Инспекторите за животна средина на Градот Скопје заедно со комуналните инспектори, изминатата недела санкционирале со изречени казни над 30 сторители.
Од Град Скопје информираат дека инспекцијата за животна средина на Град Скопје, по пријава на граѓани извршила вонреден инспекциски надзор на деловен простор на правниот субјект „Гудисимо“ ДООЕЛ во Гази Баба, каде утврдила согорување отпад, со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните.
-Во рамки на вонредната контрола на терен инспекциски служби на Град Скопје при надзор на правниот субјект „Гудисимо“ ДООЕЛ, констатираа дека тој спротивно на правилата за управување со отпад, во горилник покрај струготини согорува пластичен и друг неоргански отпад, за што му се изречени две казнени мерки – објаснуваат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека инспекторите на Град Скопје ќе продолжат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина.
-Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните – потенцираат градските власти.
Додаваат дека годинава се поднесени повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани.
Градските власти апелираат до Владата и Министерството за животна средина на овој проблем да му пристапат сериозно, да реагираат на пријавите на градот Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад низ градот што е казниво и според Кривичниот законик, но и едновремено да ги ангажираат и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите.