Инспектор утврди незаконско градење во Струшката чаршија

36

По барање за вонреден инспекциски надзор, поднесен од пратеничката од партијата Левица, Јована Мојсоска, овластен градежен инспектор констатирал дека објект во самиот центар на градот, во Старата струшка чаршија, се гради незаконски и спротивно на Законот за градење.

Инспекторот издал решение за стопирање на градбата и е даден рок за усогласување од страна на инвеститорот.

– Левица и претходно алармираше дека инвеститорот узурпира и земјиште во сопственост на државата, но од Државното правобранителство засега нема реакција, иако токму овој орган е надлежен да ги застапува и да ги брани интересите на државата – соопштија од партијата.

Од Левица апелираат ОВР Струга веднаш да иницира постапка за кривичното дело бесправно градење и ОЈО Струга да поднесе обвинителен акт.

– Ја известуваме јавноста дека Левица ќе продолжи да го следи овој случај, со цел да не се забошоти и повторно да никне уште една дивоградба во срцето на Старата струшка чаршија – информираат од партијата.