Екипите на Интер и на Арсенал се последните патници во полуфиналето на најквалитетното клупско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите. „Нероазурите“, по голема драма, го добија Баерн од Минхен, додека далеку полесна задача во реваншот имаше Арсенал во дуелот против Реал Мадрид.
По 2:1 во Минхен, Интер, на инфаркт-натпревар, успеа да ја задржи резултатската предност на вториот меч одигран на „Џузепе Меаца“ и со 2:2 (вкупни 4:3) го мина баварскиот гигант.
Баварците имаа три одлични шанси во судиското продолжение, но не успеаја да ја затресат мрежата.
- Ова беше дефинитивно епски натпревар, кој долго ќе го паметиме бидејќи Интер покажа огромни ма*иња. Вложивме толку многу труд за да одиме понатаму. Никогаш не се откажуваме, имаме и срце и глава – изјави Лаутаро Мартинез, стрелецот на голот за израмнување за Интер.
Ова е второ полуфинале за Интер во Лигата на шампионите во последните три сезони. Пред две години, играше на мечот за трофејот, а подобар од него беше Манчестер сити.
Избраниците на Инзаги сè уште се во игра за „триплета“ сезонава, покрај Лигата на шампионите, во Италија се во трка и за „скудетото“, а се пласираа и во полуфиналето на националниот Куп. Оваа сезона, очигледно, може да биде историска за нив.
Сега следува спектакл со шпанскиот гигант Барселона, кој оваа сезона е прероден и игра феноменално под палката на Ханси Флих.
- Секоја година започнуваме со верба дека можеме да освоиме сè. Во спротивно, немаше да се занимаваме со овој спорт. Им благодарам на сите, благодарност до стручниот штаб, соиграчите, навивачите, кои се нашиот 12. играч. Што се однесува до Барса, таа е голем противник со голема историја. Сега треба да се фокусираме на следниот натпревар, а потоа ќе размислуваме за Барселона – додаде Лаутаро.
Пред мечот со Каталонците, „нероазурите“ ги очекуваат три тешки предизвици во Серија А: Болоња (гости), Милан и Рома (дома).
Последниот полуфиналист, екипата на Арсенал, повторно го совлада актуелниот шампион, Реал Мадрид, овој пат на гости со 1:2 и со вкупни 5:1 обезбеди место меѓу четирите најдобри. Тренерот на „кралевите“, Карло Анчелоти, изјави дека тимот на Арсенал бил подобар на двата натпревара, но дека неговите играчи одиграле со поголем интензитет на реваншот.
- Арсенал беше подобар од нас на двата натпревара. Се обидовме со сите сили на реваншот. Арсенал добро се бранеше и ни беше тешко да најдеме простор. Мислам дека бевме подобри во однос на интензитетот, но не беше доволно тоа. Мораме да ги прифатиме резултатот од двата меча и лошите работи што ќе се случат. Мораме да ја кренеме главата, затоа што бевме многу добри на ова натпреварување во последните неколку години. Во спортот, може да се случи тоа, затоа што нема непобедливи тимови. Бев јасен со моите играчи. Мораме да ја држиме главата горе, мора да научиме од ова и да се бориме за следниот натпревар – истакна дон Карло, кој го насочи своето внимание кон борбата за титулата во Ла Лига и Купот на Шпанија. Од друга страна, Арсенал го очекува пеколно полуфинале со ПСЖ.
Инаку, Анчелоти уште еднаш покажа дека е вистински џентлмен и го прифати поразот од Арсенал, кој беше доминантен на двомечот, а за тоа најдобро зборува изјавата на Микел Артета по натпреварот.
Тој не го криеше задоволството од, веројатно, најголемата победа во својата тренерска кариера досега и откри дека веднаш по натпреварот му пришол Карло Анчелоти и му упатил јасна порака.
- Анчелоти дојде кај мене веднаш по завршувањето на натпреварот и ми кажа дека се надева дека Арсенал ќе ја освои Лигата на шампионите – откри Артета.
Првите полуфинални натпревари се закажани за 29 (Арсенал – ПСЖ) и за 30 април (Барселона – Интер), додека реваншите ќе се одиграат една недела подоцна.