Д-р Ставриќ, Вие сте офталмохирург со долгогодишно искуство во повеќе области на очната хирургија. Бевте шеф на хирургијата на Универзитетската Очна Клиника до пред 10-тина години, а оттогаш раководите и се занимавате со хирургија во приватна пракса. Во моментот ја водите хируршката работа во респектибилната Европска Очна болница,  дел од Санте плус групацијата, во Скопје. Покривате повеќе области на очната хирургија, окулопластичната естетска и реконструктивна хирургија, очната травматологија, глауком, хирургија на очната шуплина, катаракта. Секако операциите на катаракта и тоа со фако-метода, како најчести во очната хирургија сè и од најголем интерес за аудиториумот.

Што ќе ни кажете за оваа метода?

– Да, моето искуство во хирургија на катаракта е навистина огромно и долгогодишно. Почнувајќи од Универзитетската клиника за очни болести, потоа во две приватни клиники и сега во Европска очна болница, мислам дека  бројот на операции на катаракта го надминува бројот од 25 000. Можам да кажам дека сум еден од пионерите во хирургијата на катаракта со фако-метода во Македонија, за која метода бев едукатор на многу други офталмолози кај нас, во мојата матична институција, Универзитетската Клиника за Очни болести, каде спроведов стандардизација на методата, односно преминување од класична на фако метода, а истата метода, како едукатор, ја воведов и на очните оддели на клиничките болници во Тетово, Штип и Битола. Фако-методата користи ултразвук како инструмент со кој се отстранува заматената природна леќа, а на нејзино место се вградува вештачка леќа која е индивидуална и се одредува посебно за секој пациент. Не би го оптоварувал аудиториумот понатаму со технички и стручни детали, но би го кажал она што најмногу ги интересира пациентите – ризиците и благодатите на оваа операција. Операцијата на катаракта со фако-етода е една од најстандардизираните, а со тоа и најбезбедни операции во хирургијата, воопшто. Самата метода е измислена и дизајнирана да биде безбедна и да го намали периодот на закрепнување на минимум. Операцијата се изведува во локална анестезија, амбулантска е, што значи пациентот си заминува дома 30-60 минути по операцијата. Окото е отворено веќе 1 час по операцијата и пациентот нема никакви ограничувања во физички активности од истиот ден. Накратко, за пациентот фако-методата е прилично лесна и комфорна операција.

Колку операции имате неделно?

Во нашата болница неделно се работат и повеќе од 60 операции, од кои 30-ина се операции на катаракта.

Дали оваа операција е комплексна?

– Секако дека да. Без разлика колку големо искуство имате во операција на катаракта, секогаш на секој нов пациент мора да му се пристапи индивидуално и со големо внимание, затоа што секое око е различно. Иако катарактата важи за „очно” заболување, тоа не е сосема така затоа што системските коморбидитети кои овие пациенти ги носат со возраста, влијаат и на генезата на катарактата, а сето тоа влијае на хируршкиот пристап и избор на најдобра оперативна метода за секој пациент посебно.

Друг, не помалку важен фактор е што во нашата држава пациентите сè уште чекаат да “созрее” катарактата, што ги зголемува оперативните ризици и понекогаш наложува покомплициран зафат и можно подолго време на закрепнување.

Важите за хирург кој што ги работи најкомплексните операции на катаракта?

– Па да, тоа и за жал, но и за среќа ме следи низ целата кариера. Од моите почетоци до денес ги работам најкомплексните и најтешките катаракти. Знаете, на почетокот како млад хирург ги добивате тие случаи кои никој друг не ги сака, а подоцна претставуваат предизвик кој има адреналински карактер и создава некој вид на зависност. Така да, да, најтешките и најмалку изгледни катаракти ми се и денес голем предизвик и професионално задоволство. Впрочем, најголем дел од пациентите кои доаѓаат во нашата болница се комплицирани случаи, кои  што не се прифатени во другите болници. Некој мора да ги преземе истите. Се работи за пациенти со претходни повреди на окото, пациенти со претходни воспаленија на окото, пациенти со дијабетес, со псеудоексфоликативен синдром и други.

Што значи ова за пациентите? 

-Ова за тие пациентите значи дека е можно да имаат малку подолг период на закрепнување заради комплексноста на оперативниот зафат. Некогаш е потребна и повеќе од една операција додека да се овозможи максимална можна функционалност на окото. Како што реков и претходно, хирургијата на катаракта спаѓа во планирана хирургија и претставува една од најпротоколараните операции, со развиени многубројни методи за решавање на разните видови катаракта. Но, сепак, знаењето и искуството на хирургот се пресудни во правилниот избор на најсоодветната оперативна метода за одредена катаракта, а неговата вештина за правилното изведување на операцијата се клучни за максимално добар оперативен исход. Она што треба да го знаат пациентите е дека кај секого времето на закрепнување е индивидуално и едноставно треба да веруваат во процесот.