„Во театарот, вие сте сведоци на нешто ексклузивно, нешто што никогаш нема да се повтори. Доаѓајќи во театар, ќе си дадете оддишка од секојдневните проблеми на современото живеење. Некогаш ќе се препознаете, некогаш ќе ги препознаете своите блиски, своите пријатели или познајници. Можеби ќе ве насмееме, можеби ќе ве расплачеме. И можеби некои работи ќе ви станат појасни, поблиски или позначајни. Во секој случај, ќе станете духовно побогат човек“, вели за весникот ВЕЧЕР Роберт Вељановски, директорот на Драмски театар Скопје, со кого разговаравме и за новитетите во програмата за оваа година, за начинот на привлекување публика, за значењето на театарот…
„Ифигенија за ништо“ во режија на Филип Петковски e првата претстава што веќе почна да ја подготвува ансамблот на Драмскиот театар во 2025 година, а чија премиера се очекува на почетокот од април. Годинава се најавени уште четири премиери, покрај постојниот репертоар. Со директорот Роберт Вељановски разговаравме не само за новините во репертоарот туку и за проблемите со кои се соочува театарот, за начинот за привлекување нова публика…
Годинава, за првпат еден голем дел од националните установи од областа на културата, меѓу кои и Драмски театар, добиваат делегиран буџет. Каков е Вашиот став за еден ваков потег на министерот и што, всушност, ќе значи тоа за самиот театар, вработените, па на крај и за публиката?
Делегираниот буџет не е новина во работењето на македонските театри. Оваа година, по повеќе од дваесет години, повторно се враќа „во игра“ финансирањето на националните установи на овој принцип. Имено, делегираниот буџет не значи ништо друго, освен поголема слобода во одлучувањето при креирањето на сопствените политики за работа на националните установи. Конкретно, во драмската дејност, ако досега конкуриравме во Министерството за култура и туризам со можни проекти за работа во наредната година и за нив одлучуваше Комисијата за драмска дејност, отсега сами, и со препорака на Уметничкиот совет и со одлука на Управниот одбор на установата, на веб-страницата на правниот субјект националните установи ќе ја објавуваат програмата за работа во тековната година. Поконкретно, ова подразбира поголема слобода при распоредувањето на средствата за секоја претстава поединечно, средства што, како вкупен буџет за продукција, ги добиваме од Министерството за култура и туризам.
Се разбира, ова не подразбира самоволие и расипништво, туку начин за порационално, попродуктивно и понаменско трошење на средствата. Имено, со стариот начин на финансирање, Комисијата за драмска дејност ја определуваше вкупната одобрена сума за финансирање на една претстава. Согласно со потпишаниот договор за учество во финансирањето на годишната програма за работа на НУ ДТС за 2025 година од областа за драмската дејност, установата сама го креира буџетот за секоја претстава. Понекогаш се јавува потреба да се вложат во некоја претстава повеќе средства од предвидените, што не значи дека е лошо планиран буџетот за претставата, но, едноставно, во процесот на работа се појавува потреба од некој дополнителен елемент што не бил првично предвиден (сценографски, костимографски…) – значаен елемент што ќе го зголеми квалитетот на претставата. Оттука, согласно со новиот начин на финансирање, ѝ е дозволено на самата установа во ставката за продукција, и во текот на годината, со одобрение од Управниот одбор, да направи корекција во буџетот за претставата. Овие корекции не смее да бидат повеќе од 20 % од вкупно одобрениот буџет во предметната ставка. Делегираниот буџет е исклучително поволен исчекор за функционирањето и работата на националните установи. Што се однесува до публиката, мислам дека таа очекува квалитетни продукции, без разлика на начинот на финансирање.
Сметате ли дека е доволен буџетот што го добивте за она што го планиравте во однос на продукцијата?
Да, за годинава предвидовме пет премиери на сцената на НУ ДТС. Дали е доволен буџетот? Не. Никогаш не е. Во мојот прв мандат, од 2013 до 2017 година, имаше години кога имавме околу 10.000.000 денари за продукција. Но, треба да ги земеме предвид можностите на државниот буџет, како и фактот што буџетот за продукција на НУ ДТС за 2025 е без малку 100 % поголем од оној во 2024 година. Треба да се напомене дека ние свесно планираме за секоја од претставите од Програмата за работа на НУ ДТС да вложиме и средства од сопствени извори и донации, така што мислам дека беспрекорно ќе ја завршиме работата во овој сегмент.
Кои новини може да ги очекува публиката годинава, со оглед на тоа што програмскиот дел, сепак, е и главна причина за привлекување на посетителите?
Првата продукција во Драмски за 2025 година, „Ифигенија за ништо“, ќе понуди малку поинаков, помодерен пристап во читањето на драмските текстови. Со самото тоа, ќе понуди и малку поинаков тип претстава од оној на кој е навикната нашата публика, што значи дека ќе имаме едно модерно освежување на нашиот репертоар. Потоа, кон средината на мај, нè очекува едно возбудливо патување на малата сцена на Драмски, со претставата „Чворот на Гидион“. За мене, од исклучително значење е копродукциската претстава „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“, копродукција меѓу Драмски театар Скопје, Белградскиот драмски театар, Местниот театар Љубљана и Будва град фестивалот, за која преговорите се во финална фаза и очекувам наскоро да биде потпишан договорот за оваа копродукција. Важно е да се каже дека ќе се работи претставата кај нас, во Драмски. Потоа нè очекуваат премиери на фестивалот во Будва, на „Охридско лето“, на фестивалот РУТА на Бриони, а во октомври – и во Драмски театар. Сметам дека ќе бидат огромни придобивките: непосредна работа, размена на идеи и пристапи кон работата со колегите од Хрватска, Словенија, Србија и од Црна Гора. Втората половина од годината ќе ја завршиме со две претстави на големата сцена, во која ќе биде вклучен поголемиот дел од ансамблот на Драмски, адаптација на „Куршуми над Бродвеј“ и култната „Болва вo уво“. Планот за работа е направен на почетокот од јануари и веќе ги имаме утврдено деновите за премиерните изведби на сите пет претстави.
Ова е Ваш втор мандат како директор на Драмски и еден од главните проблеми со кои се соочивте, и тогаш и сега, се лошите услови во кои работи ансамблот. Всушност, се работи за објект (монтажен) изграден пред шеесетина години, кој сѐ уште некако му одолева на забот на времето, со помали или со поголеми санации. Правени се проекти, ветуван е нов објект… Постои ли некаква иницијатива или идеја да се реши ова прашање?
Денес, 4 март 2025 година, денот кога одговарам на Вашите прашања, е јубилеен ден. Имено, пред 60 години, на 4 март 1965 година, пуштен е во употреба овој објект на Драмски. Евидентно е дека објектот е „изеден од забот на времето“ и дека, дури и повеќе од можното, си го отслужил своето. Но, сепак, со крајни усилби се обидуваме да му го продолжиме векот на траење. Со мали интервенции, согласно со нашите можности, се обидуваме да ги задоволиме елементарните услови за работа. Постои иницијатива за изградба на нов објект на Драмски, на истата локација. Постои и готов проект, за кој во 2017 година беше поминат и тендер за изградба, во висина од 9.500.000 евра. Но, со промената на тогашната власт, оваа веќе извесна изградба на Драмски пропадна. На повеќе средби, ја реафирмирав идејата за изградба на Драмски и се надевам дека ќе биде реализирана во догледна иднина.
Една од болките на секој актер е да најде вработување според струката. Дали има Драмски доволен број актери, особено млада крв, која ќе го носи во иднина, на свои плеќи, товарот на програмата? Дали постои потреба од нови вработувања?
Проблемите на НУ Драмски театар Скопје во делот на човечките ресурси, во моментов, многу повеќе се однесуваат на делот со техничкиот персонал отколку на делот со актерскиот потенцијал. Имаме голема потреба во делот на сценските декоратери, на гардероберите, суфлерите, мајсторите на тон, светло, видео итн. На платниот список на Драмски има 43 актери, плус двајца на кои местото им е во мирување. Што значи, ансамблот брои 45-мина актери. Да, се разбира дека секој актер, особено млад, бара можност да си го најде своето место под сонцето. Минатата година, во Драмски беа примени 10-мина актери. Не спорејќи го поединечниот квалитет на секој од нив, сметам дека политиката со која секоја година би биле во можност да примаме по еден или двајца актери, би била многу попродуктивна и перспективно гледано, многу поцелисходна за иднината на театарот. Но, ова е објективната состојба и, за жал, не верувам дека ќе се отворат вратите на ансамблот на Драмски, во блиска иднина, за нови, млади, талентирани актери.
Успехот на еден театар на крајот од денот се мери и според продадените билети. Каков е интересот на публиката за посета на Вашиот театар? Дали за разлика од пред 10-15 години, се зголемува или се намалува бројот на посетители и на што се должи тоа?
Статистички, за септември, октомври, ноември и декември 2023 година, на 38 изведби сме имале 5.626 гледачи, а во тие месеци во 2024 година, на 47 изведби сме имале 9.528 гледачи. Евидентно е дека има сериозен пораст на посетеноста во овие месеци од 2024 споредбено со показателите од 2023 година. За разлика од пред 10-15 години, мислам дека бројките се тука некаде, повеќе или помалку, за 5-6 %. Но, ако ги споредиме со бројките од пред 20 или 30 години, тогаш евидентно ќе го увидиме фактот на опаѓање на посетеноста на Драмски театар.
На кој начин, во наредниот период, ќе привлекува Драмски повеќе публика? Тука мислам и на помладата публика, која треба да создаде навика за посета на театар.
Веројатно, ќе треба да посветиме внимание во креирањето на репертоарската политика на ДТС, особено во делот на претставите за деца и за младинци. Едно мое истражување во 2014 година покажа дека до 1991, ДТС го негувал репертоарот на претстави за деца и за младинци и секоја година имал по најмалку две претстави за деца или за младинци. Значи, сами сме си ја одгледувале и создавале својата публика. Но, по 1991 година, таа практика е напуштена и веќе првиот драстичен пад од 30-ина проценти на посетеност се појави во 1998/1999 година. Во минатиот мандат, имав обиди за враќање на претставите за деца и за младинци на репертоарот, продуцирав три претстави, од кои две имаа забележлив успех. Но, за жал, по моето заминување во 2017 година, таа практика е прекината. Не помалку важен е маркетиншкиот пристап, кој во иднина треба да го користиме. Пред сè, тука мислам на користењето современи софтверски апликации и хардверски алатки, преку кои треба да станеме подостапни за младата популација. Но, сето ова подразбира и сериозно вложување во нив и ние ќе се обидуваме, согласно со нашите финансиски можности, да фатиме некаков чекор со современоста што ја живееме.
И за крај, која е Вашата порака до оние што сѐ уште не ја откриле или, пак, не се доволно упатени во убавината на театарската магија и во значењето на театарот за нивната душевна состојба, бидејќи со право се вели дека театарот е чистилиште на душата?
Ако нема публика, нема театар. „Актерот е Орфеј, драматичарот Прометеј, режисерот Хефајст, публиката е – сѐ!“ Нашето постоење без публика е бесмислено, односно ние не постоиме без публика. Театарот е ексклузивна и неповторлива можност да проследите изведба на едно театарско уметничко дело што постои само во моментот на неговото раѓање и играње, дело што умира веднаш по спуштањето на завесата. Едноставно, тоа не постои. Да, тоа е истата претстава што утревечер повторно ќе биде на репертоарот, но никогаш нема да биде истата претстава како онаа што се случила вечерта кога сте ја гледале вие. Значи, вие сте сведоци на нешто ексклузивно, нешто што никогаш нема да се повтори. Доаѓајќи во театар, ќе си дадете оддишка од секојдневните проблеми на современото живеење. Некогаш ќе се препознаете, некогаш ќе ги препознаете своите блиски, своите пријатели или познајници. Можеби ќе ве насмееме, можеби ќе ве расплачеме. И можеби некои работи ќе ви станат појасни, поблиски или позначајни. Во секој случај, ќе станете духовно побогат човек.