Тринаесет општини до Министерството за животна средина и просторно планирање ги доставиле извештаите од акциите за почист воздух, согласно со „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025 година“ и обврските.
Според извештајот од Град Скопје, инспекторите за животна средина работат и во втора смена и спровеле теренска обиколка на инсталации детектирани како потенцијални извори на загадување. Комуналната инспекција организирала дежурство 24/7, на територијата на Град Скопје, и спроведува редовни контроли на ЈП „Водовод и канализација“ за одржување на атмосферската канализација и атмосферски шахти и сливници и на градилиштата.
-Комуналната инспекција и инспекцијата за животна средина вршат секојдневни превентивни контроли за палење смет и друг вид на отпад на отворено и спроведуваат организирано дежурство 24/7, на локациите со потенцијал за оган на отворено – се наведува во извештајот од Град Скопје.
Скопската општина Центар пак известува дека, исто така спроведува зачестени инспекциски надзори на инсталации кои подлежат на Елаборат за животна средина и користат различни енергенси за греење или подготовка на храна: ресторани, сендвичарници, сервиси за миење возила и автоперални.
-Дел од субјектите се задолжени со елаборат или им се предложени други технички мерки и решенија. Извршени се и вонредни надзори на приватен имот, напуштени дворови, подруми и гаражи, каде што има оставен отпад, со цел да се спроведе чистење и да се спречи палење на отпад, пожари и сл. – потенцираат во извештајот од Општина Центар.
Додаваат дека се поставени прочистувачи на воздух во градинките и основните општински училишта и филтри на прозорците во сите градинки, дека редовно се чистат и мијат улиците, зависно од временските услови и се расчистуваат дивите депонии. Воедно, во изминатиот период од 09.01.2025 година, започнале и со редовно чистење на атмосферските шахти и миење на сервисните улици на нејзината територија, а го спровеле и проектот: „Цел Центар на точак“, преку кој се доделени 140 субвенции за велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети.
-Направена е и контрола на повеќе активни градилишта, на територија на населбите: Водно, Буњаковец, Дебар Маало, Центар и Пролет, во однос на спроведувањето мерки за миење на тркалата од возилата, камионите и багерите, како и на одржувањето на јавната чистота на улиците околу градилиштата и изречени се глоби за вклучување на моторни возила со валкани тркала на коловоз – стои во извештајот од Општина Центар.
Од Општина Гази Баба пак ја споменуваат неодамнешната акција во населено место Кирил Петрушевски (Вардариште), во која биле подигнати 1 тон отпадни гуми кои населението ги користи за загревање. Исто така, по пријави за оган на отворено, службите интервенирале и седум пати во домот „Ранка Милановиќ“.
Извршен бил и увид во три автомеханичарски работилници поради опасност и превенција од согорување на отпадно масло и не биле констатирани неправилности, но и увид на две локации (Ченто и Инџиково), по пријава за согорување на отпад во домашни ложишта и изречени се опомени. Инспекциските служби направиле обиколка и проверка и на градилиштата за почитување на обврските во однос на јавната чистота.
Во Општина Шуто Оризари се спроведувало редовно чистење на улиците и тротоарите, но и на локални депонии, а била воведена и сменска работа на комуналните редари за време на грејната сезона, за да се спречи палење на огнови на отворено. Исто така, спроведувале и контроли на фирми со одобрен елаборат за животна средина, како и на активни градилишта. Оствариле и соработка со полицијата за ограничување на движење на тешки товарни возила.
Освен овие скопски општини, меѓу 13 кои доставиле извештаи се и: Прилеп, Тетово, Велес, Штип, Крушево, Ранковце, Охрид и Богданци.
(А.П.)