ИНТЕРВЈУ, ПАНЧЕ ТОШКОВСКИ, МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ: Работиме на случаи со криминали од милионски суми 

564
Македонската полиција во моментов обработува повеќе предмети за криминали со милионски износи, за кои народот на крај ќе види како безмилосно ги краделе неговите пари, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во интервју за весникот ВЕЧЕР. Министерот посочува дека некои од тие предмети ѝ се веќе познати на јавноста, но се водат и други процеси за случаи кои никогаш не биле обелоденети. Тошковски потенцира дека станува збор за случаи со износи кои надминуваат шест нули во странска валута, нанесувајќи штета на буџетот и на парите на граѓаните на Македонија. „За жал, природата на тие предмети е таква и бара повеќе време за реализација и видливи резултати. На пример, во еден таков предмет имаме запленето буквално два камиона документација која се проверува ливче по ливче, со цел квалитетно завршување на предметите, обезбедување докази и крајна реализација на делата на тие големи криминалци“, вели министерот. Тошковски во интервјуто зборува и за безбедносната состојба во земјава, за фалсификуваните сертификати по англиски јазик, за интернет-криминалот, како и за проектот „Safe City“ и криумчарењето на мигранти.

 

Пандорче АНТЕСКА

Последниот период се случија настани кои ја доведоа во прашање безбедноста на граѓаните, бомба во двор сред бел ден, убиства во Арачиново, физички пресметки во автобуси. Каков е Вашиот впечаток за безбедноста и сметате ли дека треба поголемо полициско патролирање?

Безбедносната состојба на целата територија на Македонија е добра, мирна и стабилна, без никакви индиции за нејзино нарушување. Новото раководство на МВР уште веднаш презеде одредени активности со цел заштитување на безбедноста на граѓаните како во Скопје, така и на целата територија на државата. Уште во летниот период на територија на град Скопје, особено во централното градско подрачје, се имплементираше засилено присуство на полицијата, кое континуирано дава подобри резултати. Ако ги споменеме некои од случаите кои беа поекспонирани во јавноста, ќе ја потврдиме таа ситуација. Се сеќавате на убиството кое се случи пред трговскиот центар „Мавровка,“ по кое следуваше експресна и професионална реакција на полицијата и убиецот беше фатен за неполни два часа. Полицискиот билтен изобилува со настани во кои секојдневно се гледа дека кога полициското работење не е обременето со никакви политички притисоци и влијанија, какви што сме имале претходно, и кога професионалните задачи им ги доверувате на вистинските професионалци, резултатите нема да изостанат.

Во централното градско подрачје во Дебар Маало, пред неколку дена сторено разбојништво беше решено за неколку минути, при што разбојниците веќе се во притвор. Ако ги споредиме бројките, на пример, бројот на убиства за 2023 и 2024, ќе видиме дека во 2024 имаме помалку убиства во однос на 2023, со нерешени само две убиства. Исто така, сериозно намалување имаме и во бројот на извршени разбојништва. Претходниот месец имавме во два дена две големи акции, во кои паднаа две различни криминални групи. Во едната беа уапсени околу 14 цариници и бивши полицајци, а во другата цела една група која се занимавала со трговија со дрога, трговија со луѓе, рекет и други криминални активности. Важно е да се напомни дека сите тие криминалци барани во истрагата се обезбедени и ќе се соочат со лицето на правдата, што не беше случај во претходни такви акции. Се сеќавате дека порано при преземање вакви големи акции се случуваше често наjбитни луѓе од тие криминални групи токму тој ден „случајно“ да бидат надвор од земјата, па до ден-денес не се достапни за полицијата. Не дека тоа не е можно да се случи и денес, но редовно се случуваше лидерите на тие криминални групи да не се дома кога полицијата ја изведува акцијата. Криминал имало и ќе има, дури и во најнапредните, најразвиени општества со висок степен на владеење на правото. Важно е како полицијата како орган ќе реагира за да ги заштити своите граѓани и да ги изведе сите оние кои се криминалци пред лицето на правдата.

Фалсификуваните сертификати по англиски јазик потврдија дека има криминална врска на овдешни лица со лица во Бугарија. Дали полицијата побара информации од бугарските колеги, и има ли сомнеж за можен организиран криминал?

Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите дејствија согласно закон, ќе ги провери досега добиените информации за стотици функционери за кои постојат соодветни индиции дека не се во согласност со законските прописи. Министерството за внатрешни работи постапува професионално и неселективно во сите случаи каде што постојат сомневања за незаконски дејствија. Во тој контекст, доколку и во овој случај, за кој Јавното обвинителство веќе отвори предмет, се утврдат факти кои не се во согласност со законските прописи, МВР ќе постапи во согласност со своите надлежности и ќе преземе соодветни мерки.

Последната акција за откривање високи полициски службеници кои соработувале со групи од криминалното подземје покажа дека некои полицајци се „продале“ за пари на наркобосовите. Наведовте повлекување и на други во ланецот. Дали освен полицајци, МВР има индиции и за луѓе од судството, обвинителството?

Ќе следуваат постапки и во иднина, кои ќе бидат насочени кон сите оние кои сториле криминал, а за кои има докази, во рамки на апликацијата СКАЈ. Моите информации се дека доказите се мошне обемни. Се работи континуирано и посветено на повеќе предмети, и од страна на Јавното обвинителство и од страна на МВР. Така, очекувам и други постапки во иднина, со цел оние кои печалеле незаконито на грбот на македонските граѓани да отидат таму каде што им е местото. Конкретно, на пример, во моментот се работи на повеќе предмети со огромна документација и докази. За жал, природата на тие предмети е таква и бара повеќе време за реализација и видливи резултати. На пример, во еден таков предмет имаме запленето буквално два камиона документација која се проверува ливче по ливче, со цел квалитетно завршување на предметите, обезбедување докази и крајна реализација на делата на тие големи криминалци. Станува збор за криминали со милионски суми, за кои народот на крај ќе види како безмилосно ги краделе неговите пари. Некои од тие предмети се веќе познати во јавноста, но се водат и други процеси за случаи кои никогаш не биле обелоденети во јавноста, а притоа постојат голем број основани сомневања за криминали од големи размери. Станува збор за случаи со износи кои надминуваат шест нули во странска валута, нанесувајќи штета на буџетот и на парите на граѓаните на Македонија.

Дали полицијата го лоцира Шевал Муареми? Кој е тој и колкава е неговата поврзаност со наркобизнисот во европските земји и пошироко?

За лицето за кое зборувате, како лидер на една озлогласена криминална банда, МВР има распишано официјална меѓународна потерница и го бара преку меѓународните полициски истражни организации, како ИНТЕРПОЛ. Голем дел од неговата криминална група беше разбиена и приведена пред лицето на правдата во акција што се случи во јануари оваа година. Зошто во таа акција, како и претходно во повеќе акции, ваквите лидери на криминални групи „видовито“ успеваа да знаат кога полицијата има акција за нивно приведување, и токму тогаш не беа дома, беа во странство и слично, е сосема друго прашање и сомнеж. По тоа вршиме и интерни истраги дали и како протекувале, ако протекувале, информации до членовите на криминалните групи. Факт е дека неодамна двајца бивши полициски службеници беа уапсени како доушници кои пренесувале информации до лидери на криминални групи, користејќи ја веќе познатата СКАЈ апликација. Инаку, за организираната криминална група на која тоа лице ѝ бил лидер, потврдените информации говорат дека првично била формирана со цел вршење кривични дела – убиства од безобѕирна одмазда и по нарачка од користољубие. Лицата организатори на истата донесувале одлуки и создавале планови за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот, а своите одлуки и планови ги спроведувале лично или преку припадниците на организираната криминална група. Исто така, оваа организирана криминална група, која дејствувала на меѓународно ниво, организирала набавка на наркотична дрога – кокаин, од земјите на Јужна Америка, пред сè Колумбија, Еквадор, Бразил, Перу и Боливија, и нејзино пренесување до земјите на Европската Унија, а дел бил наменет за наркопазарот во Македонија. Од досега спроведените мерки е утврдено и документирано дека оваа организирана криминална група, во горенаведениот временски период, организирала две набавки и транспорти на кокаин од латиноамериканските држави до земјите од Европската унија и Македонија. Припадниците на оваа организирана криминална група, која делувала не само на национално, туку и на меѓународно ниво, се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во изградба на луксузни куќи, купување недвижности и изградба на луксузни угостителски објекти. Тие објекти ќе бидат предмет на финансиски истраги со цел нивна конфискација.

