„Јас сум многу љубопитна личност и не сакам да си поставувам граници. Мојот сон е да продолжам да ги живеам убавите моменти на сцената. Сон ми е и повторно да танцувам таму каде што сè започна – во Скопје! Благодарение на наградата „Менада“, врската се обнови и навистина сакам да се вратам повторно и да танцувам во Македонија“, вели за весникот ВЕЧЕР француско-македонската балерина Роксан Стојанов, годинешната добитничка на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност, на 21. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“ 2025
Роксан Стојанов, балерина со француско-македонско потекло, родена 1995 во Франција, своите први танцови чекори ги започнува токму во Скопје, на осумгодишна возраст, кога во државата престојува со своето семејство. Сепак, таа балетското образование го продолжува во Брисел, а во 2007 се приклучува на Школата за танц на Париската опера. Пет години подоцна, во 2013, станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција. Низ годините, нејзиниот талент и посветеност биле препознаени преку бројни признанија. Во периодот од 2015 до 2022, Роксан напредува во хиерархијата на операта и станува првенка на балетот. На 28 декември минатата година, го доживува врвот во кариерата, кога по нејзината извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, Роксан е прогласена за Ѕвезда на Париската опера – највисокото звање во хиерархијата на оваа оперска куќа. Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи улоги во класични балети како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи. Прогласувањето за Ѕвезда на Париската опера е доказ за посветеноста на танцовата уметност, а наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност, е уште едно признание за нејзината извонредна уметничка сестраност.

Вие сте годинешен добитник на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност на 21. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“ 2025. Какво значење има ова признание за Вас?
Ова е прекрасна награда што ми е доделена. Голема чест е што сум добитничка токму на ова признание, бидејќи тоа има посебно значење за мене. Оваа награда го признава мојот труд и посветеност кон мојата најголема страст, а тоа е танцот. Истовремено таа ми овозможува, преку уметноста, да изградам мост меѓу моите две татковини, моите две култури и да ме врати таму каде што сè започна – во Скопје.
Кон крајот на минатата година, пак, бевте прогласени за Ѕвезда на Париската опера. Ова е огромен успех за една балерина, со оглед дека со оваа титула се верификува Вашиот досегашен труд. Всушност што балетот претставува за Вас?
За мене, балетот е начин на изразување. Тоа е универзален јазик преку кој можеме да ги покажеме своите емоции. Пред сè, тоа е големо задоволство за еден балетски уметник, но посебно и кога сме деца и кога почнуваме да танцуваме. А потоа, со зрелоста и со работа, сфатив дека преку балетот можам да раскажувам приказни и да играм разни улоги. Како да стануваш друг човек и живееш друг живот, барем додека трае балетот. Мене ми се допаѓа тоа што можам да работам со различни стилови, класичен или современ балет, да запознавам нови кореографи, или пак да ги оживувам балетите на оние кои што веќе не се со нас. И на крај, тоа што најмногу го сакам во балетот е музиката, бидејќи тоа е она што нe ноcи. Дури и кога нема музика, треба да се водиме од сопствениот внатрешен ритам и да „пееме“ со телото.
Вашата кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи ги улогите во класичниот балет како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи. Која улога најмногу Ви значи, и всушност кои моменти од кариерата би ги издвоиле како најголем успех?
Балетот, за кој чувствувам дека најмногу ме одбележа досега е „Дон Кихот“, улогата на Китри. Тоа беше првиот голем балет, во три чина што сум го играла. Долго време посакував да добијам таква одговорност, за да видам дали ќе можам да се снајдам. Тоа беше огромен чекор за мене во мојата кариера. Секако би ја издвоила и креацијата со Вилијам Форсајт, кој создаде 25-минутно дело за мене насловено „Rearray“. Многу ми значеше тоа што добив доверба и можност да работам посебна креација со кореограф, и тоа не било кој! Тој ми помогна да стекнам самодоверба, но и да ја покажам мојата уметност пред другите. На сцената, таму бев вистинската јас. Мислам дека токму оваа етапа од мојата кариера, ја зајакна желбата на дирекцијата, да ме именуваат за балерина – Ѕвезда. Моментот, да бидам прогласена за Ѕвезда на Париската опера, по одигрувањето на главната улога во балетот „Пахита“, за мене беше најубавиот подарок, не само поради самото признание, туку и поради совладувањето на сите предизвици што балетот ги носи. Ги сакам предизвиците!
Како се случи да станете дел од Париската опера. Како всушност започна вашата приказна поврзана во балетот?
Ја почнав танцот во Скопје, во школото за танц „Туту“, со професорката Ирена Лозинска. Кога моравме да се преселиме, јас сакав по секоја цена да продолжам со танцот, па така најдовме едно школо во Брисел, во кое мојата професорка ми зборуваше за школата за танц на Париската опера. Таа сметаше дека имам капацитет да влезам во таа школа и, уште повеќе, да го правам тоа професионално. Се пријавив, и ме примија кога имав 12 години. Поминав шест години едукација за балет, во школата на Париската опера, при што, секоја година за премин во следната класа, полагав испит. На крајот, имав можност да полагам аудиција за да влезам во балетската трупа на Париската опера, и бев примена кога имав 18 години. Оттогаш, морав секоја година да полагам на интерни конкурси за да се искачам низ различните степени сè додека не станав Ѕвезда (Етoал).
На што работите во моментот, кои се Вашите наредни ангажмани во текот на годината?
Во моментов се подготвувам за нов балет во три чина: „Силвија“ од Мануел Легри. Ќе ги танцувам улогите на Силвија и на Дијана, од 8 мај во Опера Гарније, Париската опера. Воедно ќе почнам со подготовка на балетски улоги за следната сезона, а ќе одам и во Италија за да настапам во претставата „Младиот човек и смртта“ од Ролан Пети, францускиот танчар и кореограф. Летово ќе заминам и на турнеја во Кина и во Јапонија, каде што ќе настапувам со различни дела, па-де-де-а и извадоци од мојот репертоар.
Дали постои уште некој неостварен сон во вашата кариера?
Мојот сон е едноставно да можам да танцувам во што е можно повеќе балетски претстави. Јас сум многу љубопитна личност и не сакам да си поставувам граници. Мојот сон е да продолжам да ги живеам убавите моменти на сцената.
Дали може да се очекува Ваш настап на македонската балетска сцена или некаков друг вид на соработка со македонските балетски уметници?
И тоа би ми бил сон: повторно да танцувам таму каде што сè започна! Благодарение на оваа награда, врската се обнови и навистина сакам да се вратам повторно и да танцувам во Македонија.
Што би им препорачале на младите кои допрва влегуваат во светот на балетот, што е најбитно за еден балетски уметник и неговиот успех?
Да не заборават никогаш зошто танцуваат. Да си ја чуваат детската душа што е можно подолго. Да не се плашат, да дадат сè за својата страст, и пред сè, да работат многу, затоа што ова е многу захтевна професија, која бара и голема храброст, никогаш да не се откажеш, бидејќи резултатот може да биде навистина прекрасен.
За крај, каква е Вашата врска со Македонија денес и како се чувствувате кога ќе се вратите во земјата од каде потекнувате. Што е она што Ве привлекува повторно да се враќате?
Денес се враќам во Македонија за моите пријатели и семејството што живее тука. Но, и затоа што ова е земја со многу историја, богата со култури и неверојатни ресурси. Тоа ја прави уникатна и инспиративна. Затоа ми се допаѓа и горда сум што сум Македонка по татко ми.
Даниела ТРАЈКОВСКА