„Танцот, за мене, претставува моќна форма на самоизразување и поврзување – и со себе и со другите. Тоа е начин на комуникација на емоции и приказни без зборови, создавајќи заедничко искуство што ги надминува јазикот и културата. Во чинот на танцување, постои длабоко чувство на слобода, како и дисциплина, кои можат да ги трансформираат и телото и умот“, вели за весникот ВЕЧЕР, Игор Киров, македонски танчар и кореограф, кој долги години работи за европски танцови компании, а успешно го постави и балетот „Бановиќ Страхиња“ во Белградското народно позориште, претстава, која беше наградена со стоечки овации и долг аплауз

 

Танчарот и кореограф со светско реноме, Игор Киров (1976, Штип), својата балетска едукација ја започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а продолжува на престижната Академија за модерен танц во Ротердам, Холандија. Магистрира на Институтот за уметничка игра во Белград, Србија. Како танчар има работено во многу европски танцови компании, а како кореограф за многу национални балетски куќи и компании низ светот: Македонска опера и балет, Хрватското народно казалиште во Сплит и Риека, Националните театри во Германија, Операта во Грац и Државниот театар во Клагенфурт, Австрија, Градскиот театар во Сент Гален, Швајцарија, Операта во Бордо, Франција, Орландо Балет во Орландо, САД, Масданса на Канарските Острови, Екилибро Динамико во Бари, Италија, Мупа Театарот во Будимпешта, Унгарија, како и Сиданс Фестивалот во Сеул, Јужна Кореја. Во 2007 ја основа својата танцова трупа „The Kirov Dance Company“, со која има освоено бројни награди и признанија. Заедно со Мојца Мајцен, пак, го основа „Balkan Dance Project“, со цел да се поврзат млади и талентирани танчари и кореографи од регионот. Како визитинг-професор, предавал на академиите во Минхен, Скопје, Белград и Токио…

Во Белград, поточно во Београдско народно позориште, минатата година го поставивте балетот „Бановиќ Страхиња“ (Ваша кореографија), со музика на композиторот Иван Илиќ, драматург е Ѓорѓе Косиќ, а насловната улога ја игра Лев Семенов. Дали сте задоволни од самиот процес на работа, изведбата на сцената и реакцијата на публиката?

Пред се, ми беше голема чест и задоволство што директорката на Белградскиот Балет примабалерина Ана Павловиќ ми ја укажа честа да бидам дел од прославата на 100-годишнината од постоењето на балетот во Народниот театар во Белград.

На самиот почеток на јубилејот ја поставив претставата „Поема“ на музика од Станојло Рајчиќ, а една година подоцна за затворањето го поставив националното дело „Бановиќ Страхиња“. Беше предизвик за мене како кореограф, пред сè затоа што е национално дело на друга земја и од мене се очекуваше многу. Дело кое никој досега не го поставил како целовечерна претстава, што за мене значеше  навистина голем предизвик. На претставата работевме речиси една година заедно со тимот врвни уметници, за на крај да го добивме финалниот производ за кој можам да кажам дека сум горд не само на себе, туку и на целиот тим. За мене беше дефинитивно најобемната претстава која сум ја работел вклучувајќи околу 50 танчари  и 100 костими. Процесот беше возбудлив, но и напорен. Возбудлив, пред сè, поради потрагата по начинот на кој ќе се преведе една позната народна песна, чија извонредна сила лежи во убавината на јазикот и стихот, во движење.  Предизвикот за преведување на поезијата во танцова форма овозможи зборовите и ритамот да се трансформираат во телесен израз, откривајќи нови димензии на емоции и значење прикажани во песната. Потребно беше да се прикаже цела палета на емоции – незадоволство, тага, љубомора, гнев, но и сила, упорност и на крајот, проштевање, што всушност е одраз на најголемата сила, а не на слабост. Ова бара внимателно следење и нијанси на развојот на карактерот во текот на целата изведба. Успеавме да ги доловиме приказната за Страхиња и неговиот потег за прошка или казна, а публиката не награди со стоечки овации и долг аплауз.

Долги години работите за европски танцови компании, можете ли да ни кажете нешто повеќе за Вашиот ангажман во претходните години и претставите кои ги поставивте на овие сцени и што е она што посебно остави впечаток на Вас како кореограф?

Во последните неколку години успеав да остварам соработка со многу компании, поставувајќи претстави за Хрватско народно казалиште Сплит, каде што и бев уметнички директор пет години, а воедно ми беше и најголемата отскочна даска во мојата кореографска кариера, давајќи си слобода да го збогатам мојот опус на идеи кој сакав да го остварам како кореограф. Тука би ја издвоил претставата „Дервишот и смртта“ со која балетот на ХНК се здоби со сите награди во Хрватска, а беше работена по музика на Горан Бојчевски. Потоа во ХНК во Риека претставата „Писма за него“, работена по повод 100 години од раѓањето на композиторот Леонард Бернштајн, претставата „Патот на свилата“ во Националниот балет во Ташкент во Узбекистан, потоа во Народно позориште во Нови Сад, како и во Белградското народно позориште. Исто така работев на претставата, „Тhe Cube untold“ за Kannon Dance од Санкт Петербург во Русија, за државната компанија во Дрезден Германија претставата „Сенки“, за „MN dance company“ во Словенија со „Граници“, а во  Орландо балет во САД, „Помеѓу нас“. Во Ерменскиот национален балет работев на претставата „Патишта“, а за „Балкан Денс проект“ – претставата „Сви марш на плес“, според музика на „Бијело дугме“, додека за легендарниот Бољшој балетот во Москва – дуетот „Каде потоа“.

