Интернет измамите на Балканот стануваат се почести, а измамниците се се поинвентивни. Со измислување нови начини за крадење пари од корисниците на интернет, тие секогаш одат чекор пред оние кои ги гонат.
Српските медиуми деновиве пренесоа случај на ограбен човек со предупредување до граѓаните за измама која кружи на интернет што може да ги остави без пари. Жртва на новата измама е човек кој добил известување од банката дека од сметката му се подигнати 199 евра, што го вознемирило, зашто немал такво плаќање. Се обратил до банката, па сега чека да види што ќе се случи. Во меѓувреме својот случај го изложил во фејсбук-групата „Интернет измамници“ („Преваранти са интернета“), при што бил опсипан со лавина коментари и објаснувања од членовите.
-Ми треба помош. Некој ми ја хакираше картичката и ми извади 199 евра од сметката, а јас добив само порака од банката. Дали некој имал слично искуство? Бев денес во банка и пишуваа полициски извештај. Сега чекам да видам што ќе се случи, гласи објавата на корисникот на фејсбук-страницата.
Коментарите, пак, откриваат дека многу граѓани паднале на истата измама.
-И мене ми се случи истото. Поднесов пријава и банката ми ги врати парите. Порано сте се рекламирале преку тој ФБ налог и сте плаќале со таа картичка. Тие прво го хакираат Фејсбук, па почнуваат да земаат пари. Во мојот случај, мојот сопруг имаше страница на Фејсбук, на која повремено се рекламираше, а ние ја плативме рекламата со мојата картичка. Така ми ги зедоа парите, се вели во коментарот на една жена.
Меѓу луѓето кои ја коментираат објавата на измамениот граѓанин има и такви кои велат дека и самите биле жртви на таква измама, па му даваат совет како да постапи понатаму.
-Откажете ја картичката и отворете нова. Пријавете го во банка и тие ќе ви ги вратат парите. Мене ми земаа 160 евра, советува еден член на фејсбук-групата „Интернет измамници“.
Српските граѓани освен оваа, имаат уште две фејсбук-групи преку кои алармираат на фејсбук-измами, разменуваат искуства и бараат совети. Најголем дел од објавите се однесуваат на измамите што ги прават интернет продавниците на „Фејсбук“. Граѓаните пред да купат нешто прашуваат дали трговецот е коректен, односно дали го испорачува купеното и дали е со ист изглед и квалитет како тоа на сликата. На страниците можат да се најдат безброј поплаки од измамени купувачи кои платиле едно, а добиле нешто сосема друго. Исто така, се жалат и трговци кои велат дека им се случува да го испорачаат производот, но нарачателот да се крие и да не сака да го подигне.