Дежурните екипи од Зимската служба на Град Скопје и јавното претпријатие „Улици и патишта“ во вчеравечер интервенирале со фрлање 45 тони индустриска сол, фрлена на критичните точки на подрачјето на градот
-Интервенирано е со фрлање на 45 тони индустриска сол на сите критични црни точки и на поголемите булевари и улици во градот со седум специјални возила на Град Скопје. Се чистеа првите снежни наноси на булеварот „Александар Македонски“, улиците: „Радишанска“, „Индира Ганди“, „Коце Металец“, како и „Христо Татарчев“, на последна автобуска постојка број 24 – соопштија од ЈП „Улици и патишта“.
Оттаму додаваат дека координираните активности за зимско одржување на улиците во надлежност на Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ продолжуваат со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал.
-Градот Скопје и јавните градски претпријатија за претстојната зимска сезона 2023/2024 обезбедија околу 3.500 тони индустриска сол, од кои околу 1.000 тони се залиха од минатата зимска служба. Обезбедени се и 200 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини. Со Програмата се предвидени обемот, динамиката и нивото на одржување на улиците, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на градските сообраќајници во зимски услови. Кoловозните ленти при одржувањето во зимски услови ќе се расчистуваат според приоритети, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот /стопански објекти/ – велат од ЈП „Улици и патишта“.
Преостанатите јавни претпријатија се задолжени во рамки на Програмата и своите надлежност да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни потпрограми за расчистување на јавни површини во зимски услови.
Кризниот штаб апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата, благовремено да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавна чистота ќе изрекуваат казни. Посебно се апелира до возачите да ја почитуваат законската регулатива за задолжително користење зимски пневматици, со што ќе придонесат во организирањето на оптималната безбедност на сообраќајот во зимски услови.
Потсетување за граѓаните дека за расчистување на сервисните улици надлежни се општините.