 Многу помалку можеме да Ве видиме на македонската сцена. Каква е Вашата врска со балетската сцена во Македонија во изминатите години?

Многу помалку, или воопшто. Тоа не зависи само од мене, јас не ги диктирам репертоарските политики на Националниот балет на Македонија. Мојата последна претстава „Црвена соба“ беше поставена пред 9 години, на сцената на тогашната  Македонската опера и балет, а претставата „14 часа“ во 2013, за да веќе од 2017 и двете бидат тргнати од репертоарот. По сè изгледа, за тогашната дирекција моите претстави не беа доволно квалитетни за да бидат задржани на репертоарот и пак ќе кажам можеби за нивните високи стандарди не бев доволно квалитетен кореограф за да направам било што друго во изминатите 9 години. Во моментов Националната опера и балет има нова дирекција и се надевам дека новата репертоарска политика има нови визии и идеи во кој правец треба да се движи еден национален балет. Доколку бидам дел од таа нова динамична енергија ќе ми биде задоволство да создадам нешто и за домашната публика, а доколку не, да сме живи и здрави, јас ќе продолжам и понатаму да творам, а македонската публика ќе мора да почека некои подобри времиња.

Каде сте ангажирани во моментот, дали веќе работите на нов проект и дали може да ни откриете некои детали?

Моментално сум во последните подготовки за мојата нова премиера закажана за 31. јануари за балетот во Националниот театар во Хоф, Германија. Претставата е „The creatures of Prometheus“ на музика на Бетовен, заедно со синфонискиот оркестар на театарот под диригентската палка на Петeр Катерман од Берлин. Костимите и сценографијата се на Франк Алберт од Нинберг, а во претставата е ангажиран целокупниот балетски ансамбл од 20 играчи. Балетот е алегорија базирана на митската приказна за Прометеј, кој украл оган од Зевс за да го создаде човештвото од глина. Во балетот, Прометеј го затекнува човештвото во состојба на незнаење и одлучува да им ги воведе идеите на науката и уметноста, главно засновани на сопствената поддршка на Бетовен на движењето на просветителството. Прометеј ги запознава луѓето со Аполон, богот на уметностите, кој им заповеда на Амфион, Арион и Орфеј да учат музика, а Мелпомена и Талија да подучуваат трагедија и комедија. Луѓето се среќаваат и со Терпсихора, којa заедно со Пан ги запознава со Пастирскиот танц, по што Дионис го воведува својот херојски танц…

Какви се Вашите планови за 2025 година, дали веќе имате во најава некакви ангажмани и во кои држави?

Освен премиерата која веќе ми е закажана за крајот ма јануари овде во Германија, до крајот на 2025 имам уште две целовечерни претстави, едната е средина на јуни, претстава насловена како „Ајде“ во Будва, Црна Гора. Ова е копродукција на „Балкан денс-проект“ и „Motion Network“ заедно со Јадранскиот фестивал на игра во Будва. Со мене како кореограф се појавува Бојан Мицев македонски танчар кој веќе неколку години работи во Германија. Третата премиера е закажана за крајот на септември во Перм, Русија, каде што ќе го поставам балетот „Реквием“ од Моцарт за компанијата на Евгени Панфилов. Помеѓу секогаш имам резервирано предавања по месец дена во двата семестри на академијата во Љубљана „Alma Mater Europaea University “ (март и октомври) каде што сум визитинг професор по модерен танц, креативност и композиција. Моментално сум се уште во преговори за уште една премиера која треба да се одржи крајот на декември за кој не можам да откријам повеќе детали.

 За крај, што за Вас претставува танцот и дали го остваривте својот сон или остануваат нови предизвици кон кои се стремите?

Танцот, за мене, претставува моќна форма на самоизразување и поврзување – и со себе и со другите. Тоа е начин на комуникација на емоции и приказни без зборови, создавајќи заедничко искуство што ги надминува јазикот и културата. Во чинот на танцување, постои длабоко чувство на слобода, како и дисциплина, кои можат да ги трансформираат и телото и умот. Што се однесува до тоа дали го постигнав мојот сон или сè уште се стремам кон нови предизвици, мислам дека убавината на танцот лежи во неговата континуирана еволуција. Секогаш има нешто ново за истражување, без разлика дали тоа е различен стил, подлабоко разбирање на движењето или начинот на кој танцот се поврзува со поголемите теми во животот. Да танцувам, би рекол дека сонот никогаш не е целосно „остварен“ затоа што секогаш има нешто повеќе да се научи и нов начин да се поместат границите.

Даниела ТРАЈКОВСКА

Фото: Жељко Јовановиќ

 

ИЗДВОЕНИ