си за контролирање (ако воопшто може некој да те контролира) и со тоа најчесто непожелен. Но, мене не ми е важно тоа – важно ми е јас да можам да спијам мирно, никој да не го повредам, да помогнам каде можам, да го живеам животот автентично и да знам дека оставам легат зад себе. Како што за мене е гордост чистиот образ на моите родители, така и јас сакам да бидам со гордост и чест споменувана кога веќе нема дабидам физички присутна.
Како на таа ваша смелост реагираат вашите колеги, студенти, соработници, истомисленици или неистомисленици?
Се трудам да бидам човек на кој ќе сакаат да се угледаат, да бидам жив пример дека е можно се’ во животот сам да си создадеш чесно и достоинствено (со многу труд, работа на себе и постојано учење), да покажам дека животот ги нуди сите можности, без разлика од каква социо-економска ситуација доаѓаат и дека нема неостварливи соништа.
Како тоа е восприемано од неистомислениците – не ме интересира. И тоа е дел од мојата слобода да бидам јас – јас.
Дали го забележувате тој критички дух кај денешната младина? Колку е подготвена да не подлегнува на евтините, брзи и често корумптивни начини за искачување до врвот? Постои ли уште таа желба за работа на себеси, за сопствениот пробив на патот до остварувањето на соништата?
Денешната младина се чини дека е сериозно загрозена од површност, инстант гратификација, недоволна или нетемелна едукација, проблеми со социјална и емоционална интелигенција, недостаток на култура на комуникација, итн. Дел од тоа се припишува на современите „болести“ од социјалните медиуми, но добар дел е исто така резултат на запуштеност на основната домашна култура и воспитание. Кој ќе сака да работи на себе, ако неговите родители со притисоци му ги зголемуваат оценките во училиште, му купуваат бесен и скап автомобил за 18. роденден, му ги завршуваат студиите преку врски и на крајот го вработуваат?
Најголемиот дел од проблемите потекнува од дома.Серазбира, постојатсекогаш исклучоци и деца кои влегле во костец со животот, без ваквата „заштита“.Но, за жал, повеќето тотално губат перспектива во однос на тоа што воопшто значи нивното постоење на планетата и колку среќни коинциденции требале да се случат, за во историјата на вечноста токму тие да ги добијат овие кратки, но слатки седумдесетина години живот.
Со кои предизвици Вие сè уште секојдневно треба да се борите во остварувањето на вашите замисли (соништа), и кој е Вашиот следен предизвик?
Животот ме научи многу, а едно од нештата е здравиот хумор за да се преживее. Во тој контекст и реченицата „Ако сакаш да го насмееш Господ/Универзумот/Штоидае тоатамунегде, само ти прави си планови.“
Најголемиот предизвик ми е секогаш работата на себе, таа никогаш не сопира – откривањето нови висини и нови длабочини, негативни и позитивни карактерни црти.Знаете, ние никогаш не сме истите, постојано се менуваме и развиваме, осознаваме поинакви аспекти од себе. Дарија пред две години е различна од оваа Дарија сега, иако е истата, зашто оваа Дарија сега знае многу повеќе од таапред две години.Следниотпредизвик е моето животно ремек-дело.
Се разбира, во средина каде што прашањето за легитимноста на сопствениот јазик, држава, име, идентитет, и во 21 век не е константа туку вечно променлива, не е лесно да се задржат корените цврсто под земјата, да се биде свој на своето, дефинициите се менуваат, се европеизираат и се прелеваат. Како да се биде апсолутно модерен без да се напушти суштината, сопствена и општочовечка?
Со развиена висока свест за себе (кој сум, што сум, од каде доаѓам, каде одам), за опкружувањето, за другоста и различноста, за симбиозата, за едноста, за почитта кон секое живо битие, свесни дека и тој/таа/тоа до нас е сосема различен микроверзум (колку и да сме слични), со кој заедно правиме универзум колку и да сме различни. Ги почитувам сите култури, религии, нации, сите лични избори, сите живи суштества, се обидувам да научам за се’ по нешто, да сум со отворен ум и без предрасуди – она што е различно од мене не смее да биде неприфатливо.
Но, ова е мојот начин. Дали е тоа модерно – не знам.
Завршува уште една календарска година, „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред“ за уметноста да биде нашиот амбасадор во светот, да не одиме по светот да се докажуваме, туку светот да доаѓа кај нас за да не запознае?
– Изгледа нашата дипломатија уште не е свесна за можностите на soft power, како што се нарекува културната дипломатија во светот, иако секојдневно сме сведоци за нејзината неверојатна моќ и влијание. Имаме многу врвни уметници и спортисти кои се нашите најдобри амбасадори, имаме културно-историски споменици, археолошки наоѓалишта, религиски објекти стари и повеќе од милениум, раскошно богата историја и неверојатно убава природа преку кои можеме да бидеме препознатливи и признаени, со кои треба да се гордееме, да ги негуваме, зачуваме, потпомогнеме. Само треба да сфатиме дека сме една шака народ, треба да си подаваме рака и да се радуваме на сечиј успех, наместо поради лични краткорочни и кратковиди интереси да се прават интриги и сопки.
Кога ќе се вратиме на музиката, почнувајќи од вашите музичко-теоретски и творечки интереси, може ли да се рече дека секоја ваша композиција е обид да се создаде животната низа на небесниот Ред?
Она што со сигурност можам да го кажам е дека секоја композиција е креација на нов универзум, со сопствени правила, енергетски констелации, хармонски решенија, структури… сето зависно од идејата. Ако скулпторите имаат однапред зададен материјал (како на пример мермер, глина, дрво), композиторот прво го создава материјалот, ткивото од кое понатаму го креира новиот универзум – му ги испитува особеностите, му ги тестира можностите, го доведува до екстреми, од имплозија до експлозија, го остава да тихува и мирува – повторно, сето зависно од идејата.
Како би звучела композицијата на Вашата душа? Дали е веќе можеби компонирана, или останува самата да ја создадете?
Мојата душа, или некој нејзин аспект, е во секоја моја композиција. Ако не е таму – може да има ноти, ама ќе нема музика.