Интерпелациите во рацете на членовите на Судскиот совет – прво анализа, па став

13

Членовите на Судскиот совет за кои се подготвува терен – преку интерпелација во Собранието да се натераат сами да поднесат оставка од функцијата – ги добиле аргументите од пратениците на владејачкото мнозинство за својата одговорност за состојбата во правосудството. Тања Чачарова-Илиевска, член на Судскиот совет, ја примила интерпелацијата, но немаше конкретен одговор дали ќе поднесе оставка, бидејќи интерпелацијата не го наложува тоа. Но, доколку се изгласа недоверба, тоа ќе значи дека оние што ја избрале веќе не сметаат дека треба да биде дел од највисокото судско тело.

– Не сум подготвена за став сега. Ја прочитав, но немав можности за добро да ја разгледам. Тоа што ми падна в очи дека тоа не е за интерпелација на Тања Чачарова-Илиевска на Судскиот совет, туку упатува за интерпелација на Судскиот совет. Упатува на колективна одговорност. Јас кажувам дека одговорноста мора да биде индивидуална, иако Судскиот совет е колективно тело. Сите ние гласаме и зависно на секој засебен глас, се носи одлуката.

Сметам дека треба добро да анализирам, па дури тогаш ќе имам одговор на вашето прашање за оставка – изјави Чачарова-Илиевска по завршувањето на седницата на Советот.

И поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, ја добила интерпелацијата, но за да изгради став, вели дека треба да ја анализира содржината.

– Интерпелацијата, која е поднесена во Собранието, ја добив во вторникот и сум во фаза на анализирање на причините и, генерално, на нејзината содржина. Во моментот кога ќе изградам мој став, сигурно ќе ѝ биде соопштен и на јавноста. Јавноста нема да остане без моето произнесување – рече Дамова.

Во однос на очекувањето на премиерот Христијан Мицкоски членовите на Судскиот совет да бидат доблесни и сами да поднесат оставка доколку Собранието изгласа интерпелација, Дамева немаше конкретен одговор.

– Оставката е личен чин и се поднесува само во случај ако постојат оправдани причини за тоа – вели Дамева.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, официјално ги извести членовите на Судскиот совет, Весна Дамева, Тања Чачарова-Илиевска, Милазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, дека е побарана интерпелација за нив. Петтемина беа избрани за членови на Судскиот совет во Собранието. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