Интерпелацијата на членовите на РСС пред пратениците: Недовербата испорачана, се чекаат оставките

355
Со обвинувања од владејачкото мнозинство за работата на членовите на Судскиот совет и нивниот придонес за ниската доверба во судството и одбрана на својата професионалната чест на поранешната претседателка на советот, Весна Дамева, помина седницата за интерпелација во Собранието. Пратеничките групи на СДСМ и коалицијата Европски фронт ја напуштија седницата по нејзиниот говор, а интерпелацијата ја поддржаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и Левица.

 

Пратениците вчера дискутираа по поднесените интерпелации од страна на владејачкото мнозинство во Парламентот за петтемина членови на Судскиот совет избрани од минатата власт. Зад интерпелациите стојат 67 пратеници, а се однесуваат на членовите Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми.

– Ги повикувам членовите, по изгласаната недоверба за нивното работење, да покажат доблест и сами да се повлечат од функциите, бидејќи овие интерпелации се во насока на извлекување од ситуацијата во судството во која токму тие нè втурнаа, а тоа е 2 % доверба кај граѓаните, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, на почетокот на седницата, по што ги набројуваше судските случаи за несреќата на „Беса транс“, за модуларната болница во Тетово, струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кои сè уште нема судска разрешница.

–Одговорноста е кај оние кои со своите надлежности треба да изберат квалитетни судии, ама и да ги разрешат оние кои со своето коруптивно однесување го загрозуваат судството, а вашето непостапување (обраќајќи и се на Весна Дамева) им помогна во тоа, ја отвори дискусијата пратеникот Сајкоски.

Прва интерпелација на дневен ред беше на поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше единствена од петтемина која присуствуваше во собраниската сала. Пред пратениците рече дека уште од нејзиниот избор во СС била спремна на напади, навреди и омаловажувања.

–Мора ли да газите по живи луѓе, ги запраша Дамева пратениците од владејачкото мнозинство и обвини за директно мешање на политиката во судството.

–Гордо стојам тука пред вас, очигледно за последен пат бидејќи мандатот ми завршува за девет месеци, не дојдов да се правдам, туку да се спротивставам на селективната правда и да укажам дека нема колективна туку само индивидуална одговорност, рече Дамева од собраниската говорница. Според неа, од 67-те пратеници кои застанале зад барањето на интерпелацијата немало ниту еден потпис, туку тие биле доставени на дополнителни листови што, како што рече, покажува дека потпишувале бланко интерпелација, без да знаат што ќе стои во неа.

-Можам да ги замислам како чекаат во ред да се потпишат на бланко интерпелацијата, покрената од „моќникот“ Антонио Милошоски, (мислејќи на предметот „Моќник“ на поранешното СЈО за Милошоски), кој од ТВ дебата ми се закани со кривична одговорност. Ве прашувам сега – кој е неетички, пратеникот или јас како членка на Судскиот совет? Дали тој со оваа интерпелација придонесува за владеењето на правото? – праша Дамева и ги потсети дека и во 2016 не бил усвоен извештајот за работата на Судскиот совет од времето на „тефтерчето“на поранешната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, па за членовите не биле поднесени интерпелации.
Својот одговор пред пратениците, Дамева го поткрепи со теорија од учебници и научни трудови на професорот по Уставно право, Светозар Шкариќ, во кои пишувало дека интерпелацијата се користи само како политички инструмент за контрола на Владата и нејзините членови, па пратениците преку седницата прават преседан и упад во уставниот поредок.

– Рецензент на тие трудови била актуелната претседателка Гордана Сиљановска Давкова, па ја прашувам кога е во право, тогаш како професорка или сега кога ја наведнува главата пред политиката, рече Дамева, на чиј говор реплицираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, нарекувајќи го политички, а таа се претставува како жртва. Веднаш потоа Весна Дамева ја напушти салата на собранието.

Пратеникот Оливер Спасовски ја обвини власта за кршење на Уставот

-Зошто е неуставна интерпелацијата? Затоа што, член 68 од Уставот предвидува интерпелација на оние кои одговараат пред Собранието, Владата, поедини членови на владата и други носители на јавни функции кои се одговорни пред Собранието. На членовите на Судскиот совет одговорност може да утврдува само Судскиот совет, бидејќи тој е уставна категорија и претставува самостојно и независно тело во судството. Затоа поднесените интерпелации како механизам за политичка контрола на Собранието над субјектите од горецитираниот член е преседан и недозволен акт во една демократска држава, упад во судството, кој ја урива темелната вредност на уставниот поредок на поделба на државната власт, обвини Спасовски по што пратеничката група на СДСМ ја напуштија седницата, а по нив и тие од коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ.

Мнозинството остана само да ја критикува работата на членовите на Судскиот совет, по што со повеќе од 75 гласа изгласаа нивната недоверба. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