Декодирањето на транскриптите од апликацијата СКАЈ, која ја користеле осомничените, го отвора прашањето: Има ли полицијата ресурси за откривање на интернет-криминал? Последно имаше случај со детска порнографија на Телеграм. Истражувате ли криминал на овие платформи и за каков криминал станува збор?

Да, МВР има капацитет, но е потребно постојано надградување за успешна борба со сајбер-криминалот. Доказите обезбедени преку оваа апликација се декриптираат и обезбедуваат во соработка со нашите меѓународни партнери – ЕВРОПОЛ и ИНТЕРПОЛ. Веќе имаме реализации, паднати криминални групи и нивни доушници, а истрагата продолжува и во иднина. Не би можел да навлегувам во конкретни информации од актуелни истраги, но секако борбата со сајбер-криминалот е исто така еден од приоритетите на новото раководство на МВР. Поради тоа, во наредниот период ќе има уште поголеми инвестиции во материјално-технички средства и континуирани обуки за вработените со цел да го достигнеме нивото кое го имаат модерните европски полиции.

Криумчарењето на мигранти е секојдневие. Неодамна македонската полиција за акциите беше пофалена од колегите од ИНТЕРПОЛ. Но, криминалот е секојдневие. Како изгледа шемата на криумчарењето?

Ризикот од криумчарење мигранти останува да биде на високо ниво, со оглед дека криумчарењето на мигранти е високо застапена и доминантна криминална активност. Македонија е транзитна земја за криумчарење мигранти. Овој организиран облик на криминал најчесто го вршат криминални групи кои делуваат на локално, регионално, национално, но и меѓународно ниво. Обично делуваат на одредени географски подрачја на државата, најчесто во Гевгелиско- валандовскиот, Струмичкиот и Кумановско-липковскиот Регион. Групите инволвирани во оваа криминална активност честопати вршат активности и во други криминални области, како што се недозволена трговија со дрога, криумчарење акцизна стока и фалсификување документи.

Во текот на десетте месеци од 2024 година, откриените случаи на криумчарење и кривичните дела бележат намален тренд, а намален е и бројот на криумчарени мигранти, кои најчесто потекнуваат од Сирија, Кина и Непал. Модусот на делување на криумчарите е следен: мигрантите се прифаќаат на претходно утврдени и договорени локации во Атина, Грција, од каде организирано се носат во близина на граничната линија со Македонија и пеш остваруваат нелегален влез. Потоа, тие се преземаат со моторни возила, најчесто патнички возила од типот на Фолксваген, Ауди, Мерцедес и Пежо, на кои се поставени регистарски таблички со скопски, гевгелиски, струмички, велешки ознаки, како и ознаки од Косово, Србија и Бугарија. Се транспортираат до северниот дел од државата, во села во близина на границата со Србија. Возачите, откако ќе ги забележат полициските патроли, ги оставаат возилата со мигрантите покрај патот и се даваат во бегство. Рутата на движење на криминалните групи кои се занимаваат со криумчарење на мигранти е патниот правец Гевгелија –Скопје – Куманово, особено магистралните патишта Гевгелија – Демир Капија и Марвинци – Удово. Клучките Богданци, Миравци, Мрзенци, Караслари, како и наплатните рампи Смоквица, Сопот и Демир Капија, се дел од рутата. Дополнително, мигрантите често се откриваат и во регионот на Струмица, селата Костурино и Дабиле, како и селото Јосифово во Валандово.

Камерите на „Safe City“ ќе снимаат од средината на 2025

Наведовте дека следната година ќе почне да функционираат камерите од проектот „Safe City“. Можете ли подетално да ни објасните како ќе оди „ловењето“?

Поставувањето на камерите во Скопје, Тетово и Куманово се очекува да биде завршено до средината на 2025 година. Системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци, како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање. Законските измени ќе бидат во насока на усогласување на нашето законодавство со европското законодавство. Измените се однесуваат на воведување нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои директно се однесуваат на сопственикот на возилото (или оној со правото на користење на возилото) со кое е сторен сообраќајниот прекршок. Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок. Целта на проектот „Safe City“ е да се зголеми безбедноста во сообраќајот, првично на подрачјето на градовите Скопје, Тетово и Куманово, а потоа и низ целата држава, со цел подобрување на безбедноста на граѓаните и намалување на сите видови на криминал.